verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Kадрите во новинарството – меѓу квалитетот и квантитетот

on 27 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
FireShot Screen Capture #007 - '' - unite_edu_mk_mk_reklama__PlatformaENFinal_pdf

Фото: Од активностите на ДУТ – официјална веб-страница на Универзитетот

Веста за отварањето на (нов) скопски универзитет, кој, според најавите, ќе овозможи студии и на албански јазик, предизвика различни реакции во јавноста. Како јавноста, така и медиумите беа поделени и известуваа на различни начини во врска со основањето на новиот универзитет. Додека еден дел од медиумите ја возвишуваа одлуката како едно неспоредливо достигнување, другите пренесуваа загриженост за уште еден предизборен политички трик.

Неколку медиуми известуваа за мислењата на многу интелектуалци, кои велат дека Министерството за oбразование и наука треба да даде епилог на десетици отворени прашања во Државниот универзитет во Тетово, пред да избрза и да отвори друг универзитет во пресрет на предизборната кампања. Според веродостојната меѓународна класификација, години по ред ДУТ не успева да се искачи ни меѓу првите десет во листата на универзитети во земјава. Од него секоја година излегуваат илјадници дипломирани, со дипломи кои вредат малку повеќе од ништо на јавниот и на приватниот пазар на труд, каде што се регрутираат кадри токму врз основа на класификацијата во која ДУТ фигурира на опашката.

Лабилната и неконзистентна политика на дисперзија комплетно го соголи недостигот од визионерски капацитет и кратковидните образовни стратегии на албанските политичари. Запишаните студенти во дисперзираните гранки беа присилени да се преселат во кампусот во Тетово поради затворањето на дисперзираните студии, што сведочи дека визијата на ДУИ во образованието не е конзистентна ни колку еден циклус на студии.

И тие дисперзирани факултети што сè уште се во Скопје, се соочуваат со банални проблеми за функционирање, како што е немањето греење во студените зимски месеци.

Уште позагрижувачко треба да биде нивото на квалитетот кај кадрите што ги произведува ДУТ. Најдобар показател е нашата професија, новинарството. Стотици студенти дипломираат новинарство во ДУТ, а само еден мал процент од нив продолжува со професионален ангажман во новинарство. Не поради малата побарувачка за дипломирани новинари, туку, за жал, поради тоа што се произведува главно квантитет, а не квалитет. Секоја чест на исклучоците, кои со својата работа бргу ја стекнале почитта меѓу колегите и во општеството.

Меѓутоа, дека има недостиг од квалитет, независно од стотиците дипломи, се потврди со отворањето на новите медиуми во последниве месеци. Од десетици апликанти на разни огласи, се избраа само мал број студенти од ДУТ, но не доволно за да се поправи рејтингот на Факултетот за новинарство во оваа образовна институција.

По овој пример, треба да се анализира единственото логично прашање во врска со најавениот скопски универзитет: дали тој ќе биде уште еден декор на крајот на ранг-листите или еден храм кој ќе произведува квалитет? Сечија скепса е легитимна.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести