verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите треба да го препознаат профилирањето

on 14 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Расното, родовото, етничкото, верското или друг вид профилирање, што своите корени ги има во некој од можните основи на дискриминација, претставува практика која може да биде многу опасна за еднаквото практикување и заштита на правата и слободите на луѓето.

2655963633_f23f58a377_z

Кампања против етничко профилирање – Европски Парламент, Стразбур, 2009 година, Фото: Jyotaro

 

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

По дефиниција, профилирањето значи употреба на одредени карактеристики или обрасци на однесување и постапување,  со цел генерализирање, обопштена оценка за одредена личност. Од едната страна на профилирањето е индивидуата која се сместува во одредена рамка, а од другата страна е оној кој го дефинира сопственото однесување кон таа индивидуа, токму врз основа на рамката во која е сместена.

Само по себе профилирањето не можеме да го наречеме позитивно или негативно, освен кога е непосредно поврзано со етикетирање и/или стигматизирање. Меѓутоа, за да се направи неопходното и неизбежно обопштување, исто толку неопходното и неизбежно симплифицирање (поедноставување) на карактеристиките што ја определуваат одредена личност, а кое често се базира на стереотипи, што понатаму ја отвора вратата на предрасудите и на дискриминацијата или говорот на омраза. Расното, родовото, етничкото, верското или друг вид профилирање, што своите корени ги има во некој од можните основи на дискриминација, претставува практика која може да биде многу опасна за еднаквото практикување и заштита на правата и слободите на луѓето.

 

Опасна практика

Профилирањето често се користи од полицијата како симплифицирана алатка за одредување на веројатноста одреден човек да биде инволвиран во нелегални/противзаконски активности. Овој вид профилирања во пракса може да значи диспропорционално поголема можност припадник на одредена група луѓе да биде изложен на истрага и присила, непријателски однос на органите на правосудството и осуда, или, во најмала мера рамнодушност на јавноста. Први на удар на ваквите практики доаѓаат пресумпцијата на невиност и еднаквоста пред законот.

На пример, изразот “невин го натепаа“, во себе содржи сместување на одреден човек во категоријата невини кои не треба да бидат тепани. Тоа води кон заклучок дека виновните може да бидат тепани, односно, јавноста ќе го прифати тепањето од страна на полицијата, на пример, доколку станува збор за некој виновен. Тоа понатаму може да значи дека за да го оправда противправното делување (тепање), полицијата треба само некого да го прикаже како виновен, односно да создаде профил на човекот кој нема да наиде на симпатии кај јавноста.

За постигнување на оваа цел, на полицијата и се потребни медиумите. Една од најчестите практики на полицијата е во комуникацијата со медиумите да изнесат податоци кои се или дел од веќе постоечко досие на осомничениот или многу тешко можат да бидат проверени, меѓутоа, создаваат негативна слика за човекот.

 

Интересни или фер медиуми

Медиумите ја имаат тешката задача и покрај предизвикот да бидат интересни, екстравагантни и шокантни, да го лимитираат објавувањето на овој вид податоци или барем да ја идентификуваат неправилноста кај органот кој ги дал.

Најчестиот пример на полициско профилирање кое го мултиплицираат медиумите е содржан во изразот “Пријавениот е познат сторител на кривични дела…“, или “Инаку, А.И. од претходно е познат на службата, и СВР Куманово му има поднесено кривична пријава …“. На овој начин се постигнуваат две цели:

  • Прво, полицијата добива кредити заради борбата со криминалот; и
  • Второ, јавноста е на страна на полицијата, а не на страна на човекот кој е објект на делувањето на полицијата.

На пример, и насловот “Полицијата уапси познат криминалец во Скопје“, и содржината на написот изобилуваат со податоци кои создаваат одреден профил на човек кој подолго време се занимава со трговија со дрога и “е познат како извршител на повеќе видови кривични дела: „убиство“, „кражби“, „тешки кражби“, „напад на ОСЛ“ и други“.

Сличен облик на профилирање може да се види и во сторијата под наслов “Кривични пријави за тешка кражба за тројца скопјани“. Со цел да се потврди позитивното работење на полицијата и да се сведе на минимум можноста од поставување прашања во врска со процедурите и почитувањето на законите од страна на полицијата, на јавноста и се посочува дека осомничените:

“минатата недела извршиле уште една тешка кражба во куќа на улица „Рилски конгрес“. Од домот одзеле еден лап топ компјутер, дрвена и метална кутија во која имало еден рачен часовник марка „Касио“ и бижутерија.“, односно,

“Лицата Д.М., М.К. и Џ.Р. и се познати на полицијата и по други кривични дела. СВР Скопје работи на расчистување на други дела извршени од страна на овие сторители.“

Најкарактеристична е сторијата под наслов “Откриен погон за пакување дрога во Тетово“ во која е дадена информацијата дека:

“Тетовската полиција го уапси 54-годишниот Нашид Б. од Тетово, кој на полицијата и е познат од претходно, како извршител на различни кривични дела.“

 

Дрога ли е, „прашкаста материја“ ли е?

Ваквото профилирање на осомничениот, треба да го одврати вниманието на јавноста од фактот дека во домот на осомничениот е откриена “прашкаста материја“ која дополнително треба да се вештачи (за да се открие дали станува збор за дрога или не), празни кеси и дигитална вага (по своја прилика не постои домаќинство без „прашкаста материја“, празни кеси и вага, макар и да не е „дигитална“). Тоа што според полицијата станува збор за „познат криминалец“, ги оправдува и акцијата и процедурата и изнесувањето на податоците и поседувањето на прашкаста материја, празни кеси и дигитална вага се претвора во постоење на погон за пакување дрога..

Со актот на профилирање, кој понатаму се дисеминира од страна на медиумите, се намалува можноста јавноста да поставува прашања:

  • Дали навистина станува збор за човек кој се бави со трговија со дрога или станува збор за зависник кој имал дрога за сопствена употреба?
  • Дали полициската акција била спроведена согласно законите и прописите?
  • Со кое право се изнесуваат податоци од нечие досие, кои, според законот, би требало да бидат заштитени?
  • Дали човекот бил осуден за спомнатите претходни/други дела или пак само осомничен или обвинет, а потоа, можеби и ослободен од вина?
  • Дали изнесувањето на сиве овие податоци не претставува клевета?

 

(Продолжува)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Медиумите треба да го препознаат профилирањето

  1. Pingback: Рецензија: Џорџ Сорос стана сопственик на Млекара Битола?!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести