verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Економското елиминирање на новинарите го замени физичкото

on 16 - 06 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
7188089708_eff9541862_b

Покривање протест за трошењето пари за проектот Скопје 2014. Фото: vladmrk, 2012

 

Оние што сѐ уште имаат работа работат во редакции во кои некогашните редакциски дебати се заменети со вертикален команден синџир, што значи „објавуваш или не објавуваш тоа што ќе ти се каже и како ќе ти се каже“. Уредувачката или новинарска независност се термини кои имаат статус на митски суштества, никој веќе во нив не верува.

 

Пишува: Тамара Чаусидис

 

Новите отпуштања во ТВ АЛФА се уште една потврда дека процесот на убивањето на македонскиот журнализам сѐ уште трае. Наместо физичкото, на дело е економското елиминирање, еднакво, па дури и поефикасно од физичкото. Сѐ се случува под закрилата на „технолошки вишоци“ и „деловни причини“ со отворено цинична и лажна процедура. Отпуштањата практично ги заменија насилните затворања на медиумите.

Голем дел од оние кои се или ќе бидат отпуштени заради професионалниот интергитет се соочуваат со речиси никакви шанси за повторно вработување во окупираната медиумска индустрија. Тие се етикетирани како неподобни, како закана за политичките и финансиски могули и за нив повеќе нема место.

Во моментов во Македонија имаме десетици новинари со искуство над десет и дваесет години кои се без работа или им се заканува отказ. Меѓу нив се некогашни уредници, водители на гледани политички емисии и новинари наградувани за истражувачко новинарство. На сите нив заеднички именител им е одбраната на вредностите и интегритетот на новинарската професија.

За жал, сите тие во моментот кога ќе бидат таргетирани за отстрел се соочуваат со неверојатна осаменост. Колегите во редакциите вртат глава од нив, молчат или, уште пострашно, недоветно и злобно ја рационализираат и оправдуваат постапката на која, прашање на време е кога и самите ќе бидат изложени. „На сите ќе ви дојде редот“ , драматично се обидуваа да порачаат колегите од ТВ А1 кога го затвораа нивниот медиум. Ја разбравме ли пораката предоцна?

 

Мобингот – оружје за неутрализирање на новинарите

 

Функционираме во средина во која елементарното ниво на солидарност, сочуство, па и совест се комплетно исчезнати. И тоа се манифестира постојано и мошне конкретно – кога новинари, репортери, уредници, камермани или, пак, колумнисти се отпуштаат потполно арбитрерно и притоа дополнително се понижуваат како „непрофесионални“ „неработници“, „партиски определени“, додека медиумската заедница молчи, рационализира и бара оправдувања.

Ваквата состојба не е случајна, таа е последица на долготрајна изложеност на жесток мобинг во редакциите. Мобингот, што според истражувањето на новинарскиот синдикат е застапен во медиумите со 60%, ги дава своите резултати.

Како изгледа тоа во пракса? Мобингот може да започне постапно или нагло, со декрет, со промена на сопственикот, со „преродената“ уредувачка политика или со конфликт со главниот уредник. Без каква и да е рационална причина, обемот на работата на таргетираните новинари се редуцира – им се укинуваат емисиите, не им се прифаќаат темите, текстовите, иако напишани и навидум одобрени – ги нема во печатеното издание на весникот или во вестите, се предупредуваат со некакви чудни закани и без јасни аргументи „да внимаваат“ сѐ со намера тие комплетно да се дезориентираат и да го загубат професионалниот интегритет.

Морално и психички исцрпени новинарите подложени на овој третман или прифаќаат да работат според наметнатите, непрофесионални правила на игра или замолчуваат, некогаш и сами си даваат отказ само за да ја избегнат оваа сегрегација и чувство дека се во непријателска средина во која им се мери секој збор. Понекогаш најавата за отказ ја примаат со олеснување!

Ваквиот третман остава психолошки траги (стрес, депресија, анксиозност, чувство на исцрпеност, малодушност) и го урива професионалниот, но и личниот интегритет. Но, целта на мобингот не е само жртвата, туку и сведоците. Психичкото и професионално малтретирање служи и како пример за другите што може да им се случи доколку дојдат во ситуација да бидат стигматизирани како неподобни.

Како последица новинарите и медиумските работници се сведени на депримирани аутистични поединци, неспособни за солидарност и сочувство, на кои професионалниот хоризонт им завршува со чекот за плата и стравот дали воопшто ќе продолжат да го добиваат.

Мобингот стана безболно орудие во рацете на оние кои сакаат лесно да се ослободат или да ги неутрализираат новинарите кои сѐ уште веруваат во вредностите на професијата, во пркосот како елементарна новинарска доблест.

 

Мора да се зборува за условите за работа

 

Недостатокот од реално синдикално организирање до таа мерка го има еродирано чувството за солидарност што редакциите буквално се задушуваат во исконски страв од губењето работа. Идејата за колективни права и за заедничко застапување е под постојан напад од партиските и бизнис центри. Членувањето во синдикат веќе отворено се казнува, се таргетираат синдикални претставници, а институциите (трудова инспекција, судовите), како и владејачката гарнитура, тоа интензивно го охрабруваат. Бројот на тајните членови се зголемува.

Оние што сѐ уште имаат работа работат во редакции во кои некогашните редакциски дебати се заменети со вертикален команден синџир, што значи „објавуваш или не објавуваш тоа што ќе ти се каже и како ќе ти се каже“. Уредувачката или новинарска независност се термини кои имаат статус на митски суштества, никој веќе во нив не верува.

Во такви услови е непримерно да се самообвинуваме или да ги обвинуваме колегите за недостаток од солидарност. Токму спротивното, време е конечно на агендата на новинарската заедница да ги ставиме – условите во кои работиме! Само новинар кој не мора да стравува дека лесно ќе биде отпуштен или изложен на мобинг може да си дозволи да биде професионален и да биде солидарен. Во спротивно ќе не елиминираат еден по еден, без исклучок.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести