verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумски илузии: Овие од власт не си одат!

on 17 - 03 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
„Успешен“ рецепт: злоупотреби полиција, злоупотреби медиуми. Фото: МВР, 2012 (лево), Alain Bachellier, 2008 (десно). Фото колаж: СПФМ
„Успешен“ рецепт: злоупотреби полиција, злоупотреби медиуми. Фото: МВР/ВМРО-ДПМНЕ, 2012 (лево), Alain Bachellier, 2008 (десно). Фотоколаж: СПФМ

 

Ако се земе предвид дека огромен дел од медиумите, особено телевизиите, се под нивна целосна контрола или, подобро кажано, се наоѓаат во иста каша како и власта, нема многу простор за надеж дека е можен некој пресврт

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Медиумите и јавнoста се залулкуваат во една неоснована надеж дека тоа ќе се случи – дека Владата ќе се повлече и ќе отвори можност за расчистување на кризата. Се поттикнува надежта дека моралната димензија ќе превладее. Во некои медиуми веќе се разработуваат плановите, техниките и можните варијанти на нивно повлекување и кои настани и постапки ќе следуваат. За она малку од независни медиуми се чини дека тоа е веќе апсолвиран факт (или надеж попрво), иако и тие не знаат точно како тоа би се извело – со експертска или техничка влада, со темелна реконструкција, со привремени институции… Јавноста не е на чисто како ќе функционира парламентот, како судовите, обвинителството…

Мислам дека медиумите премногу веруваат во каква-таква демократска свест, во каков-таков морал кој, каде и да е, ќе превагне кај компромитираните властодршци. Тоа не е во размислите на гарнитурата на власт која, се покажа, е имуна и од морал и од грижа на совест, а најмалку од стравување за иднината на земјата. Единственото реално стравување е за нивната кожа.

Гледајќи го однесувањето на Груевски и на неговата ударна група, мислам дека нема многу елементи да се извлечат оптимистички заклучоци. Барем според она што допира до нас како јавност преку медиумите. Ако се земе предвид дека огромен дел од медиумите, особено телевизиите, се под нивна целосна контрола или, подобро кажано, се наоѓаат во иста каша како и власта, нема многу простор за надеж дека е можен некој пресврт.

 

ОТВОРАЊЕ НА ПАНДОРИНАТА КУТИЈА

Не треба да се занемари дека оваа власт дојде со проект или, поточно, усоврши еден сеопфатен систем за ограбување и за целосно корумпирање на државата во сите сегменти. Воведе систем на уцени, купување, заложништва и на притисок на поединци и на цели социјални и етнички групи. И сè со цврста намера тоа да го прави на долг рок. Таков проект досега не сме имале. Сите други досегашни гарнитури на власт ограбуваа и корумпираа,уценуваа без разработен систем, стихијно, би рекле, од случај до случај. И „левите“ и „десните“ од земјата направија своевиден пустош. Но, вакво систематско урнисување немало. Од лагите и од општественото заложништво направија партиска платформа, систем кој функционира и секогаш има своја цена.

Го креираа „Скопје 2014“, главно, за да дрпнат огромни пари. Сите големи и мали проекти имаат и непишана ставка – „за фамилијата“. Сите трансакции со градежно земјиште и драстичното урбанистичко прекројување се дел од еден, за наши услови, гигантски план да се завладее со трајните богатства на земјата.

Сте помислиле ли (или веќе знаете) кој, како и зошто доаѓа до оние значајни, никогаш поголеми субвенции за земјоделството? Сите оние идиотски рекламни кампањи се само дел од проектот „да се стави нешто в џеб“. Не заборавајте ги тука и „поситните“ проекти со апаратите, на пример, за фискализацијата на трговијата, компјутерите за училиштата, жалните врби во Вардар и сите други не помалку патетични набавки и тендери, кои секогаш имаа и скриен титулар, односно се знаеше точно кој ќе ја собере провизијата, кој, со одлука на врвот, е одреден за таа работа. Инаку, од каде сите оние станови, автомобили и лични имоти стекнати за време на владеењето на оваа гарнитура. Само една најповршна проверка за потеклото на нивните реални имоти, ќе утврди дека тие на никој начин не можеле легално да ги стекнат. (А таква проверка логично се заканува доколку дојде до смена на политичкиот распоред.)

За тие цели, секако, им беше потребна и добра логистика. За да се изведе тоа, со супремацијата во парламентот се променија илјадници закони, особено по истерувањето на опозицијата, што, всушност, беше дел од проектот.

 

НОВА ЛУСТРАЦИЈА

Сè тоа, доколку падне оваа власт, ќе почне да се отвора, сакале или не. Ќе почнат да се откриваат документи, податоци, нови афери.

На ред ќе дојдат многу важни домени и институции. Судството и обвинителството ќе бидат од посебен интерес. Свртете низ документацијата на гласилата, па ќе видите дека има фрапантно многу неразјаснети афери, сомнителни пресуди и обвиненија, судски и законски нелогичности за кои се пишувало. И за уште поголем број на оние за кои не се пишувало.

Ќе се постави прашањето за втемеленоста на судискиот состав. Се извадија некадарни правници кои некогаш не можеа воопшто ни да станат судии. Со оваа гарнитура влегоа директно во највисоките судови. Кариерите на нивните адут- судии беа молскавични. Безмалку половина од судскиот состав е променет за време на оваа власт.

Така беше и во други домени. Од дипломатијата, која стана прибежиште за недоквакани дечишта, до универзитетите, каде се ангажираа оние кои ни на сон не можеле да бидат тоа. Нема домен кој тие не го покрија со некои некадарни „полутани“. Но, дрски, алчни, исти како нив. За возврат, тие се заветуваа на верност, покорност и на сервилност кон фамилијата. Да не зборуваме за сите оние социјални ниски слоеви, кои преку партијата добија какви-такви работни места, каде што способноста е последниот рангиран квалификациски услов. А, да не зборуваме за онаа банда неспособни „новинари“, „артисти“, „интелектуалци“- сега „бранители“, кои само како прислужници на власта, успеваа и професионално да се реализираат.

Треба да се смета на сите оние од секторот за внатрешни од кои власта направи своја тврда партиска испостава и кои во некој „решавачки“ момент ќе бидат подготвени да го бранат името и делото на врховниот водач и на фамилијата. Нели е симптоматично што во зачетокот на кризата, полицијата доби право на употреба на гумени куршуми и други средства. Против кого? Минатата недела, пак, министерката за внатрешни ги потсети специјалните единици дека тие се – патриотите(!?). Против кого?

Индикативен е и начинот на кој едно обезбедување направи упад во еден медиум, среде програма. Тие агенции за обезбедување, пред една-две години добија законско право да носат оружје и некои други права што ги има официјалната полиција. Нивниот броен состав е многу значаен и не е далеку од умот дека некој калкулира со нивната „поддршка“. А, знаете ли кој го контролира огромното мнозинство од овие агенции?

Сакам да кажам, голем е влогот и во него се вовлечени безмалку цели слоеви кои во даден момент, ако не власта, ќе се спасуваат самите себеси. Зашто логиката на чистењето, во иднина, секако ќе подразбира и проверка на нивните позиции и способности за она што го работат, за начинот на кој дошле до такви места, позиции, функции, богатства. Тие, заради самозаштита, ќе се приклучат на партиската војска, која е несомнено голема. Не мал број нивни гласачи и приврзаници се вовлечени во проектот, некаква услуга им е направена.

Наскоро ќе бидат повикани да возвратат за услугата.

Единствената можност лежи во некоја решителна меѓународна интервенција или притисок, кои сево ова можат да го изменат. Но такви, засега, не се гледаат.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести