verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како физичкиот напад врз три лица се претвори во напад врз новинари критичари на власта?

on 18 - 11 - 2019       

Минатата недела, на 14.11.2019 година, на порталот Инфомакс, како бомба одекна веста „Нарачани напади, вечерва нападнати тројца новинари, критичари на власта“.

Пишува: Ана Анастасовска

Во веста, која сега е тргната, беше наведено дека тројца новинари, Љупчо Цветановски од Алфа ТВ, Дејан Андоновиќ, поранешен новинар во ТВ Сител, Радио Слободна Македонија и 1 ТВ и Петар Серафимовски од Македонско Радио, биле нападнати во кафеана, бидејќи биле критичари на власта.

По ова следеше уште една вест, овојпат на порталот Денешен, но со уште побомбастичен наслов „МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ОПАСНА ЗА ЖИВЕЕЊЕ: Ноќеска во Скопје нападнати тројца новинари“. Првичниот наслов на веста, што може да се види од хиперлинкот, (https://denesen.mk/makedonija-stanuva-opasna-za-sedmata-sila-nokjeska-vo-skopje-napadnati-trojca-novinari/) гласеше: „Македонија станува опасна за седмата сила, ноќеска во Скопје нападнати тројца новинари“.

Веста беше целосно ископирана од Инфомакс:

Ноќеска околу два часот, од поголема група од седум – осум лица во Скопје биле нападнати новинарите Љупчо Цветановски, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски

Цветановски е новинар во телевизијата „Алфа“ и наш колумнист, Дејан Андоновиќ работеше во ТВСител, Радио Слободна Македонија и 1 ТВ, а Петар Серафимовски во Македонско Радио. Тројцата новинари без причина биле нападнати на излегување од угостителскиот објект „Александрија“, по што од група од седум- осум лица, без повод и причина, ниту пак претходна расправија биле нападнати. Мотивите и идентитетот на напаѓачите засега се непознати. Случајот е пријавен во полиција.

Минатата недела нападнат беше и новинарот Саше Димовски додека седел во кафуле. Димовски е уредник на порталот Сведок и се занимава со аферите и скандалите во судството.

Оваа вест беше пренесена и на порталите Скопјеинфо и Република.

По ова следеа низа написи за нападнатите новинари како на Нетпрес, Прес 24, Курир, со речиси иста содржина.

Поголема група од околу 7-8 луѓе, синоќа ги нападнале новинарите Љупчо Цветановски, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски од Македонско Радио. Нападот се случил на излез од угостителскиот објект „Александрија“. Мотивот за нападот и идентитетот на напаѓачите засега се непознати. Пред нападот немало никаква причина или претходна расправија. На лице место била повикана полиција.

Во јавноста се крена голема прашина за нападот на новинарите, по што со реакција се јави дури и Владата која го осуди ваквиот чин:

Поаѓајќи од својот деклариран став за нула толеранција за какви било напади, закани, уцени или притисоци, Владата на Северна Македонија укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален треба да биде најостро осуден и санкциониран и во таа насока ги повикува институциите итно да ги преземат сите неопходни мерки да се откријат и казнат сторителите.

По ова, следеше и информација од МВР во која беше посочено дека бил пријавен напад врз двајца новинари, дека мотивите за нападот се непознати и дека се трага по сторителите.

КАДЕ ПОТФРЛИЈА МЕДИУМИТЕ?

Во приказната со нападот врз новинарите голем дел од медиумите потфрлија во известувањето.

Имено, во јавноста се создаде слика како новинарите да биле нападнати од група млади луѓе само поради тоа што се новинари и што се критичари на власта. Оттука се наметнува прашањето, дали новинарите во моментот кога биле нападнати, ја критикувале Владата, или пак, напаѓачите им нагласиле дека ги тепаат затоа што се опозициски новинари? Овие прашања не беа одговорени. Ниту еден медиум не побара изјава од нападнатите новинари, да каже што навистина се случило вечерта. Дел од нив го пренесоа само фејсбук статусот на новинарот Љупчо Цветановски, преку кој порача дека се добри и дека се „спремни момци“.

НЕ ГРИЖЕТЕ СЕ, СЕ’ МИНА БЕЗ ФИЗИЧКИ ПОСЛЕДИЦИ, БИДНА БЕЗ ВРСКА И АПАНСАС, БЕА 7 ДУШИ, НО СПРЕМНИ МОМЦИ СМЕ НИЕ � ГИ СНЕМА ИСТО КО ШТО СЕ ПОЈАВИЈА. Не сакам ни да помислам дека мотивот е политички, никој не е до толку луд, или барем се надевам…, пишува Цветановски на Фејсбук.

КОЈА Е ВИСТИНАТА?

Медиумите треба да известуваат точно, навремено и да пренесуваат проверени информации, што не беше случај со нападот врз новинарите.

Вистината, за разлика од сликата која се создаде во јавноста, е сосема поинаква. Имено, новинарите не биле нападнати затоа што се новинари, уште помалку затоа што се критичари на власта, туку затоа што се замериле со напаѓачите.

Еден од нападнатите новинари, Дејан Андоновиќ, инаку моментално вработен во „Слободен печат“, во изјава за истиот медиум, ја раскажа целата приказна.

Луѓето биле во кафеана, излегле од кафеаната, некој од оние „фраери“ што во последно време често се среќаваат на скопските улици, возел 200 на саат, ќе ги изгазел за малку, по што еден од новинарите изреагирал, му довикнал, и тоа било доволно за скопскиве насилници да застанат, и сите петмина да излезат од бесното БМВ и да ги нападнат. Значи колегите наши не биле нападнати како новинари, туку како обични граѓани. Дечките сигурно поим немале дека тројцата се новинари, уште помалку дека се некакви критичари на власта. Ги нападнале за да испаднат мангупи, демек кои сте вие нас да ни кажувате што да правиме и да не пцуете, пишува во текстот со наслов „Вистината за „нападнатите новинари“.

Значи целата приказна за „нападот врз новинарите затоа што се критичари на власта“ или „затоа што се новинари“, падна во вода. Новинарите биле нападнати како физички лица, а не како новинари. Мотивите не се непознати, туку се познати.

По овој текст, со реакција повторно се јави новинарот Љупчо Цветановски. Тој потврди дека биле нападнати без некоја посебна причина и дека не биле нападнати додека извршувале новинарска работа. Цветановски, во својата изјава, вели дека не сака да прејудицира дека станувало збор за политички мотиви.

Јас сум бил нападнат и во Кондово, Арачиново, дури и во Кавадарци снимајќи анкети, но сето тоа било во рамки на работа, додека вчерашниот инцидент беше тотално без причина. Во денешно време, еве Саше Димовски пред неколку дена, а претходно имаше икс и икс случаи каде новинарите беа напаѓани. Јас не сакам да преудицирам дека тука има некакви политички мотиви, напротив гледаме и некои колеги денеска напишаа наслови „Вистината за нападнатите“, дали тука има врска или од друга страна политички мотиви или дека сме новинари? Па и да сме обични граѓани, како и што сме, нас не нападнаа седум луѓе среде Скопје без никаква причина и тоа е малку извртување на приказната, вели Цветановски.

Целиот настан, дел од медиумите го искористија со цел политички да манипулираат и да поентираат дека во државава се напаѓаат новинари од политички побуди. Некои медиуми, преку своите наслови тоа мајсторски го изведоа.

Но, очигледно е дека таквата слика беше разбиена, што резултираше и со тргање на првичната вест објавена на порталот Инфомакс.

Ваквите написи се чист пример за тоа како лесно може да се создаде погрешна слика во јавноста од рекла-кажала разговори. Новинарот мора секогаш да ги провери информациите пред да ги објави. Точна е веста дека новинарите биле нападнати, но не е точно дека мотивите биле непознати, а уште помалку дека власта нарачува напади врз седмата сила.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести