verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Херои и предавници во гумени чизми

on 19 - 08 - 2016       

 

Поплави, политика и медиуми. Фото: Мета и СПФМ
Поплави, политика и медиуми. Фото: Мета и СПФМ

 

Десетти ден од страотните поплави состојбата е катастрофална. Луѓето се обидуваат да создадат барем минимум услови во своите домови додека војската и припадниците на КФОР да го расчистат ѓубрето. (24 Вести, прилог: „И по десет дена од поплавите Стајковци се уште во кал“, 16 август, 2016)

 

Сe поголем број исчистени улици и домови, се обновува инфраструктурата, дезинфекцијата е во тек, а наскоро ќе започне и обесштетувањето. Граѓаните изразија благодарност до Димитриев за ажурноста на институциите и санирањето нивните куќи и дворови. Тие велат дека ако не била помошта од припадниците на АРМ, институциите и волонтерите тешко дека ќе можеле да се справат со поплавите и толку брзо да се исчисти калта од селото. (Курир, Напис: („Фото: „Димитриев во Стајковци и Инџиково-куќите се санираат, граѓаните благодарни“, 16 август, 2016)

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

ДВЕ ПАРАЛЕЛНИ РЕАЛНОСТИ

Две очигледно дијаметрално спротивставени тврдења од местото на случувањата, дадени за еден ист настан, за една иста тековна состојба, во ист ден и безмалку во ист час, опишувајќи ја состојбата во поплавеното скопско село Стајковци на ваков начин ги информираат своите гледачи, односно читатели, за тоа како тече расчистувањето на последиците од поплавата од 6 август годинава. Иако сосем различни, и двата прилога се навремени, поткрепени и со информации и со увид од местото на случувањата и со искази од релевантни соговорници, но сепак тие како да информираат за две сосема различни вистини за една иста работа. Поточно, како да известуваат од два паралелни универзума во кои и во двата се случила една иста поплава на едно исто место, но потоа работите се одвивале сосема различно. Како е тоа можно?

Две слики, две реалности кои не се допираат и во кои се случуваат настаните и се презентираат фактите со толкава исклучивост и спротиставеност што консументот на тие информации навистина воопшто нема вистински увид како, всушност, стојат работите на терен. Овој налудничав тренд ќе продолжи и во наредните денови.

 

СПАСИТЕЛ ИЛИ МАНИПУЛАТОР – ДВА ЛИКА ВО ИСТО ОГЛЕДАЛО

Уште веднаш, ден по поплавите, медиумите почнаа да пренесуваат различни информации од поплавените подрачја. Додека едните известуваа за хаосот кој остана зад ужасната стихија и почнаа да ги повикуваат на одговорност државните функционери и претставници на надлежни институции, другите се концентрираа на посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Синѓелиќ. „Вечер“, најавувајќи го доаѓањето на Груевски, дури објави информација која наликува на соопштение од кабинет на премиер или претседател на држава, а не на новинарска вест:

“Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ го прекинува летниот одмор во турција и се враќа во Македонија со цел да помогне во справување со тешките последици од невремето кое вчера ја зафати Македонија од досега невидени размери. Предвидено е веднаш по пристигнувањето Груевски да се упати на најкритичните места погодени од поплавите и директно на терен да ја согледа ситуацијата“.

Со ова, како да се работи за најнормална работа на свет, се велича влијанието на еден поединец, па бил тој и претседател на партија, како битен фактор во справување со кризата настаната со поплавата, небаре повеќето нешта зависат само и само од она што тој ќе го реши, ќе каже и ќе го направи.

 

ЛИДЕРИ СО ЛОПАТИ

На познатата 10-минутна снимка, која ги вжешти социјалните мрежи се гледа како тој, иако нема никаква државна функција, ги строи, испрашува премиерот Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и потсмешливо му наредува на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, по телефон колку луѓе и колкава механизација треба да учествуваат во идните активности за расчистување на терен, па дури и ги потсетува присутните дека треба да се појават на седница на Владата. Оваа снимка предизвика бројни очекувани реакции, негативни, но и позитивни.  И додека за едните Груевски постапил позитивно, прекинувајќи го својот годишен одмор во Турција за да дојде и да помогне во настанатата ситуација, за другите таа епизода е гол политички маркетинг (Либертас), девалвирање на институциите (Телма), чиишто функционери од Груевски добиваат задачи како ученичиња, а тие го слушаат.

„Војната со лопати“ прв ја почна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, кога „со засукани ракави“ се појави кај поплавените жители, овојпат не во улога на врховен командант, туку да помага. На неговиот потег се стркала вистинска лавина на коментари на истите оние медиуми кои претходно го фаворизираа потегот на Груевски, во стилот:

„Веднаш исчезна – Откако се сликаше во Стајковци, Заев го снема“,

коментирајќи дека

„опозицискиот лидер Зоран Заев продолжува да тера политика и партиска промоција на сметка на погодените граѓани од поплавите кои ја зафатија Македонија“.

Сепак, ни ден не помина, а за лопата се фати и Груевски лично, што не помина незабележано кај провладините медиуми: „Груевски рамо до рамо со жителите на Стајковци цел ден помагаше на терен“, објавија тие натпреварувајќи се кој поуверливо ќе го пренесе „спонтаниот волонтерски потфат без камери“ на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

„Немаа камери, ама јас ги фатив. Браво, вакви луѓе ни требаат“,

се пренесува фејсбук-статус на спонтано воодушевена „жителка на Стајковци на социјалните мрежи“, а тоа е уредно забележено од истиот медиум. Зачудени што воопшто има критики на негова адреса.

 

ЕДНИ ГЛЕДААТ РЕВОЛТ, ДРУГИ ВООДУШЕВУВАЊЕ

Далеку помал публицитет во поголемиот број медиуми добија помалку воодушевените жители на поплавените села. Проопозициониот портал „Либертас“ ќе пренесе исказ на револтирана жителка на Стајковци:

„Не ни требаат парадирања во машни“,

но за провладините медиуми револт кај поплавените стајковчани како да нема. И инцидентот во кој физички беше нападнат еден од волонтерите, кој гласно му дофрли на Груевски дека не требало да доаѓа кога три дена и без нив се снаоѓале како да се случи во истите два паралелни универзума. И покрај тоа што за него сведочи снимка од екипата на бугарската ТВ „Нова“, според едните, без исклучок, се работи за „револтиран граѓанин“ (жител, волонтер), а според другите – провокатор испратен од СДСМ.

Копјата особено ќе се кршат по прашањето на – волонтерството. Многу пред фамозното интервју на Груевски за „Сител“, во кое тој прогласи 80 проценти од волонтерите кои расчистуваат на терен во Стајковци, Синѓелиќ, Илинден за – вмровци, тие, волонтерите масовно се одзваа на апелот за помош веќе ден по несреќата почнаа да се самоорганизираат, најмногу преку социјалните мрежи, најпрвин да собираат помош, за веднаш потоа да тргнат првите групи и во расчистување на поплавените куќи на несреќните граѓани. Рака на срце, некои медиуми ги видоа спонтано организираните групи за помош кои бргу профункционираа на „Фејсбук“, организирајќи дотур на храна, вода, облека, средства за чистење и превоз до и од поплавените места за сите оние кои со лопати и гумени чизми поитаа да ја црпат водата и да ја спасуваат покуќнината на поплавените, но за некои беше доволно она што го изјави Груевски – дека сета граѓанска солидарност и спонтаност, всушност, е во организација на партијата.

 

ВОДНИ БОМБИ, БОЖЈА ВОЛЈА – САМО НЕ ОДОГОВОРНОСТ!

Сепак, можеби најпарадигматичен пример за егзистирањето на две паралелни вистини за настаните врзани за поплавите во Стајковци и во околината е пристапот на медиумите кон прашањето за одговорноста за трагедијата. Ден по поплавата, изјавата на директорот на УХМР, Оливер Ромевски, дека катастрофата било нешто што не можело да се спречи, медиумите наклонети на власта веднаш ја пренесоа, исто како и оценките на претставниците на власта дека се работи за божја волја, а патем резигнирано заклучија:

„Вчера се случи феномен којшто придонесе за катастрофата“.

Друг медиуми, пак, останаа неимпресионирани од изјавата на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ дека било нецивилизациски и неодговорно да се зборува за одговорноста за поплавите. „Поплава- ќе има ли кривична одговорност?“, прашува „Радио Слободна Европа“.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, беше еден од државните функционери кои беа на тапет за одговорноста за незавршената работа околу неисчистените канали, неизградениот систем за заштита од поплави.

„Дали Коце Трајановски бил свесен дека градот Скопје и околината се во постојан ризик од поплава?“,

праша порталот „Слободна Македонија“ потсетувајќи на следново:

„Како е можно државата да не изгради ефикасен систем за заштита од поплави на Скопје и покрај експертската проценка за загрозеност од поплави (од 2007) во која се истакнува дека нема таков систем и дека системите за одводнување не се во функционална состојба „така што и при појава на врнежи од помал обем водата се излева и поплавува?“

Рака на срце, и провладиниот „Дневник“ во еден момент прозвучи критички на истава тема:

„Поплавени сме од многубројни планови и стратегии за спречување поплави кои не спречуваат поплави“,

но другите од истиот блок имаа сосема поинаков тон:

„Коце ги закопа соросоидите и СДСМ, погледенете каков одговор испрати на нивните барања за оставка!“ (Инфомакс, 10.08.2016)

и посуптилно:

„Градскиот татко достоинствено им одговори на нападите на СДСМ: Наместо да терате политика, дојдете да им помогнеме на сограѓаните!“

Санирањето на последиците од поплавите ни оддалеку не е завршено, а паралелниот медиумски слалом низ падината наречена „Поплави во Скопско 2016“ и понатаму трае. Поплавите станаа вистинска парадигма за поделеноста на сите нивоа во македонското општество, а нивното огледало и овојпат останаа – македонските медиуми.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести