verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите на опашката на Договорот од Пржино

on 11 - 12 - 2015       
За решенијата во медиуската сфера ќе почекаме. Новинари и сниматели пред Клубот на пратениците. Фото: Мета
За решенијата во медиуската сфера ќе почекаме. Новинари и сниматели пред Клубот на пратениците. Фото: „Мета“

 

Преговарачите на политичките партии сè уште имаат дијаметрално различни ставови за прашањето на медиумите. Според информациите од преговарачкиот процес, копјата се кршат околу реформите во МРТ и во Агенцијата за медиуми.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Медиумите, како сфера за која треба да се преговара во работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, иако се значаен момент за фер и за демократски избори, сепак се најдоа на крајот од процесот и од преговорите. Иако се очекуваше сето ова да оди глатко и да се реши за кратко време, со оглед на тоа дека се работи за правила кои се речиси единствени во секоја демократска земја, разговорите излегоа од колосек.

Разговорите за медиумите, иако не се директно посочени во Договорот од Пржино, се дел од забелешките на поранешниот директор во ЕК, Рејнхард Прибе, и така станаа дел од разговорите и во работните групи.

 

ШТО ЗАБЕЛЕЖА ПРИБЕ

Во извештајот, пак, стои и дека во последните индекси на слобода, како што се оние на „Репортери без граници“ и „Фридом хаус“, слободата на медиумите во Македонија го достигна најниското ниво:

„Слабите рангирања се одразуваат на медиумската заедница која е песимистички настроена дека може да се избега од контролата на државата, политизацијата и од економското деградирање на медиумите. Медиумската криза ги лишува новинарите од нивната способност да работат професионално и без страв, а медиумските сопственици и приватни огласувачи ризикуваат политичките сили да им се одмаздат доколку не ги поддржат нивните агенди. „Розовото светло“ доминира во медиумите, во смисла што заканите, недостигот од работни услови за новинарите и финансиската нестабилност за медиумските компании, ги прави зависни од владините реклами и произведуваат амбиент на страв кој го охрабрува самоцензурирањето.“

Оттаму произлегоа и препораките според кои:

„Сите медиуми мора да бидат ослободени од каков било политички притисок без мешање и закани, а медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и на политичките партии. Јавниот национален сервис треба да настојува да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да придонесе за информирање на граѓанството.“

Преговарачите, пак, на политичките партии сè уште имаат дијаметрално различни ставови за ова прашање. Според информациите од преговарачкиот процес, копјата се кршат околу реформите во МРТ и во Агенцијата за медиуми.

Провладините медиуми објавија документ според кој предлогот на СДСМ е таа партија да предлага три члена од Советот на Агенцијата за медиуми. Според медиумите, во членот 19 од Законот, СДСМ бара претседателот на Агенцијата за медиуми да го избира Собранието по предлог на опозицијата.

Во еден ваков момент, кога сме мета на напади, ние ќе бидеме коректни и нема да издаваме за тоа што се преговара во работните групи. Резултатот ќе покаже кој бил во право и кој е за демократија, а кој не“, вели Роберт Поповски, претседател на работната група на СДСМ во преговорите на политичките партии во сферата на медиумите.

4599mala-150„Предлозите што ги достави СДСМ се базираат на сите извештаи што досега се доставени за состојбите во медиумите во извештаите на ОБСЕ и на ОДИХР, извештајот на Прибе. Преговараме во Клубот на пратеници поради катастрофалната состојба во која се наоѓаат медиумите. Таа состојба е создадена во времето на оваа власт. ВМРО-ДПМНЕ е на чело на оваа држава речиси 10 години. Тоа што дел од медиумите дозволуваат да бидат курири на оваа власт, што слушаме дека од 12 прилози во вестите седум се по нарачка на кабинетот на премиерот, што дозволиле да бидат политички експозитури, а не медиуми, тоа е нивен проблем и затоа тоа треба да го регулираме“, нагласува Поповски.

 

ВМРО-ДПМНЕ ПРОТИВ ВАНХАУТЕ

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, во работната група се разговара околу предлогот на посредникот Питер Ванхауте, кој беше споделен со јавноста минатата недела. Начелно, предлогот е прифатен од двете албански партии и од СДСМ, а единствено ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на тие решенија со разни изговори.

n selmani„За нас предлогот на Ванхауте е прифатлив затоа што во него се вградени најголем дел од нашите забелешки. Треба јасно да се истане дека владините реклами ќе бидат забранети со закон, а кампањи од јавен интерес ќе можат да се објават бесплатно на јавниот сервис, откако Советот на Агенцијата за медиуми ќе процени дека кампањата е од јавен интерес“, вели Селмани.

Во однос на тоа дали нивните ставови се пренесени во работните групи, како што вети и побара ВМРО-ДПМНЕ, Селмани одговори дека партиите во неколку пригоди имале можност да се запознаат со нивните барања.

„Нашите ставови се јавно објавени уште пред два месеца. Нашата анализа за медиумскиот систем во Македонија е објавена на веб-страницата на ЗНМ. Освен тоа, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги бојкотираа средбите во работната група со претставниците на новинарите и на медиумите“, изјави Селмани.

Тој вели дека нема контакти со политичките партии.

„Ако тие сметаат дека ние можеме на кој било начин да им помогнеме да најдат решение, подготвени сме пред работната група уште еднаш да ги објасниме нашите ставови“, вели Селамни.

Ако, сепак, не се прифатат нивните забелешки, тој вели дека сите опции се отворени.

„Кога ќе се објави решението, органите на ЗНМ, заедно со членството, но и со другите новинарски и медиумски организации ќе изградиме заеднички став и координирано ќе дејствуваме во правец на заштита на нашите интереси“, заклучува претседателот на ЗНМ.

Еве, пак, како хронолошки се одвиваа работите од протестот на новинарските здруженија пред Клубот на пратеници:

26 ноември

Проблемите со преговорите се интензивираа откако Здружението на новинари (ЗНМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 26 ноември протестираа пред Клубот на пратеници со барање да бидат вклучени во преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино.

29 ноември

По протестите, СДСМ стана мета на напади за предложениот закон за медиуми, кој наиде на остри реакции од Македонската асоцијација на новинари и од електронските медиуми.

30 ноември

СДСМ предложи, а ВМРО-ДПМНЕ се согласи новинарските здруженија да учествуваат во преговорите на работните групи, кои разговараат за проблемите во медиумите.

1 декември

Продолжувањето на преговорите за медиумите повторно остана да виси, откако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го напуштија Клубот на пратеници по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече:

„Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас, како опозиција, се медиумите како што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа ТВ“, „Дневник“ и МРТ.“

3 декември

ВМРО-ДПМНЕ се врати на преговорите на работната група, во која на дневен ред се реформите во медиумската сфера. Од оваа партија побараа од новинарските и од медиумските здруженија и од други невладини организации во наредните денови да достават свои предлози за реформи.

4 декември

По целодневни преговори, партиите не успејаа да постигнат напредок околу проблемите во медиумите и се договорија преговорите да продолжат в понеделник, на 7 декември.

7 декември

Преговорите за медиумите се на пауза до решавање на проблемот со изборот на членови на ДИК.

 

ПРЕДЛОГ НА ПИТЕР ВАНХАУТЕ

Предлогот на меѓународната заедница е законот да биде помалку рестриктивен, да предвидува професионализацијата на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми, да се направи ревизија на системот на казни.

За начинот како да се избираат членови на Советот на Агенцијата, тој предлага Собранието да распише јавен оглас, а кандидатите што ќе се јават на огласот да имаат писма со поддршка од две невладини организации или новинарска асоцијација или синдикат на новинарите, како и две писма со поддршка од соодветни универзитети. Членовите на Советот, како што наведе Ванхауте на средбата, би требало да се избираат со двотретинско мнозинство гласови, а мандатот да им биде пет години со право на реизбор.

Во однос на јавниот сервис, според Ванхауте, членовите на програмскиот совет на МРТ би требало да се избираат на приближно ист начин како и членовите на Советот на Агенцијата за медиуми, а дополнително членовите да бидат поддржани и од организации од културата.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести