verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Белешки за популизмот: Пивофестот како популистичка политичка реалност

on 22 - 05 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Pivtijada 2014

Пивтијада во скопска Автокоманда. Фото: Град Скопје, промотивна фотографија, 2014

За медиумите да имаат што повеќе публика, мораат да го задоволуваат медиокритетскиот вкус на народот, што се преточува во недогледна низа од медиумски содржини чиешто креативно и интелектуално ниво – а, со тоа, и политичко ниво – е во „мртва трка“ со просечноста на народните маси. Народот сака забава. Затоа политиката сѐ повеќе произведува забавни содржини за народот, коишто медиумите потоа ќе ги продаваат како забава за народот. Колку пивофести, пиволенди, појадоци на мост, пифтијади, чорбијади, пастрмајлијади, локумијади, маскаради и карневали, денови на праските, медот, јаболката и џимиринките, фестивали на плоштади, „бели ноќи“ итн. се произведени во Македонија во последните 6-7 години?

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Кај популистичката политика токму поимот на јавноста темелно се редефинира, со укинување на модерната карактеристика на јавноста како рационален дискурс во јавниот простор. Со тоа се редефинира и улогата на медиумите во демократијата. Медиумите, во сферата на политиката, ја губат својата примарна информативна улога и престануваат да бидат место каде што се води рационална дебата за темите од јавен интерес (нешто што е нормативен елемент на партиципативниот демократски модел) и стануваат комуникациски средства за емотивна хомогенизација на ставовите во јавноста и нејзина политичка мобилизација врз популистичката агенда. На тој начин, неопходниот општествен консензус не се постигнува преку трансформација на поединечните гледишта на граѓаните низ посветена и рационална дебата за различните политички опции на понуда, туку низ еден процес на „навивачка“ хомогенизација на анонимизирани поединци, поредени зад немилосрдната пропаганда на популистичкиот бран насочен против „непријателите“ на народот. Преземајќи го комуникацискиот концепт на „теледемократија“ од либералната демократија – каде масовниот медиум, низ можност за брзо, општествено-вертикално и систематизирано разменување на идеи, се користи за ефикасно агрегирање на поединечните преференции во колективни ставови и притисок за водење одговорно и отчетно владеење – популизмот општествениот конфликт го нуди како примарен резултат на медиумската кампања, без можност за компромис, договор или суштинско уважување на одреден малцински интерес во општеството.

Всушност, со интензивна употреба на алатките на медиумската и политичката пропаганда, се работи за систематско градење на одредена виртуелна реалност, којашто има за задача да ја камуфлира, дефокусира и да ја замени реалноста на политичките и општествените собитија во општеството со целите на популистичката политика. Медиумите се во центарот на операцијата за зачувување на компактноста на популистичката приказна, која не смее да покаже никаква персонално-политичка или тематска пукнатина, бидејќи и најмалото неконтролирано истекување на реални информации – на пример, за криминалот и корупцијата во врвот на власта, за „несоодветните“ навики или постапки на лидерот, за неуспешноста на големите популистички проекти во здравството или образованието и сл. – може да го доведе во прашање целиот популистички наратив.

 

Популистичка интерпретација на реалноста

 

Ваквата замена на реалноста со популистичката интерпретација на реалноста добро ја илустрира познатиот бугарски политиколог Иван Крастев, анализирајќи ги активностите на „политичките технолози“ – вештите пропагандисти и политички асистенти – на Путиновиот режим во Русија: „Уметноста на политичките технолози лежи во замената на политичкото претставување на вредности, интереси и идеи, коишто се во срцето на либералната демократија, со медиумско претставување на непостоечката политичка реалност којашто е суштината на менаџираната демократија.“

Успешноста на тој „жежок спој“ меѓу политиката и народот се контролира со чести, а понекогаш и дневни, истражувања и анкети за движењето на јавното мислење по бројни конкретни прашања, па политиката дневно се коригира и – со помош на разните алатки на вештините за односите со јавноста, какви што се спинувањата и други пропагандни техники – политиката се предвидува во зависност од желбите на мнозинството. Исклучива цел на политичкото водство станува стекнувањето поддршка од што поширок круг од јавноста, наместо унапредувањето на стратегиските интереси врзани за развојот на општествата – што во американската политичка реалност се нарекува “Leadership by Polls, not by Goals!” („Владеење според рејтинзите, а не целите!“).

Во ваквиот модел на владеење, во политиката се укинува спроведувањето на долгорочни цели и се владее со задоволување на дневни интереси на целни групи, сѐ додека тие го сумираат интересот на гласачкото мнозинство и го градат моментно посакуваниот политички консензус. Тоа е и една од суштинските причини зошто популизмот не може да го (пост)модернизира општеството, бидејќи неопходните реформи за општествена модернизација пропаѓаат пред интересот на мнозинството за зачувување на своите освоени општествени позиции во микро-световите на секојдневниот живот. Желбата за status quo ја „бетонира“ општествената неопходност за развој, во недостаток на политичка храброст којашто би се спротивставила на инерцијата на масата. Затоа, во политичките системи каде што владеат популистите сите важни реформи – од оние на здравствениот, пензискиот или образовниот систем, до оние во спортските или уметничките сфери – пропаѓаат еднакво свечено (и скапо!) како што и се промовираат во јавноста.

 

Успехот на власта се преточува во успех на медиумскиот бизнис

 

Бизнис-интересите на медиумските газди, особено на мали пазари и во мали држави, стануваат неодвоиви од потребата да се биде близок со власта. Успехот на власта се преточува во успех на медиумскиот бизнис, а тие стануваат сѐ покрупни финансиски операции, со силно изразени корпоративни структури и краткорочни високи профити, за сметка на професионалните новинарски стандарди и јавниот интерес. Оваа равенка станува очевидна во двете насоки на „пазарниот“ модел на политиката и медиумите – интересот за заемен успех ги одржува на „пазарот“ и политичарите и медиумските сопственици, патем правејќи го политичкиот процес толку скап, што за политичките партии и другите актери на сцената е речиси невозможно да го водат во границите на законски пропишаните финансиски лимити.

Маѓепсаниот круг е затворен: за медиумите да имаат што повеќе публика, мораат да го задоволуваат медиокритетскиот вкус на народот, што се преточува во недогледна низа од медиумски содржини чиешто креативно и интелектуално ниво – а, со тоа, и политичко ниво – е во „мртва трка“ со просечноста на народните маси. Народот сака забава. Затоа политиката сѐ повеќе произведува забавни содржини за народот, коишто медиумите потоа ќе ги продаваат како забава за народот. Колку пивофести, пиволенди, појадоци на мост, пифтијади, чорбијади, пастрмајлијади, локумијади, маскаради и карневали, денови на праските, медот, јаболката и џимиринките, фестивали на плоштади, „бели ноќи“ итн. се произведени во Македонија во последните 6-7 години? Колку Гинисови рекорди на свиткани пити и сарми, зготвени чорби и долги ора се соборени? Дури и информативните програми и печатени прилози се свртени кон зголемување на медиумските рејтинзи, со бескрајни „црни хроники“, разновидни политички скандали и естрадни афери. Политиката станува телеполитика, а демократијата – телекратија. Извонреден терен за процут на популистичката политичка платформа.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести