verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кој прв почна да шири дезинформации за „5Г“?

on 11 - 06 - 2020       
Иста лажна вест за помор на врапчиња имаат објавено „Курир“, „Инфомакс“, „Република“ и „Вечер“.

Како преку јавно достапни алатки може да се види кои домашни медиуми постепено влијаеле за креирање на погрешните мислења поврзани со 5Г-технологијата (5G).

 

Пишува: Тимот на Критинк

 

Скорешните анкети укажуваат дека значителен дел од граѓаните на Северна Македонија веруваат во неточни тврдења поврзани со Ковид-19 и 5Г.


Создавањето хистерија за 5Г не се случи одеднаш, туку е резултат на своевидна кампања за дезинформирање која се темели на три пристапи:

  • Објавување лажни вести од земјата, односно написи претставени како вести при чие пишување не се применети новинарски стандарди, без новинарска проверка на изнесените тврдења или „докази“, а со минимизирање или игнорирање на изјавите на релевантните државни институции и стручни лица од областа,
  • Пренесување неточни вести од странство, особено со посредство на преводи од српски медиуми или анонимни блогови.
  • Несеопфатно пренесување точни вести од странство, без да се раскаже целата приказна, со искривоколчување преку испуштање клучни елементи, особено мислењето на „втората страна“ – научната заедница или легитимните власти. Или едноставно, премолчување информации како онаа дека 5Г без проблеми се користи во Швајцарија.

Притоа, приказните за наводната опасност од 5Г се градеа постепено, во некои случаи без отворено да се поврзат со 5Г-технологиите, без воопшто да се спомене тој термин. Така, во земјата се создаваше атмосфера на страв и несигурност преку ширење на непроверени приказни за наводен помор на птици.

 

НЕМА ПОМОР НА ВРАПЧИЊА, А НАЈМАЛКУ ОД „ВЛИЈАНИЕТО“ НА 5Г МРЕЖАТА

Важен пример е серијата написи кои се појавија во повеќе медиуми, од кои еден објавен на порталот „Курир“ на 26 март, под наслов: „Врапчиња паѓаат на земјата, граѓаните не знаат што се случува – помор на врапчиња низ цела Македонија (ФОТО)“, беше рецензиран и од „Критинк“.

Во таквите „вести“ најчесто не беа одговорени клучните новинарски прашања (кој, што, каде, кога, зошто). Како „доказ“ за сензационалистичките тврдења беа користени неколку фотографии на кои се гледа по една мртва птица за кои беше наведено дека биле споделени од граѓани на Фејсбук, без да се каже каде биле снимени, од кого, кога, дали сите биле од исто или различни места итн.

Во ваквите написи како „извор“ на фотографиите медиумите имаат наведено група на Фејсбук наречена „Фармери“, без да се наведе дали зад профилот што ги објавил во неа стои конкретна личност со име и презиме, или, пак, како во други случаи, се работи за анонимен лажен профил, карактеристичен за „армијата на тролови“ кој треба да пласира дезинформации „во име на народот“.

Во конкретниот случај, се работи за пост во групата од лице за кој нејзиниот администратор го извести КриТинк дека е вистинска личност, а не лажен профил. Самиот пост не тврди дека имало помор и не споменува 5Г, туку презентира две слики без да наведе каде и кога се снимени, при што прашува дали тоа се случува.

 

ЕВЕ ШТО МОЖЕ ДА СЕ ДОЗНАЕ ПРЕКУ „GOOGLE IMAGE SEARCH“

Со користење на алатката Google Image Search (Пребарувач за слики на Гугл) читателот може лесно да дознае кои сè медиуми ги објавиле истите слики, а со тоа биле во улога на преносители на овие дезинформации.

Најлесен начин е доколку се користи прегледувачот Google Chrome. Во тој случај со кликнување со десно копче на сликата (на компјутер) или со држење на прстот врз сликата подолго време (на мобилен) се појавува мени во кое една од опциите е и „Search Google for this image“ (побарај ја оваа слика со Гугл).

Резултатите од Гугл за слики слични на онаа со мртва птица.

Ако на сликите во написот од „Курир“ се употреби опцијата „Search Google for this image“ се добива оваа страница со резултати. Подолу на страницата или со кликнување на линкот „All sizes“ се добиваат различните страници.

Преку ваквото пребарување се добива резултат дека истите слики биле употребени во уште неколку медиуми на македонски јазик, меѓу кои и „Република“, „Велес на дланка“, „Инфомакс“, „Вечер“, „Шило магазин“, „Makedoncite.ch“, а и дека најново било пренесувањето на истиот напис објавен на македонски јазик на порталот „Скопје1.мк“.

Последниот напис бил споделен преку страница на Фејсбук со име на албански јазик наречена „Сакаме чист Чаир“ (Duam Çair të pastër), веројатно со цел да се допре и до публика која вообичаено можеби не цени медиуми со историја на поврзаност со одредена партија.

Гугл овозможува преглед на дел од медиумите што во свои написи со слична содржина користеле иста слика.

Дел од овие медиуми уште од претходно вршеле подготовка на теренот за ваков тип манипулации. Така, „Инфомакс“ уште во мај 2019 г. објавил напис насловен „(Видео) CTPAШНО: Ако 5G убива птици, ќе yбивa и луѓе“ за наводен помор предизвикан од 5Г во Холандија, во кој крунски „доказ“ е фотографија од јануари 2011 година снимена во САД.

Ниту еден од медиумите што „известуваа“ за наводен „помор“ на птици со вакви написи нема консултирано стручно лице, ветеринар или биолог – орнитолог, како и преставници на надлежните државни тела како Агенцијата за храна и ветеринарство, во врска со тоа дали таков помор воопшто се случил.

Ниту еден од таквите медиуми нема побарано стручно мислење за фотографиите, особено дали такви птици воопшто живеат во земјава. На пример, според сличноста со други слики, Гугл има проценето дека се работи за врапчевидна птичка чие оригинално име е „Northern waterthrush“ (буквално: северна водна стрнарка), но која живее во Северна Америка, а не во Европа.

Покрај тоа, ниту една птица не живее вечно, па е сосем нормално луѓето понекогаш да се затекнат мртви птици (и да ги сликаат). Птиците може да се пцовисани од старост, повреда, студ, глад или труење преку загаденост на воздухот, инсектициди или преку нивната храна (затруени инсекти и растенија).

Во ниту еден ваков случај не беа понудени фотографии на кои се документира „помор“ односно истовремено умирање на повеќе од една птица на истиот простор. Наместо тоа, во написите секогаш има фотографии со по една различна птица, без никаков доказ дека се снимени на исто место и во исто време.

 

ШТО СÈ СЕ ПРЕМОЛЧУВА?

Во написите со кои се шири паника за 5Г отсуствува информацијата од Македонски Телеком дека во Република Северна Македонија 5Г мрежата не е ниту поставена, па и не може да биде во функција. На јавноста ѝ е познато дека таквата опрема од 2018 година била вклучувана само во контролирани услови и тоа под надзор на регулаторното тело Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Во написите наменети да поттикнат страв од 5Г, отсуствува и елементарната информација дека за да се постави и да функционира таква мрежа, мора да се добијат дозволи од  АЕК, кои досега не се доделени. Се избегнува да се напомене дека во декември 2019 година АЕК има извршено експериментално мерење на првата базна станица во Скопје со кое утврдила дека јачината на јонизирачко зрачење е 15% од законскиот максимум, односно без штетно влијание на здравјето на луѓето, животните или растенијата.

 

КОЈ СÈ ГО ПЛАЌА ОВА?

Дел од медиумите кои шират вакви дезинформации се платени од странство, преку контроверзна шема за префрлање пари преку Унгарија.

Од друга страна, низа компании од земјава кои како дел од нивната мисија  истакнуваат општествена одговорност, меѓу кои и телекомуникациските фирми објавуваат огласи на веб-сајтовите на медиумите што ширеле и шират дезинформации во врска со 5Г.

Фигуративно речено, компаниите кои нудат телекомуникациски услуги, или продаваат опрема како мобилни телефони, лаптопи и друго, „си пукаат во нога“ со финансирање медиуми кои промовираат технофобни дезинформации кои освен што ја зголемуваат вознемиреноста на населението (полезно за остварување политички цели како рушење доверба во државните институции), се и директно насочени кон рушење на нивниот бизнис.

 

„СО СВОЈ КАМЕН, ПО СВОЈА ГЛАВА“ – НАРОДНА ПОГОВОРКА

Ваквите медиумски манипулации не само што поттикнуваат бојкот на одредени телекомуникациски услуги кога ќе се воведат во иднина, туку и го нарушуваат угледот на телекомуникациските компании како учесници во светски заговори. Од коментари на социјалните мрежи може да се види дека луѓето кои се потпаднати под влијание на ваквата пропаганда искажуваат негативни ставови кон самите брендови.

Во одредени земји кампањата за сеење страв со дезинформации за 5Г има достигнато убиствени димензии, со случаи на подметнување пожар и рушење на основна телекомуникациска инфраструктура – базни станици (без разлика дали се за 5Г или друго) – кривична дела што причинуваат огромни материјални штети.

Поттикнувањето хистерија доведува до „лов на вештерки“ со смртни закани и физичко насилство против вработените во такви компании, или против оние кои се спротивставуваат на дезинформациите. Дел од ваквите закани почнуваат со говор на омраза во кои се демонизираат, односно поистоветуваат со сатанисти и др. Така на пример, во Велика Британија има случај на напад врз техничар во телекомуникациска компанија кој бил заразен со Ковид-19, преку плукање од заблуден сограѓанин.

Комбинирањето на теориите на заговор за 5Г и за Ковид-19, пак, носи уште пострашни последици, бидејќи ги поттикнува заблудените граѓани да не ги почитуваат превентивните мерки, со што се овозможува поголемо ширење на смртоносната болест.

 

ШТО МОЖЕ ДА СТОРАТ ГРАЃАНИТЕ ВО ВАКВИ СИТУАЦИИ?

Секој еден граѓанин и граѓанка може да помогнат во спротиставувањето на дезинформациите. За почеток читателите можат:

  • Кога им се сервираат написи или постови на социјални мрежи во кои единствен „доказ“ е слика, да проверат со Google Image Search дали таа слика има потекло од друга  земја и друго време. Кој и кога ја објавил претходно?
  • Ако дознаат дека некој ги измамил и заради тоа пренеле манипулативна или лажна „вест“, да им направат услуга на своите пријатели и да им ја пренесат и точната информација. Поверојатно е дека пријателите ќе бидат благодарни заради исправката и храброста да се признае грешката, отколку дека ќе се потсмеваат.
  • Да запомнат кои медиуми или Фејсбук-страници и групи ширеле манипулации претходно и да бидат претпазливи во иднина. Одследувањето на такви профили овозможува смалување нивото на „труење“ со дезинформации.
  • Да се обратат спонзорите или огласувачите кои финансираат медиуми кои шират дезинформации и да им укажат на општествената одговорност поврзана со изборот какви медиуми да се финансираат.
  • Доколку забележи вистински помор на птици или други животни, веднаш да ги извести надлежните државни служби, почнувајќи од МВР, бидејќи може да се работи за масовно труење или други кривични дела против животната средина и природата, опфатени со член 218 до 234 на Кривичниот законик на РСМ.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести