verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Дупките во информирањето за исплатата на породилни надоместоци

on 3 - 11 - 2014       
Бременост. Фото: Bethany Brown, 2009

Бременост. Фото: Bethany Brown, 2009

 

И покрај широкото медиумско покривање на темата, граѓаните во најголем број случаи не добија целосна информација врз основа на која може да изградат сопствено мислење и став, односно, која би претставувала отворање јавна расправа за понуденото решение.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

На 24 април 2014 година, неколку медиуми (Сител ТВ, Алфа ТВ, …) ја пренесоа прес-конференцијата на Маја Парнарџиева-Змејкова, која во функција на претставник на ВМРО-ДПМНЕ говореше за програмските активности на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа прес-конференција, меѓу другото, беше споменат и проектот за Побрза исплата на породилните надоместоци и боледувања. Во медиумите кои ја пренесоа оваа изјава нема никаква анализа, не се поставуваат прашања и нема коментари.

На 30 април 2014 година, во медиумот „Фактор“, е дадено позитивно „експертско“  мислење за идејата и е промовирана расправа со која би се дала поддршка:

„Ваквиот предлог заслужува сериозна поддршка од социјалните партнери: Владата, Комората и Синдикатот. Треба да се седне на маса и да се разгледаат сите опции преку кои би можело да дојде до реализација на она што е најавено. Посебно место во трипартитниот социјален дијалог и во овој случај треба да има Синдикатот, кој, застапувајќи ги правата на работниците, треба да го побара и да го добие од Владата и Комората она што најмногу им одговара на работниците во нашата земја.“

По шест месеци (во кои не се одвива никаква расправа за идејата), на 15 октомври 2014 година Сојузот на стопанските комори на Република Македонија најави презентација на проектот од страна на директорката на Фондот за здравствено осигурување, како и известување дека ваква презентација е направена.

Официјалната најава на проектот од страна на Фондот за здравствено осигурување го предизвика интересот на медиумите и на 30 октомври 2014 во поголем број медиуми се појавија текстови поврзани со предлогот за нов начин на исплата на породилните надоместоци и боледување (+Инфо, Радио Слободна Европа, Вистина МК, Вест, Бриф…).

Меѓутоа, и покрај широкото медиумско покривање на темата, граѓаните во најголем број случаи не добија целосна информација врз основа на која може да изградат сопствено мислење и став, односно, која би претставувала отворање на јавна расправа за понуденото решение.

 

ШТО НЕДОСТИГА ВО МЕДИУМСКОТО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ИДЕЈАТА?

 

Во дел од медиумите недостига, или, пак, е погрешно даден податокот за што станува збор. На пример, во „Бриф“ се зборува за „Законски удар врз вработувањето на жените“. И покрај тоа што понатаму во текстот се спомнува дека станува збор за проект (дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ), се стекнува впечаток дека станува збор за веќе правно осмислено решение. Сличен впечаток остава и изјавата пренесена на „24Вести“:

„Законското решение кое предвидува фирмите да ги исплаќаат надоместоците за породилно отсуство и боледување не е добро и значајно ќе ги оптовари фирмите.“

Во најголем број од медиумите нема избалансиран пристап. Имено, се застапува едната или другата страна (идејата се претставува како удар врз правата на жената или, пак, како бенефит за жените).

Во дел од медиумите се повторува изјавата на директорката на Фондот дека станува збор за искуство кое е проверено во Словенија, меѓутоа ниту еден медиум не нуди линк кон словенечките решенија, анализа во која би се потврдило или оспорило ова тврдење, ниту, пак, податоци за искуствата од овој вид на исплата.

Во ниту еден медиум не се поставува прашањето зошто идејата не е понудена на поширока јавна расправа, а не само пред Сојузот на стопанските комори. Зошто Фондот не направил презентација пред релевантни невладини организации или пред експерти и стручњаци од областа, пред синдикални организации и струкови здруженија.

Ниту еден од медиумите не нуди линк (врска) до документот во кој Фондот за здравствено осигурување детално го објаснува проектот за кој станува збор, ниту, пак, се обидува да го анализира овој документ, а не изјавата на директорката на Фондот.

Ниту еден од медиумите не се обидува да добие одговор за тоа на кој начин ваквото решение би било позитивно и за работодавците и за вработените или барем за една од тие категории.

 

ШТО Е СО ПОШИРОКИОТ КОНТЕКСТ – ПРАВАТА НА ЖЕНАТА?

 

Медиумите во многу мала мера го ставаат проектот во рамките на поширокиот контекст на правата на жената. Во неколку медиуми се спомнува можното нарушување на еднаквиот пристап до работните места за мажите и за жените, меѓутоа не се воспоставува врска со веќе идентификуваниот многу длабок јаз во платите, со сиромаштијата која доминантно се поврзува со жената, со традиционалните родови улоги на мажите и на жените. „Радио Слободна Европа“ е еден од ретките медиуми во кои се дадени спротивставени мислења и е презентирана спротивставена аргументација, меѓутоа, еден ваков текст треба да претставува отворање, а не заокружување на расправата во врска со понудените мерки.

И особено загрижува податокот дека медиумите не реагираат на соопштението на Фондот за здравствено осигурување на расправата која се отвори во врска со предложените решенија:

„Во врска со проектот на Владата „Побрза исплата на породилните надоместоци и боледувања“, Фондот за здравствено осигурување на Македонија апелира да престанат шпекулациите за овој  проект, кој сѐ уште е во својот зачеток. „Овој проект ФЗОМ наскоро треба да го достави како информација до Владата на Република Македонија, во која ќе бидат образложени модалитетите за имплементација на овој проект. Доколку Владата прифати некои од предложените модалитети, самиот проект најрано би можел да се имплементира во 2016 година. Би сакале да ја увериме јавноста, вклучително и наводните експерти, дека интенцијата на сите проекти, а особено на овој, не само што не е на штета, ниту на работодавачите, а уште помалку на осигурениците и осигуреничките, напротив, ја има целта како што гласи и насловот на самиот проект „Побрза исплата на породилните надоместоци и барања“. Колку за Ваша информација, неодамна, ваков сличен проект, веќе има имплементирано и Република Словенија. Затоа, кога ќе се имаат првите веродостојни информации за овој проект, како и секогаш, јавноста навремено ќе биде информирана, а дотогаш, ФЗОМ нема воопшто да коментира за проектот“ се наведува во соопштението на ФЗОМ.“

Медиумите мора да го одбранат правото да информираат, да анализираат и да отвораат јавни расправи во врска со идеите што ги промовира Владата. Негирањето и омаловажувањето на овие расправи и јасно искажаниот став дека единствено Владата има право да одлучува, не смеат да останат незабележани и без коментар од медиумите. Соодветната и навремена реакција на медиумите на ваков вид отворено ограничување на слободата на информирање е неопходна за да не се отворат нови случаи слични на случајот „Кежаровски“.

(Фотографија на насловна страница:Hans and Carolyn, vineimages.com, 2008)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести