verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Изјава која ја истресе Македонија: ЕУ препорака – назад во едноумието!

on 3 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

Југословенската комунистичка пропаганда: до ова дереџе ли стигнавме. Фото: архивска фотографија
Југословенската комунистичка пропаганда: До ова дереџе ли стигнавме? Фото: архивска фотографија

 

Како минуваат деновите по онаа необјаснива изјава на комесарот Хан дека не е битно кој учествува на изборите туку дали се тие регуларни, демократски(!?) и слободни, не можам да се оттргнам од сеќавањата на едни други времиња за кои мислевме дека нема да се повторат.

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Еврокомесарот Јоханес Хан, со својата изјава за софискиот магазин „Капитал“, неодоливо ме потсети на времето на едноумието, на  времето кога изборите се сметаа и беа формалност затоа што се знаеше кој ќе победи, дека сè е веќе наместено, лажирано и сите гласаат „за“! Тоа е времето кога комунистите, кои ја запоседнаа сета власт, впрочем како ВМРО-ДПМНЕ сега, а сепак, изборите ги спроведуваа редовно и се разбира, со успех! И тогаш не беше битно кој учествува, додека учествуваат само оние од власта.

Во тој систем се знаеше дека треба да има некоја застапеност (полова, етничка, старосна…) Се водеше сметка секоја каква-таква општествена организација (сите под капата на комунистите), да биде застапена. Имаше, покрај комунистите и членови на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, од организацијата на борците, од младинската, од армијата… Безмалку сите слоеви на население беа опфатени во пратеничките листи, односно во делегатските  подоцна.

Изборите се подготвуваа мунициозно, како не дај Боже, од тоа да зависи судбината на тогашната власт. Избирачките одбори и комисии ги водеа проверени кадри, списоците беа точни (исчистени), секој добиваше со недели претходно покани на домашна адреса и секој имаше обврска да се јави и да гласа. Гласањето беше задолжително, едно време дури негласањето повлекувало и прекршочна одговорност, па луѓето трчаа да гласаат, плашејќи се од долгата рака на системот.

 

ГЛАСАЊЕТО КАКО ПРАЗНИК

Самиот ден на гласањето беше речиси како празник. На радиото и на телевизијата се емитуваше патриотска и револуционерна музика, а уште претходно имаше кампањи да се излезе на гласање (масовно), се апелираше на должноста на секој граѓанин да ја исполни својата патриотска и граѓанска должност, но не се испушташе и зборчето „обврска“.

И покрај тоа што на многумина не им беше јасно зошто воопшто се гласа, луѓето одеа на гласање, дотерани како сега во црква (тогаш во црква и не се одеше, дури и кога се престана на тоа лошо да се гледа), некако свечени во изразот. Бидејќи во тоа време се гласаше само напролет, по гласањето се одеше во парк на прошетка, се јадеа ќебапчиња.

Не се сеќавам дека резултатите се исчекуваа со нетрпение, но затоа вечерта се објавуваа вестите дека изборите поминале во демократска атмосфера и дека гласањето било успешно, а на повикот се одѕвале, на почетокот обично околу  98-99 проценти, подоцна тој процент почна да се намалува, но не драстично.

Беше тоа една голема фарса. Нешто како коњска трка на која секогаш победуваа – магарињата!

Според критериуми што ги обзнани и афирмира Јоханес Хан, на ваквите избори не би можеле да им се најде мана ниту во регуларноста, ниту во  исправноста. Сè според важечките закони. Немало диви, фантомски гласачи, лажни лични карти, полнења кутии или каква било нерегуларност. Пофер – здравје!  Дури немаше ни губитници зашто сите што учествувале добиваа, немало никаков инцидент, а ни набљудувачи не биле потребни…

Тие избори имаа само една мана! На нив не учествуваа како кандидати тие што мислеа поинаку од власта и од партијата на власт. Но, сега тоа, според Хан, не би било проблем. Важно е да има избори, фер и регуларни, а кој учествува – тоа не е важно. Според Хан, значи тоа би биле ОК избори!

 

ЗОШТО ТРАНЗИЦИЈА?

Но, што правиме ако се потсетиме дека поради такви избори и поради некои други работи што произлегуваа од таквите избори целиот слободен и демократски свет на западната демократија водеше полувековна борба тоа да го промени и на изборите да учествуваат и тие што мислат поинаку од власта. На оваа идеја се распаднаа цели системи, општества, се распаднаа држави, се водеа граѓански војни, се ликвидираа луѓе, се бомбардираа  градови. Зошто? За на крајот да се спроведат плуралистички, повеќепартиски  избори, на кои слободно, без манипулација на властодршците, да земат учество разни политички ориентации и идеологии, а не само една како во едноумието! Зошто?! Заради тоа, волјата на граѓаните да ја решава судбината на општеството. И нашата земја веќе четвртина век поминува низ трауматични раздобја, се урнаа цели лични светоназори, се распаѓаа семејства и пријателства заради политички разидувања.

И по четврт век доаѓа еден не многу кредибилен бирократ, кој којзнае како се добрал до комесарска позиција и дели неодговорни изјави и директно учествува во продлабочување на хаосот во кој се наоѓа нашето општество. Едно е дали нему му се допаѓа македонската опозиција (која и да е), но сосема друго кога со моќта што му е дадена сака да нѐ врати назад. И сега се прашувам – кој марифет беше таа транзиција, демократските лекции и преуредувањето на општеството?

Токму затоа оваа несреќна, недоветна и крајно сомнителна изјава ни дава материјал да се сомневаме во добрите намери на Хан, а ако  се оствари оваа идеја и на политичките интенции на ЕУ.

Хан и ЕУ ќе треба да објаснат што сакаат, кои им се намерите, што сакаат да порачаат. Зашто вака само ја утврдуваат разочараноста на луѓето во слободата и во демократијата.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести