verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Јанез Копач ја уценува Македонија, а самиот се грее на гас од Путин?

on 3 - 11 - 2014       

Јанез Kопач ја уценува Македонија а самиот се грее на гас од Путин - crop-resize

Станува збор за одмазднички напис, за напис чија цел е да врати „мило за драго“, а фактите и аргументите – нека одат по ѓаволите. Јазикот на одмаздата почнува уште од наднасловот („Од топла канцеларија поубаво се гледа“) и не завршува до моментот додека не се заклучило дека е докажано оти шефот на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ), Јанез Kопач, седел во канцеларија која е загревана од гас на рускиот извозен монопол „Газпром“. Копач, инаку, деновиве искажа критичка изјава до македонската влада поради нејзиниот договор со „Газпром“ за гасоводниот крак на Јужен тек, а кој би требало да поминува низ Македонија.

Не дека начинот на кој се загрева неговата канцеларија има каква било врска со неговата изјава и со ставовите во неговата реакција, но тој момент овде е ставен на пиедестал како врвен и несоборив аргумент за неговото немање право да го критикува македонскиот договор со рускиот монопол за извоз на гас.

Ова е тенденциозно. Од читателот се бара со сета сериозност да поверува дека тоа што нечија канцеларија, или градот во кој се наоѓа таа, се грее со гас од овој или оној снабдувач, има врска со службените ставови на раководно лице на „загреваната“ институција, а кои се однесуваат на регулатива за изградба на крак од меѓународен гасовод, кој треба да се наоѓа во некоја друга држава. Текстот звучи како да сака да каже дека требало канцелариите на Европската енергетска заедница во Виена да го исклучат греењето на природен гас, да купат неколку греалки на електрична енергија и тогаш сè би било во ред, тогаш Копач би смеел да говори за договорите кои земјите-членки ги потпишуваат со „Газпром“.

Ова е исто како да се истражува дали, можеби, во зградата на македонската влада, дента кога некој од вработените има роденден, ги чести колегите торта, или, пак, се нарачува пица кога владата има седница доцна навечер, и заради тоа потоа да се тврди дека премиерот Никола Груевски нема право да ја повикува јавноста во земјава да консумира здрава храна, оти, ете, на неговото работно место понекогаш се јадат торти и пици. И едното и другото е бесмислено. Но, во овој напис пристапот е токму таков.

Јанез Kопач ја уценува Македонија а самиот се грее на гас од Путин - finalЛинк до оригиналниот напис: ОД ТОПЛА КАНЦЕЛАРИЈА ПОУБАВО СЕ ГЛЕДА: Јанез Копач ја уценува Македонија, а самиот се грее на гас од Путин?

Датум и време на објавување: 30.10.2014, 18:09

Датум на рецензирање: 31.10.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Текстот има сериозен проблем со пристрасноста. На две места во неговите изјави за рецензираниов напис, Јанез Копач појаснува зошто го кажал тоа што го кажал, но тие делови од неговите изјави се минимизирани и не се опсервирани. Иако во нив лежи суштината.

Првиот момент е кога Копач вели дека Австрија не е членка на ЕЕЗ (како ни потписник на договорот за нејзино креирање) и затоа институцијата не собира податоци за тоа од каде оваа земја се снабдува со гас. Во ЕЕЗ членуваат и се потписници на договорот земјите-кандидати за членство во ЕУ и земјите од европското соседство, а е создадена за да се зголеми енергетскиот пазар во Европа за да се зголеми конкуренцијата. Вториот момент е кога Копач вели дека договорот на Австрија со „Газпром“ за австрискиот дел на Јужен тек ќе треба да ги почитува актите на Европска Унија. Тоа е потврдено и во извештајот на „Ројтерс“ по повод потпишувањето на договорот:

„Договорот за гасоводот не го адресира прашањето на пристапот на трети страни (други дистрибутери на гас, н.з.), кој е неопходен според законите на ЕУ за да се превенира сопственикот на енергетскиот извор да ги монополизира своите канали за дистрибуција. Роис од ОМВ (тогашниот извршен директор на австриската компанија за гас, ОМВ, Герхард Роис, н.з.) рече дека за ова прашање мора да се преговара со Брисел. Роис рече и дека австрискиот дел од гасоводот, кој е планиран да се изгради во 2016 и да ги испорача првите количества гас на почетокот од 2017, во целост ќе се сообрази со европските закони“ (подвлеченото наше).

Изјавата на Копач, пак, која се однесува на Македонија, е пренесена на следниов начин:

„Јанез Копач, шефот на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ), во четвртокот (23 октомври) изјави дека договорот на Скопје за Јужен тек со Москва „не е во согласност“ со енергетските закони на ЕУ.

Тој забележа дека земјата како потписник на договорот за ЕЕЗ има „законски обврзувачка заложба да ги имплементира овие правила.“

Тој во коментарите за новинската агенција dtt.net, со седиште во Брисел, додаде дека „Македонија ќе треба да се повлече од ИГА (договорот со Јужен тек) или да го испреговара наново ако сака да стане членка на ЕУ.“

Значи, како што може да се види и од изјавите на Копач и од извештајот на „Ројтерс“, во конкретниов случај има разлика меѓу договорите што двете земји ги имаат потпишано со руската страна. Додека Австријците делот за сообразување со европската регулатива го оставиле надвор од договорот, со ниет спорните моменти првин да се решаваат меѓу ЕУ и Русија, за тоа каков е договорот со Македонија – не знаеме. Тоа во текстот не е објаснето или цитирано и не знаеме во кој дел тој договор не е во согласност со регулативите на ЕУ.

Инаку, за појаснување, Европска Унија го замрзна проектот Јужен тек и за спорот околу проектот се преговара меѓу ЕУ и Русија, а покрај тоа спорот е и на арбитража пред Светската трговска организација. Според европските закони, компаниите кои се занимаваат со истражување и со експлоатација на гасот, не смеат да се занимаваат и со негова дистрибуција или продажба, а ако веќе имаат гасоводи (значи се занимаваат и со дистрибуција), мора да дозволат и на трети страни да ги користат за пазарот на енергенти да се не монополизира од страна на големите енергетски компании на стариот континент, меѓу кои и „Газпром“. Ова е тој таканаречен Трет енергетски пакет и тој е закон на територијата на ЕУ. „Газпром“, пак, со одредбите на овој закон спори, тврдејќи дека Јужен тек почнал со изградба пред неговото донесување и бара тој за него да не важи, односно да не мора да го издава гасоводот на трети страни. Оттука настанува спорот и арбитражата. Значи, никој не вели дека гасоводот не треба да се гради, туку дека градењето и управувањето со него треба да биде според европските закони. Што е проблемот со македонскиот договор, овој текст не ни кажува.

Еве, од друга страна, како во текстот се толкува изјавата на Копач:

„Изјавата што ја даде Kопач од Брисел е последна во низата предупредувања за изградбата на руско-европскиот гасовод. Интересно, Kопач не вели дека не чини договорот и оти тој треба да се ревидира, односно не вели дека, на пример, тој договор наметнува неповолни услови за земјите што сакаат да се приклучат на „Јужен тек“, туку уценува со самата изградба на гасоводот.“

Како тоа Копач „не вели дека не чини договорот и оти тој треба да се ревидира“? Се разбира дека го вели токму тоа:

„Македонија ќе треба да се повлече од ИГА (дговорот со Јужен тек) или да преговара наново ако сака да стане членка на ЕУ.“ (Macedonia will have to withdraw from the IGA [the South Stream accord] or renegotiate it if it wants to become a full EU member.)

Синтагмата „наново преговарање“ е синонимна со зборот „ревидира“.

Делот од реченицата, пак, во кој се вели  „… уценува со самата изградба на гасоводот“ е, исто така, неточен. Копач говори исклучиво за (не)легалноста на договорот од гледна точка на регулативата на ЕУ и никаде не се меша во тоа дали гасоводот треба да се гради или не. Ако градбата се изврши во согласност со законите на ЕУ, тогаш пречки нема. Токму затоа Копач говори за наново преговарање или за ревидирање – за изградбата да стане легална.

Со ваква „уцена“, односно со почитувањето на законската регулатива на Унијата, се соочени сите земји-членки на ЕЕЗ и земјите-членки на ЕУ. Така што, Македонија е „уценета“ исто онолку и на истиот оној начин на кој се „уценети“ сите земји на европскиот континент, кои сакаат да бидат дел од заедничкиот европски енергетски пазар. Дека тоа е така, покажува и фактот што слични вакви изјави, како оваа за Македонија и за Јужен тек, Копач има дадено и кога станува збор за поврзувањето на Србија и на БИХ кон гасоводот, што значи дека Македонија не е никаков посебен или специјален случај.

На крајот од сето ова, се руши и насловот (ОД ТОПЛА КАНЦЕЛАРИЈА ПОУБАВО СЕ ГЛЕДА: Јанез Копач ја уценува Македонија, а самиот се грее на гас од Путин?), каде повторно се спомнуваат уцените, за кои видовме дека се непостоечки.

Ударниот и најважниот дел до текстот е да се утврди од чиј гас се загрева канцеларијата на Копач, градот и државата во која тој работи. За ова е потрошен најголем дел од текстот, како и целиот наслов. Иако ова е ирелевантно. Многу лесно можеше седиштето на ЕЕЗ да биде и Шпанија, на пример, каде што рускиот гас не се извезува. И тогаш во текстот ќе немаше речиси што да се пишува. Она на што текстот инсистира – дека руски гас ја загрева канцеларијата на Копач, Виена и Австрија – е ставено над сè. Небаре Виена и Австрија се избрани за Копач и за ЕЕЗ да можат да се греат со руски гас. Виена е избрана од проста причина зашто таму има и други меѓународни институции од областа на енергетиката. Како што е седиштето на нафтниот картел ОПЕК и седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Се разбира, невозможно е да се знае за некоја канцеларија во милионски град како Виена со чиј гас се грее, зашто тоа не функционира така. Најдобро што можел да открие текстов е дека од вкупниот гас што го троши државата Австрија, 60 отсто стигнувал од „Газпром“ и ова е тој „крунски“ аргумент, кој, демек, треба да му ја „затне муцката“ на Копач. Аха, а, дали тоа значи дека и оние 40-50.000 семејства од Скопје, чии домови се греат на парно греење, произведено од топланата ТЕ-ТО, а која, пак, за оваа намена користи исклучиво руски гас, исто така не смеат да „зуцнат“ против Јужен тек, зашто, ете, се греат од рускиот гас? На руски гас (значи со парно греење) се греат и редица институции во земјава, меѓу кои и зградата на Владата на РМ. Според „крунскиот“ аргумент на овој текст, значи ли ова дека и нашата Влада не смее да зуцне ништо против Јужен тек само заради потеклото на енергентот кој се користи за производство на топлинска енергија во нејзините канцеларии? Или, пак, да одиме до крајност. Едноставно, да потсетиме дека не 60 отсто како во Австрија, туку 100 отсто од гасот кој се троши во Македонија, е, исто така, од „Газпром“. И сите ли во Македонија треба да молчат кога станува збор за Јужен тек? И, тука ќе застанеме. Зашто ако продолжиме вака, уште малку ќе ја замолчиме цела Европа.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност, комерцијална пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести