verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Невешта пропаганда направи од Трамп спасител на 100 илјади деца среде Њујорк!

on 10 - 06 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: САТАНИСТИТЕ НА ДЕЛО: 100.000 ДЕЦА И ДЕТСКИ ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ТУНЕЛ ШТО ВОДИ ДО ФОНДАЦИЈАТА КЛИНТОН ВО ЊУЈОРК]

Напис кој донесува вознемирувачка, но лажна содржина за случај со наводни 100 илјади деца убиени или заробени во подземни ходници кои воделе до седиштето на Фондацијата Клинтон во Њујорк, САД, беше објавен на домашна веб-страница и споделуван на Фејсбук од страна на јавни личности од политичката сцена во државата, со голем број на следбеници на социјалните мрежи. Освен тоа што се шири сензационалистичка содржина, тој претставува обид за влијание врз јавното мислење со фаворизирање на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп и републикански кандидат, а за сметка на демократите во предизборниот политички амбиент на Соединетите Американски Држави, не само во нашата земја туку и во македонската дијаспора во САД.

Ќе ја игра ли Македонија уште еднаш епизодната улога на гнездо на ширење на лажни вести пред и за време на претседателските избори во САД? Во 2016 година нашата земја се најде на светската мапа како локација од која беа лансирани многубројни сајтови со лажни вести во функција на претседателската кампања за сметка на републиканците, а контра демократскот кандидат Хилари Клинтон. Судејќи според содржината која ја споделува сајтот кој ја објави „веста“ за 100.000 малтретирани деца во Њујорк спасени од канџите на педофилските сатанисти, наводно поврзани со поранешната државна секретарка на САД и некогашна Прва дама Хилари Клинтон, очигледно намерата била да се продолжи со таа пракса и за претстојните избори. Наводната борба на Трамп со моќна меѓународна педофилска елита и нејзините врски со личности од американскиот политички свет е дел од она што неговите приврзаници го нарекуваат негова пресметката со „длабоката држава“ („deep State”) во САД.

Линк до оригиналниот напис: ТОДОР ПЕТРОВ : САТАНИСТИТЕ НА ДЕЛО: 100.000 ДЕЦА И ДЕТСКИ ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ТУНЕЛ ШТО ВОДИ ДО ФОНДАЦИЈАТА КЛИНТОН ВО ЊУЈОРК

Датум и време на објавување:7.6.2020

Датум на рецензија: 10.6.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Организацијата која стои зад дисеминацијата на овие содржини во Македонија е Светски македонски конгрес, односно Тодор Петров како претседател на ова здружение. Овој материјал Петров прво го објави на својот Фејсбук профил, потоа на профилот на СМК, за потоа ова писание да биде преобјавено и на сајтот freeglobe.mk, кој донесува главно десничарска пропаганда како во третманот на домашните теми така и кај оние од американската внатрешна политика.

Текстот изнесува шпекулации без извор, без официјална потврда, без фотографии и сведоштва на преживеаните и на учесниците во она што би требало да биде гигантски потфат со илјадници инволвирани луѓе, а освен тоа е лошо напишан и преведен. Ова е превод на текст објавен на 6 април на сајтот news-for-friends.de чиј сервер бил лоциран во Москва, а според податоци од Фејсбук – во Парагвај, во текот на изработката на оваа рецензија стана недостапен, но затоа пак, до објавувањето на нашата анализа сè уште беше во фукција францускиот сајт кој ја пренесува идентичната содржина на француски, потпишана од авторка Џуди Бајингтон од анонимниот „Динар Хрониклс“. Истово го пренесуваат и дузина опскурни сајтови од слична провениенција. Дебанкиран е , пак,  од неколку сајта.

Речиси е невозможно да се одговори на сите небулози кои ги содржи овој материјал, кој, за жал доживеа поголем број на преобјавувања во САД и во други земји. Самата идеја дека под нозете на жителите на Њујорк среде најголемата криза со корона-епидемијата се одвивала акција за спасување во тајните ходници наводно полни со, ни помалку ни повеќе туку 100 илјади живи, полуживи и мртви деца, имплицира дека во неа морале да учествуват илјадници полицајци, војници и специјалци како и медицински персонал.  Тие деца и тие трупови требало да бидат извадени на површина, на преживените требало да им се обезбеди медицинска нега и сето тоа требало да помине незабележано од ниту еден њујорчанец, ниту еден медиум, ниту еден учесник во овие активности да не прозбори јавно и сè да помине како и да не се случило!

„САТАНИСТИТЕ НА ДЕЛО: 100.000 ДЕЦА И ДЕТСКИ ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ТУНЕЛ ШТО ВОДИ ДО ФОНДАЦИЈАТА КЛИНТОН ВО ЊУЈОРК“вреска насловот на написот што го рецензираме.

Во Њујорк се ослободени илјадници деца! Шокантна вест, но речиси 100.000 деца и детски тела беа пронајдени во тунелот кој води до фондацијата Клинтон во Њујорк!

Тешко дека би можело да се замисли поморничаво сценарио на хорор-филм од она што го раскажува овој текст. Уште потешко, пак, е да се замисли, како е можно некој ваква содржина без проверка на изнесените факти само да ја „шлапне“ на социјална мрежа или, уште полошо, да ја преземе и објави во медиум.

Самиот текст не наведува дали овие деца биле откриени како резултат на полициска истрага, кој ја водел и како таа се одвивала, но се објавува податокот дека како резултат на таа акција:

Илјадници гладни и страшно измалтретирани деца се спасени или се пронајдени мртви во подземен тунел во Њујорк. Овој тунел се протега 4 километри меѓу зградата на Фондацијата Клинтон и пристаништето во Њујорк!

Дека:

Во акцијата за спас, децата и детските трупови се натоварени на медицинскиот брод “Комфор“ преку излезот кон пристаништето во Њујорк.

И дека:

Медицинските сестри од полската болница “Карона“ во Централ Парк, ја потврдија состојбата на жртвите од страшна злоупотреба!

Со малку фантазија во таа „Карона“ болица читателот би требало да ја „препознае“ монтажната полска болница за заболените од коронавирусот која беше поставена во Њујорк откако избувна епидемијата. Нема цитирана изјава од болничкото особје, ниту во текстот ниту на интернет.

На преживеаните измалтретирани и жртви им дошол напомош никој друг туку американскиот претседател Доналд Трамп:

За спас на децата на пристаништето во Њујорк, претседателот Трамп го укотви медицинскиот брод “Комфор“.

И дотука цитираното од овој напис содржи доволно апсурдни елементи со кои би се засрамил и автор на лош хорор од холивудската Б продукција, но написот натаму тврди дека:

Напорите за спасување на киднапираните деца ги предводи посебна работна група за жртви од педофили. Злоупотребените деца се извадени од тунелите, во кои, за жал, постојат и наредени детски тела… Некои од овие тела биле искасани, најверојатно од стаорци!

Па се дава „стручна“ проценка дека

 Од 100.000 деца, проценките се дека 4 до 6% од жртвите ќе умрат, затоа што биле премногу слаби.

Натаму се наведува дека 35 илјади деца биле ослободени од други места низ САД и дека се лекувале во полските болници како онаа поставена во њујоршкиот Централ парк заради епидемијата на Ковид 19.

За сите овие налудничави тврдења во текстот не се нуди релевантен извор. Наместо тоа се спомнува „Кју-Анон“ или само „Кју“ (QАnon – Q), крајно десно сајбер конспиративно движење во САД на поддржувачи на Трамп кои продуцираат обвинувања за неговите политички противници, а ги величаат неговите потези како претседател. Токму движењето Кју континуирано лиферува разни обвинувања на истакнати јавни личности, пред се политичари, бизнисмени, па дури и холивудски актери (Обама, сопружниците Клинтон, Џорџ Сорос и други) блиски или од кругот на Демократската партија на САД и има стекнато одредена популарност кај поддржувачите на ултрадесничарските политики и ставови на Трамп.

Но, текстот што го рецензираме дури ниту својот извор не знаел точно да го наведе, па се спомнува некаков Анон кој изјавил дека наводно на 160 илјади луѓе вмешани во овој скандал ги очекуваат обвиненија во повеќе американски сојузни држави, за што нема ниту една достапна информација на интернет, иако се поминати веќе два месеца!

Откако аферата Пицагејт од 2016 година спласна, а случајот со обвинетиот американски финансиски магнат Џефри Епстин лани заврши кога тој се самоуби во својата ќелија во њујоршкиот затвор, каде го очекуваше продолжетокот на своето судење за организирање на малолетничка проституција, Кју-Анон го има преземено наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на злото.

Во ситуација кога тензиите се нараснати со корона-кризата, ова е време од најлудите соништа за теоретичарите на заговори, како што оценува и американскиот њуз-сајт vice.com, па не треба ниту да зачудува што тие растат како печурки после дожд.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести