verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како да се третираат свиркачите во законите и во медиумите

on 17 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
9483088805_ba8de69f5b_k
„Во земја на кртови, свиркачот е крал“. Најпознатиот пријавувач на денешнината – Едвард Сноуден. Фото: Tjebbe van Tijen, 2013

 

 

Во процесот на поднесување на пријавите, неминовно е и инволвирањето на медиумите, како и на граѓанските организации кои се јавуваат во улога на важен сегмент што ги поврзува граѓаните со државните институции и овозможува полесна циркулација на информациите

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Во Република Македонија владее неповолна клима во која медиумите, невладините организации, државните и приватните фирми, како и самите граѓани имаат тешкотии во остварувањето поактивно и поквалитетно вклучување, но и презентирање на проблемите со кои се соочуваат секојдневно. Ваквата состојба би можела да се надмине доколку носителите на одлуките овозможат поголема пристапност и отвореност кон граѓаните, како и решенијата кои истите би можеле да им ги понудат за поголема функционалност на општеството. Според експертите, тоа се главните прични кога станува збор за whistleblowers (пријавувачи, поткажувачи, свиркачи).

Според Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност Македонија“, треба да се обезбеди поголема заштита од опасноста што им се заканува на лицата кои пријавуваат, како и од последиците со кои се соочуваат. За сето тоа да се надмине, потребно е да се овозможат достапни канали за пријавување, како и функционални механизми за обелоденување кои промовираат реформи за да се поправат законодавните, политичките или процедуралните недостатоци и спречување на идни злоупотреби. Доколку се воспостават нови промени во Законот за спречување корупција, со вметнување членови кои ќе се однесуваат на таканаречените свиркачи (whistleblowers), истите би требало да опфатат повеќе аспекти како што се: начинот на пријавување, органите до кои би можеле да се упатат граѓаните, нивниот статус, како и заштитата, како нивната така и на нивното семејство од сите акти на одмазда.

– Македонија мора да најде ефикасен начин за заштита на пријавувачите во поширока смисла, а не само на пријавувачите на корупција, затоа што пријавувањето треба да опфаќа пријавување на незаконски, неетички, неморални и други типови на однесувања – истака Тасева на конференцијата посветена на оваа тема.

 

МЕДИУМИТЕ И СВИРКАЧИТЕ

Во процесот на поднесување на пријавите, неминовно е и инволвирање на медиумите, како и на граѓанските организации кои се јавуваат во улога на важен сегмент што ги поврзува граѓаните со државните институции и овозможува полесна циркулација на информациите.

Сепак, сите сегменти во општеството, кои кога ќе се спојат заедно претставуваат една целина, така и институциите кои, доколку соработуваат и учествуваат заедно за општото добро, би можеле да овозможат подобар, поефикасен и функционален систем, во кој граѓаните би можеле да имаат доверба и преку него би можеле да ги обелоденуваат сите нерегуларности и незаконитости кои го попречуваат нормалниот тек на функционирање на институциите и на општеството во целина.

Медиумите тука мора да изиграат голема улога затоа што, според професорот Ѓорѓи Спасов, мора да се работи на зголемување на свеста на граѓаните за тоа колку е важно да го пријават секое незаконско или неморално дејствување.

– Ниту едно законско решение, и да е најдобро уредено, не може да ги „разбуди“ пријавувачите. Неопходно да се утврди термин кој може да биде и описен и кој најдобро ќе го објасни поимот „свиркачи“ (whistleblowers), имајќи го предвид неговото значење во  Македонија – истакна Спасов.

 

АНКЕТА

Според анкетата за заштитата на пријавувачите, која ја изработи агенцијата „Рејтинг“, повеќе од 70 проценти од испитаниците би пријавиле случај на неетичко и незаконско постапување, а 26,6 проценти не би пријавиле. Од испитаниците 7,5 проценти истакнале дека би пријавиле незаконско постапување во фирмата во која работат, а 22 проценти не би пријавиле.

Од анкетата поразителен е податокот што повеќе од 13 проценти биле во можност да пријават корупција, односно биле сведоци на истата, но тоа не го направиле дури 10,5 проценти, и тоа најчесто поради страв. Само 11 од 400 испитаници пријавиле случај на корупција. Четворица посочиле дека случајот имал завршница, четворица – дека е во тек, а тројца – дека случајот не бил решен.

Повеќе од оловина од испитаниците, или 54 проценти, сметаат дека пријавувачите немаат никаква заштита, а 49 сметаат дека се заштитени. Дури 70 проценти, пак, одговориле дека би имале последица доколку пријават незаконско работење, а најголемиот број од нив сметаат дека ќе го изгубат работното место или ќе имаат притисоци.

 

НОВИНАРСКИ ПРИКАЗНИ

Граѓаните сè повеќе ја губат довербата во институциите, односно сè поретко решението за своите проблеми го бараат таму, бидејќи се сигурни дека надлежните нема да им помогнат. Затоа доаѓаат во медиумите, каде знаат дека нема до добијат решение за проблемот, но барем нивната мака или неправда што ја доживеале ќе ја слушне целата јавност, тврди Валентина Стојанчевска од неделникот „Фокус“, новинар кој ја обработува оваа тема.

– Сè зависи до приказната, но почесто пријавувачите бараат од нас да го сокриеме нивниот идентитет, односно да бидат анонимни. Ова се случува поради страв од последици. На пример, кога го правев истражувањето за неисплатата на К-15, имав многу соговорници, но сите бараа да бидат анонимни поради страв да не го загубат своето работно место. Сите раскажуваа како работодавците барале од нив да го вратат исплатениот надомест за К-15, но истакнуваа дека зад изјавата нема да застанат со име и со презиме бидејќи не им се исплаќа поради поплака за 8.500 денари да го изгубат работното место. Но, во случајот беше доволно и нивното анонимно сведочење, бидејќи дел од нив ми се јавија дека по објавувањето на написите, газдите се исплашиле и им рекле дека не мора да ги вратат парите назад – истакна Стојанчевска.

Дека граѓаните не им веруваат на надлежните институции, покажува, пак, податокот што од година на година сè повеќе се намалува бројот на претставки кои од граѓаните стигнуваат во Државната комисија за спречување на корупција. Поточно, податоците покажуваат дека до 2010 година до комисијата стигнувале од 450 до 1.000 пријави од граѓани, а сега добива едвај по 200 пријави.

– Она што недостига е заштита на пријавувачите, односно има многу примери кога дел од граѓаните, особено вработени во државните институции, се осмелиле и пријавиле криминал или корупција, но подоцна го изгубиле работното место, биле прераспределени или парично казнети. А, згора на сè, својата правда не ја добиле ниту на суд. Па, нели Владата, преку медиумски кампањи, бараше од своите граѓани да се „осмелат“, па затоа таа сега треба самата да се осмели и да им ја пружи заштитата која им е потребна, доколку искрено сака да се бори против корупцијата и криминалот – вели таа.

Покрај недостигот на заштитата, сè додека во државните јасли се вдомуваат луѓе според партиска заслуга или лојалност, не можеме да очекуваме дека ќе се зголеми свеста, а со тоа и бројот на пријавувачи. Овие луѓе секогаш ќе се чувствуваат должни и потчинети, па затоа наместо да го кренат гласот, „мудро“ ќе си молчат.

 

НОВИНАРСКИ ПРИЛОЗИ

Колку и да се силни „свиркачите“ или пријавувачите на кривични дела, толку молкот на надлежните партизирани институции е погласен. Односно, судството, на пример, по правило застанува на страната на пријавените, а не на пријавувачите.

Според искуството на новинарот на „Фокус“, Љубиша Арсиќ, кој учествуваше во проектот на „Транспарентост Македонија“ за третирањето на пријавачите, ако еден работник го пријави својот претпоставен или директорот дека сторил криминал, прво останува без работното место, а потоа пријавениот никогаш не одговара за криминалните постапки.

– Во тоа му помага или политичката релација или парите што ги издвојува за власта. Имам пишувано многу стории за стравот и за ризикот со кој се соочуваат пријавивачите на кривични дела и како заклучок можам да извлечам дека тие првично многу тешко се одлучуваат да пријават, а ако го сторат тоа, тогаш ризикуваат да бидат санкционирани со процент од плата, што е најдобра варијанта, да бидат прераспределни на пониска работна позиција, што е некаква средна опасност, и најстрашното – да го изгубат работното место иако тоа треба да му се случи на тој што го пријавиле – вели Арсиќ.

Практично, директорите на компаниите или главните во државните институции ги користат своите позиции и релации со власта да извршат влијание врз јавното обвинителство при евентуално кривични пријави против нив.

– Тоа од една, но од друга страна, тие ја користат моќта да им се одмаздат на пријавувачите. На пример, во многу компании за кои сум пишувал, ударот на моќните е против синдикалците, и тоа синдикалните лидери. Ако ги земеме за пример рудникот „Саса“ или „Раде Кончар“, тогаш имаме јасна слика што им се случува на пријавивачите во Македонија. Синдикалните лидери, откако почнале да пријавуваат дека нивните претпоставени работат сомнително и криминално, ем останале без работа, ем им биле поднесени контрапријави, ем сето тоа штетело на синдикалните организации. Откако синдикалните лидери извисиле, иако имале конкретни докази за криминал, ударот на директорите се пренасочил кон останатите синдикалци, кои лесно се откажале од понатамошни синдикални активноси, а уште полесно заборавиле на криминалот на директорите. Секако дека се исплашиле да не настрадаат – информира Арсиќ.

Ова се примери кои јасно укажуваат дека пријавувачите на кривичните дела немаат никаква заштита. Наместо нивните примери да ги охрабрат и другите, тие дејствуваат спротивно – пријавувачите се казнети, а другите исплашени.

Затоа пријавувачите многу често, наместо во институциите, за криминалот пријавуваат во невладините организации или во медиумите, со надеж дека тие ќе им помогнат, односно ќе овозможат нешто да се открие, а при тоа тие да останат заштитени. Многупати пријавувачите инсистираат на анонимност, освен оние кои веќе останале без работното место, па немаат што да загубат.

Последните денови актуелен е повикот на странските амбасадори во Македонија кои инсистираат на законска заштита на пријавувачите. Тоа, пред сè, произлегува од почетокот на откривање на прислушуваните разговори од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести