verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како политичарите ги посвоија новинарите?

on 8 - 05 - 2014       
Новинарската легитимација и очилата на фоторепортерот Бил Бигарт, единствениот новинар на должност, кој загина во кулите близначки при терористичкиот напад на 11 септември 2001 година врз Светскиот трговски центар во Њујорк. Тие се истакнати во новинарскиот музеј Newseum, во Вашингтон. Фото: ~BostonBill~, 2009

Новинарската легитимација и очилата на фоторепортерот Бил Бигарт, единствениот новинар на должност, кој загина во кулите близначки при терористичкиот напад на 11 септември 2001 година врз Светскиот трговски центар во Њујорк. Тие се истакнати во новинарскиот музеј Newseum, во Вашингтон. Фото: ~BostonBill~, 2009

 

Секој пат кога ќе забележите некоја приказна на телевизија или ќе го чуете гласот на политичарот на радио, можете да претпоставите (притоа во голем процент и да бидете во право) дека јавната личност нешто бара, очекува или во најмала рака се надева да добие.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Масовни медиуми е термин кој најчесто се користи за да се означи оној дел од медиумите кои допираат до многу голема публика (обично, населението на една држава). Терминот бил смислен во 20-тите години од минатиот век со појавата на националните радио-мрежи и весниците и списанијата со масовна дистрибуција. Публиката на масовните медиуми е разгледувана од некои теоратичари како масовно општество со посебни особини, меѓу кои атомизација и недостиг на општествени врски, што го прават посебно подложно на влијанието на модерните мас-медиумски техники како рекламирањето и пропагандата.

Функцијата на медиумите е да пренесуваат креирани пораки од некој, создадени за да го привлече вниманието на публиката, да пренесат ставови, но и така да се обидат да ги наметнат. Сето ова е со намера да се постигне некаква цел, без разлика дали е социјална, економска, политичка…

Затоа основни функкции на медиумите се:

  • Информативна функција – Главна функција на пишуваните и електронските медиуми, при која информациите се однесуваат на јавни, заеднички, интересни и актуелни теми од која било област од општествениот живот .
  • Функцијата за формирање мислења – Медиумите не само што ги доставуваат информациите,туку се случува тие информации да бидат коментирани и интерпретирани, нудејќи ѝ на публиката различни начини за разбирање на пораката. На овој начин, медиумите им помогаат на граѓаните да се ориентираат во општеството.
  • Функција на општествено дејствување – Медиумите влијаат во насока на општествено дејствување и поставуваат приоритети, можат да го свртат вниманието на јавноста, но влијаат и на угледот, авторитет и влијанието во јавноста.
  • Социјални функции – Овие функции може да бидат рекреативни, интегративни и интерактивни. Медиумите имаат општествени функции, кои се појавуваат како фактор во социјализацијата на луѓето и во образованието. Постојана изложеност на медиумите, појавата на „ИН модели“ на однесување, како и вклучување општествено важни луѓе во нив, влијае на социјализација и овозможува да се биде во чекор со времето и настаните. Медиумите на јавноста и овозможуват да развие чувство на припадност кон одредена средина или заедница и да воспостават контакт и комуникација. Не смее да се запостави и рекреативната и забавната функција на медиумите што се одразува во релаксација, рекреација и бегство од стресот и динамичното секојдневие.

 

ДЕЛУВАЊЕ ВО СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО

Во современото општество јавното комуницирање се одвива со посредство на медиумите. Притоа, медиумите не дејствуваат само како неутрални пренесувачи на пораките од немедиумските комуникатори до нивната публика, туку и како релативно самостојни фактори на јавното комуницирање, кои, преку сопствениот субјективитет и кодовите на својот симболички јазик, битно влијаат и на неговиот тек и постигнувања. Оттука, бидејќи јавноста е нормативно воспоставена како механизам на комуникациска самодејственост на публиката и ги одредува условите и целта на комуникциското дејствување на медиумите, задачата на медиумите е да ја опслужуваат публиката со соодветни информации и да овозможат слободно истражување на мислењето за работи од општ интерес.

Но, со текот на времето јавноста доживеа длабоки промени, што на извесен начин ги смени и условите на дејствување на медиумите. Денес, во современото масовно општество, јавноста сѐ повеќе функционира како отворен комуникациски простор во кој професионалните комуникатори преку медиумите настојуваат да ја придобијат нејзината публика за своите посебни интереси и цели.

Од друга страна, пак, без оглед на идеолошките склоности, сите политичари се заинтересирани да добијат нешто од медиумите. Секој пат кога ќе забележите некоја приказна на телевизија или ќе го чуете гласот на политичарот на радио, можете да претпоставите (притоа во голем процент и да бидете во право) дека јавната личност нешто бара, очекува или во најмала рака се надева да добие.

За пластично да се долови односот на партиите и медиумите, а со тоа и на политичарот и на медиумот, ќе пренесам една шега која 100 проценти е вистина. Прашање: Како да најдете еден политичар во преполна соба? Одговор: Држете микрофон во воздух и политичарот веднаш ќе скокне на вас.

Во денешниот свет, политичкиот успех во голем степен зависи од стратешките комуникации. Но, очигледно е дека стратегиите се разликуваат од една до друга земја.

Додека во Јужна Кореја интернетот стана клучна алатка за пласирање на најважните информации во политичката кампања и се смета за клучен за успехот на владејачката партија, земјите како Камбоџа и Индонезија се на почеток на користење на дигиталната комуникација за политички цели. Додека главните политички партии во Индонезија и Камбоџа имаат свои веб-сајтови, тие на тоа гледаат само како инструмент за комуникација со релативно мала група на луѓе од партијата и евентуалните поддржувачи во странство.

 

НОВИНАР-ПОЛИТИЧАР

Во демократиите улогата на новинарот е да ја информира јавноста, така што публиката ќе може да направи избор, дали ќе го прифати или не, дали ќе му верува или не и, на крајот на краиштата, дали и е симпатичен или не.

Улогата на политичарот, пак, би требало да биде човек кој ги претставува оние кои го избрале. Значи, електоратот (граѓаните) да се осигураат дека проблемите ќе им бидат слушнати. Во таков политички систем (каков што впрочем треба да биде и во Македонија) новинарот треба да дејствува во име на публиката за да се осигура дека политичарите ја вршат својата работа.

Притоа, тие треба да вклучат повеќе гласови од јавноста (разноликост) со цел да им понуди помош и на најбогатите, но и на најсиромашните во приказната.

Американската агенција на уредници има направено листа (кои се блиски и до македонското општество) за односите на политичарот кон новинарот и обратно.

Новинарство понекогаш се нарекува „четвртиот имот“ (fourth estate), што значи дека е од клучно значење за функционирањето на здрава и фер клима во општеството. Томас Џеферсон, автор на Декларацијата за независност на САД и третиот претседател, има забележано: „Ако ме остават мене да одлучувам дали е подобро да имаме влада без весници или весници без влада, не би се двоумел ниту момент во корист на второто“

Можеби Џеферсон бил во право дека новинарите се поважни за општеството отколку политичарите, но она што е јасно е дека односот меѓу новинарите и политичарите може да има значително влијание врз функционирањето на фер и праведно општество. Политичарите носат одлуки и преземаат акција во име на јавноста. Новинарите ги анализираат тие одлуки и ја информираат јавноста за можните импликации.

 

ВИДОВИ НОВИНАРИ

Да се ​​разбере односот меѓу медиумите и политиката важно е да се погледне во различните видови динамика што постојат меѓу новинар и политичар. Еве неколку поделби според David Brewer, а кои се силно застапени во македонскиот новинарско-политички живот.

 

ЛОВЕЦ – Ги следи политичари незапирливо. Ги следи сите трагови. Овој новинар никогаш не се откажува додека тие имаат план. Тој не верува дури ниту кога политичарот ја кажува вистината. Ловец новинарите често може да немаат перспектива и да им недостасува објективност.

АКТИВИСТ – Посветени на каузата и подготвени да се борат со секој политичар кој е против народот. Овој новинар може да гледа и само едно-димензионално . Тие сметаат дека е тешко да се постигне рамнотежа помеѓу новинарот и политичарот. Активистот новинар ужива да се гледа себеси како маченик и честопати самиот е приказна во приказната.

ПРИЈАТЕЛ – Станува близок пријател со политичарот и ретко ја доведува во прашање нивната позиција, честопати земајќи го ставот на политичарот како свој. Овој новинар на политичарот ќе му донесе само корист, но знае и да повлече граници, обично ако е загрозен и мисли дека е исфрлен од игра. Сепак, тие (новинарот и политичарот) секогаш ќе бидат подготвени да си подадат рака кога е потребно, посебно ако чувствуваат дека нивното пријателство ќе донесе взаемна корист. Со новинарот пријател е лесно да се манипулира.

ПОСЕДУВАЊЕ – Сопственост на политичарот преку блискост. Овие новинари најверојатно го загубиле својот новинарски интегритет уште на рана возраст . Овој новинар е малку повеќе од еден неплатен член на службата за односи со јавноста на политичарот . Тие имаат познато име и во јавноста се гледа дека се поврзани со влијателни луѓе.

ЧЛЕН НА ПАРТИЈА – Дали не знаат да ја скријат својата верност (или не сакаат), но овие новинари не можат да го сторат тоа поради својот тон или поради изборот на приказната. Новинарот ќе потроши многу време со ставовите на оние кои не се согласуваат со „нивниот политичар“ и ќе ја бранат таа приказна и покрај сите логични размислувања.

СМИРЕН – Зошто да се борите кога можете истовремено да имате профитабилен и лесен живот? Кој ќе знае? Овој новинар ја гледа својата работа како администрација од 8 до 16 часот, пет дена во неделата и на први плата. Обично уживаат во убаво вино (алкохол) и добра храна. Тие се достапни за сите партии, се разбира ако можат да земат.

ВИСТИНСКИ НОВИНАР – Ослободен од партиски врски, има интегритет и не може да се купи. Страстен е на јавна дебата, ја сака само вистината, објективноста и праведноста. Вклучува повеќе перспективи, дури и оние што не му се допаѓаат. Тој е подготвен да ги истражи сите моменти за кои повеќето новинари мислат дека се свети. Не се срами од никого и е реален во врска со човечката природа. Вистинскиот новинар ја бара вистината.

 

НАЧИН НА МАНИПУЛАЦИЈА СО НОВИНАРИТЕ

ВАЖНА ОБЈАВА – Најсигурен начин кандидат да добие медиумска покриеност е да ги покани новинарите на прес-конференција за „важна објава“. Вие нема да знаете за што се работи додека не отидете таму. Партиите не сакат да признаат за каква навистина голема вест се работи од причина затоа што се плашат дека, сепак, нивната прес-конференција нема да биде шоу какво што очекуваат.

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ – Ништо повеќе не ги става новинарите во искушение како шанса за ексклузивно интервју. ПР експертите знаат дека ексклузивното интервју ќе биде промовирано во голема мера и ќе му се даде повеќе простор во весник или повеќе време на вести. Тоа е бесплатен публицитет.

Но, во повеќето случаи, посебно во Македонија, прашањата на новинарите им се однапред познати или ги добиваат непосредно пред интервјуто (посебно ако гостувањето е во живо на радио или на телевизија). Секако дека новинарите треба да се борат против ова, но друго прашање (секако за дискусија) е дали тоа во Македонија, токму во овој момент е можно.

ПРИЈАТЕЛСКО (БЕЗОПАСНО) ИЗВЕСТУВАЊЕ Постојано се прашувате зошто без најава некој политичар ќе се појави во некое шоу (Премиерот Груевски во „Опуштено“).  Тоа не значи дека во неговиот распоред се „отворила дупка“.

За малку познат кандидат , ова искуство е медиумски златен рудник. Тој може да зборува за неговото семејство и неговите надежи за подобар свет за сите нас. А ток-шоу домаќинот се појавува опуштено со лесни прашања и пријателски пристап.

Во разговор на радио, пак, е уште полесно. Еден добар менаџер на кампања ќе стори сé што е можно да осигура дека телефонските јавувања (ако ги има) се однапред снимени или се точно искоординирани со своите симпатизери. ПР стратезите знаат дека наоѓањето на вистинска емисија може да биде клучна за победа на изборите.

СЕМЕЕН ФОТО АЛБУМ Списанието има за покритие приказна која ќе ве однесе во домот на кандидатот. Можете да ја видите сопругата на политичарот како  пече колачиња за добротворни цели (ова поретко или никогаш досега не се случило во Македонија). Така читателите ќе се чувствуваат како да го знаат целото семејство и дека блискоста носи поддршка на гласачката кутија.

 

ОДНЕСУВАЊЕТО НА ПОЛИТИЧАРИТЕ КОН МЕДИУМИТЕ

Денес , политичарот може да ги заобиколи електронските и печатените медиуми и да сака својот потенцијал гласачите да го придобие преку социјалните медиуми. Фејсбук страницата може да има 20.000 подржувачи и на нив политичарот може да им дозволи целносно нефилтриран начин на комуникација.

Сепак, мудриот кандидат треба да сфати дека социјалните медиуми се алатка, но тие допрва треба да ги заменат придобивките од појавата на насловна страница и емитување во вести во ударен термин.

Значи, политичарите кои се задоволни од третманот на медиумот понекогаш ќе го фалат новинарот за праведност и објективност. Но, кога приказната не е толку позитивна, тврдењата на партијата или на поединецот политичар ќе бидат дека медиумот бил пристрасен.

Еден добар новинар треба да ги презентира фактите без страв или корист и да не бара пофалба или да не бега од критика.

Политичарите се луѓе – уморни, под стрес и се загрижени за неуспехот. Понекогаш тие нормални слабости ќе излезат и во некое интервју. А, медиумот е соочен со одлуката дали тоа да се прикаже или не.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести