verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како е да се биде новинар во провладин медиум?

on 18 - 03 - 2015       
Лаги и вистини - во посебни сандачиња за да не се допираат. Уметничка инсталација, Jamie Pawlus, Индијанополис, САД, 2003 година. Фото:  Jason Borneman, 2008.
Вистини и лаги – во посебни сандачиња за да не се допираат. Уметничка инсталација, Jamie Pawlus, Индијанополис, САД, 2003. Фото: Jason Borneman, 2008.

 

Веројатно е најтешко да се лажеш сам себе и најлесно да си пишуваш оправдувања, но тоа е личен избор. Новинар не е само да се сликаш пред камера, да придржуваш микрофон и ништо да не прашуваш, да полниш страници со туѓи текстови од некој партиски центар, против демократските стандарди. Новинарството е, сепак, професија во име на јавноста и на граѓанинот, никако во име на вождот.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Да се биде новинар во провладин медиум и како тоа функционира е релативно непознат момент во македонскиот новинарски простор. Обично новинарите кои работат во медиумите што ја поддржуваат политиката на Владата се затворени, ретко даваат изјави, па оттаму и дилемата како тие функционираат на работното место. Постојат шпекулации за тоа како оди тој процес, за кој се вели дека е со оска Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ – уредник – новинар, но за тоа ретко кој може да даде потврда, особено не новинарите кои сè уште работат во тие медиуми. Затоа, на овие прашања побаравме одговор од новинари кои решиле да ја напуштат таа работна средина.

 

НАРАЧКИ ОД СИТЕ СТРАНИ

Соња Трајковска, која долги години беше уредник на вестите во телевизија „Канал 5“, вели дека наметнувањето задачи доаѓа од најодговорните.

– Откако тие ќе добијат насоки од „центарот“, од една личност, или повеќемина, преку телефонски повик, меил или СМС-порака (најчесто), им се дава задача на новинарите да го „сработат“. До последните избори, односно до кампањата, тие нарачки, главно, беа во насока да се промовира некој проект, некоја кампања. Тука имаше од владини проекти, до бизнис-кампањи на бизнисмени блиски до сопственикот. Но, со почетокот на кампањата на претседателските и на парламентарните избори, сето тоа како да излезе од контрола. И сите тоа го забележаа – се доставуваа списоци со теми од сите области кои требаше да ги промовираат успесите на актуелната власт. Секој новинар си добиваше што таа недела треба да сработи, но она што беше најбрутално, е што за некои теми дури стигнуваа и белешки како тоа новинарот да го сработи, со изјави од тој и тој, од тој и тој датум – вели Трајковска.

Таа вели дека со ова не кажува ништо ново бидејќи сите кои ги следеа вестите можеа да зебележат прилози кои личат како „јајце на јајце“.

– Тоа е еден вид нарачки. Други нарачки доаѓаа и од кабинетите на одредени министри, преку телефонски повици или СМС-пораки директно до новинарите – објаснува Трајковска.

 

ДАЛИ НОВИНАРИТЕ ОДБИВААТ ЗАДАЧА?

Погрешен е впечатокот, вели Трајковска, кај дел од јавноста дека новинарите во овие, како што ги нарекуваме, провладини медиуми, седат и „гувеат“.

– Не е така. Се одбиваат задачи, се одбива да се вметнуваат тези во прилози, се одбива да се поставуваат прашања кои новинарот смета дека му е под честа да ги постави. Има и кавги. Но, секогаш има некој што повторно, од лично или од друго убедување, нема проблем да се потпише зад некоја нарачка. Последните години имаше секојдневни состаноци, на кои се договараа теми за следниот ден или за неделата. Како и во секој медиум, постои притисокот дека „никој ништо не работи“ и дека треба да се прават теми – објаснува Трајковска.

Таа реагира дека не можеле да предложат теми затоа што не им ги прифаќале соговорниците, а кога ги праќале на интервју, не им дозволувале да постават прашања, туку требало само да го држат микрофонот.

– Ти можеш и да одбиеш работа, но мора да се има на ум дека секој новинар и уредник мора на крајот на месецот да поднесат извештај колку сработиле. Па, изборот е или полн или празен лист – вели Трајковска.

Таа тврди дека во најголем број случаи уредниците си ја прифаќаат улогата на курири. Има и случаи кога некои работи не се прифаќаат, објаснува таа, најчесто ако се во спротивен интерес со оној на газдата.

– Не знам дали имало казни зашто секогаш ќе се појави некој што ќе го сработи она што е побарано. Ако одбие еден, секогаш има некој друг што ќе го направи. Гледате, тоа не е тајна, тоа се луѓе со име и со презиме, ги препознавате. Но, со тоа што се спротиставувате на барањето да се направи вака или онака, постепено го навлекувате гневот на претпоставените. И, најчесто, казната доаѓа како прекршување на дисциплина – за доцнење на работа, ви се воведува работно време како во фабрика, се крева врева ако некој погрешил букви во некоја вест или во наслов или не знам што. Во услови на таква технологија, кога вести можеш да правиш и од месечината. И сè така додека не зоврие работата, па, или да си заминете, или да ве избркаат. Значи, заднината е непослушност, а формата е, на пример, завршување на договорот, рационализација и слични глупости – заклучува Трајковска.

 

ДОПИСНИЦИТЕ СЕ СООЧУВААТ СО ЦЕНЗУРА

Новинар кој, исто така, напушти работа во еден провладин медиум, но кој сакаше да остане анонимен, вели дека да се работи во провладин медиум, најверојатно не е најстрашната работа на светот.

– Медиуми што ги поддржуваат политиките на одредена партија, политичко движење, па и на влада вклучително, се присутни насекаде во светот. Но, искуството мое се базира на работа во медиум кој создава паралелна вистина и во неа вие имате улога на пополнувач на време, правите шоу. Оти кога ја боите реалноста, ја удвојувате и ја прекројувате, тоа е циркус во кој вие сте изведувач. Во мојата работа никогаш не се барало да правам нарачки. Сè што е наменско го прават доверливите и послушните. Останатите работат на неутралните теми. Во најлош случај, кој е и најчест, воопшто нема да работите – ни изјави новинарот.

Дописниците, вели соговорникот, се соочуваат со самоцензура.

– Долг период сум сведок како се задушуваат настаните кои се организирани од опозицијата, а се против интересите на владата, (митинзи, трибини, протести, штрајкови), па почнува да биде мачно да се биде известувач од одреден регион. За такви прилози, во кои се критикува владата, во вестите главно нема место, нема време, не е актуелно, не е атрактивно. На суптилен начин ви се дава до знаење дека не минуваат овие теми. Потоа навлегуваш во автоцензура. А, во меѓувреме, додека се игнорираат вистинските проблеми, вие сте принудени да зборувате за сосема релаксирачки теми и од ден на ден си мислите дека отапувате и заглупавувате. На крајот, ви се огадува од работата и од професијата – објаснува новинарот.

Репортерите кои од теренот ја носат вистината и суштината на живеењето, вели соговорникот, и кои преку човечки примери ги отсликуваат резултатите од политиките што ги спроведува владата, се соочени со недоверба кај обичниот човек, бидејќи тој ве доживува вас како претставник на медиумот.

– Веруваат дека секој новинар е лика и прилика на политиката на информирање што ја води телевизијата. Во помалите средини, тоа е директно рушење на кредибилитетот на новинарот, бидејќи колку и да се окупира просторот со „розови“ вести, гледачот знае кога го лажете и не ви верува. Тоа е еден од најголемите прблеми кога се работи во медиум кој цврсто стои зад владините политики. Луѓето ве доживуваат како непријател – заклучува новинарот.

 

АМА ИМАМ СЕМЕЈСТВО, МОРАМ ДА ЗЕМАМ ПЛАТА

Како е тоа да бидеш новинар во провладин медиум или можеби, поточно, да си новинар, во денешно (не)време, објаснува и новинарот Драган Антоновски, кој работеше во телевизија „Сител“ од каде реши да замине.

– За најголемиот број луѓе, нема дилеми, има два света, оние кои се занимаваат со новинарство и тие кои се натрапници во професијата. Може и понаку: ги имате тие кои се замолчени и оние кои секогаш молчеле, а сега се прегласни. Во секој случај, веројатно е многу тешко да браниш нешто што не се брани, и самиот не веруваш во тоа, а наместо за граѓаниниот  и за јавноста, ти стануваш мегафон и партиска труба. Сепак, треба да се знае дека лагата е само лага и, драги мои, не сме колеги и тоа не е новинарство – вели Антоновски.

Тој вели дека не поминува приказната „ама имам семејство, морам да земам плата“, или „морам така да кажам, газдата ме притиска“.

– Можеби е така, но таквото работење и согласување, прифаќање на лагата, сепак, е соучесништво или само бербатење на професијата. Провладините новинари сакаат да се убедуваат самите себе и со истите како нив, дека само така мора и не се тие виновни што прифаќаат сè и сешто. Некои свесно сакаат така затоа што добро ги плаќаат и тие се платеници, но зборувам и за оние кои кога ќе ги прашаш како е, првин ја веднат главата, а потоа велат „знаеш што да ти кажам…“ – ни раскажа Антоновски.

Ширење лаги, дефокусирање, спинување, пропаганда – сè тоа е денешното  „новинарство“, а ништо од тоа не му припаѓа на новинарството, тврди тој.

– Тешко е да се согласуваш на тоа… Или мора многу да те плаќаат или треба да си целосен безрбетник за да тврдиш дека така може и треба. Фина заработувачка за профитерите од професијата има, ама идилата ја расипуваат прислушуваните материјали. Некако им објаснија како ги третираат, како ги избираат, како ги потценуваат. Се покажа како се лигават и, демек, водат битни муабети, и замисли, не се срамат и продолжуваат и понатаму. Веројатно е најтешко да се лажеш сам себе и најлесно да си пишуваш оправдувања, но тоа е личен избор. Тоа е примитивизам. Новинар, во секој случај, не е само да се сликаш пред камера, да придржуваш микрофон и ништо да не прашуваш, да полниш страници со туѓи текстови од некој партиски центар, да зборуваш против својот народ, против демократските стандарди. Новинарството е, сепак, професија во име на јавноста и на граѓанинот, никако  во име на вождот – заклучува Антоновски.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести