verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Анализа: Слободата на изразување и здружување во медиумите во 2015 година

on 18 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

Критичките граѓани, постојана мета на напади во провладините медиуми

НВО Инфоцентарот во рамките на проектот „Застапување за слободата на изразување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, постојано ја следи состојбата со слободата на изразување и со слободата на здружување во Република Македонија. Овој извештај подготвен во соработка со Центарот за развој на медиуми го опфаќа известувањето на медиумите за темите поврзани со слободата на изразување и со слободата на здружување, во периодот 15 јануари – 25 декември 2015 година.

Дека 2015 година беше година на исклучително зголемен и засилен граѓански општествено-политички ангажман, покрај пресекот на најважните случувања, покажува и надзорот на медиумското покривање на настаните поврзани со слободата на изразување и со слободата на здружување во Република Македонија.

Во периодот од 15 јануари до 25 декември, во 16 надгледувани медиуми, објавени се вкупно 4.422 новинарски прилози посветени на граѓанскиот активизам или околу 400 прилози месечно, односно по 12 прилози дневно. Оваа бројка на објавени новинарски материјали во медиумите е исклучително висока и е дури двапати поголема во споредба со 2014 година, кога за седум месеци (јануари – јули) беа регистрирани само 1.200 новинарски прилози и тоа во 17 медиуми или, во просек, само 170 прилози месечно, односно по шест прилози дневно.

Приближно 80 отсто од вкупниот број прилози за граѓанскиот активизам во 2015 година, се објавени во медиумите кои имаат критички однос спрема власта. Најголем број новинарски материјали, дури 45 проценти од вкупниот број регистрирани прилози, се објавени на порталите „А1 он“ (762), „Плусинфо“ (677) и „Нова ТВ“ (575). Од весниците, најголем број текстови објавил „Слободен печат“ – 359, а кај телевизиите предничи „24 Вести“ со 377 прилози. Солидна бројка објавени прилози за граѓанскиот активизам има и неделникот „Фокус“, вклучително со неговата интернет-страница – 327 новинарски текстови.

Провладините медиуми објавиле само 964 прилози (21 отсто). Најмногу прилози има порталот „Курир“ – 224, потоа порталот „Република“ – 158, телевизијата „Сител“ – 144 и  весникот „Вечер“ – 111 прилози. Најмал број текстови се објавени во весниците „Дневник“ – 57 и „Нова Македонија“ – 78. Во централните вести на првата програма на „Македонската радиотелевизија“ се регистрирани само 98 прилози.

 

 Untitled

 

Квалитативната анализа на медиумското известување во 2015 година покажува дека медиумите што имаат критички однос спрема власта, редовно ги следат сите активности на граѓанските организации и иницијативи, на активистите, на граѓаните во целина. Исто така, тие постојано информираат за настаните и за процесите поврзани со слободата на медиумите и со слободата на изразување, како и за случаите на загрозување на слободата на изразување и на здружување. Во известувањето на овие медиуми доминираат вести, извештаи, изјави, интервјуа, а ретко се објавуваат коментари и анализи. Тонот на известувањето за граѓанските активности е претежно неутрален и најчесто базиран на факти.

Додека критичките медиуми редовно информираат за актуелните настани и процеси поврзани со слободата на медиумите и со слободата на изразување, провладините медиуми речиси комплетно ги игнорираат овие настани и процеси и се обидуваат да создадат слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања во оваа област. Тие многу ретко објавуваат вести и извештаи за активностите на граѓанските организации и иницијативи. Исклучок се  активностите на организациите и на иницијативите кои директно ја поддржуваат власта.

Всушност, анализата на содржините објавени во провладините медиуми покажува дека најголемиот број прилози се однесуваат на напади и на дисквалификации наменети за Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, за граѓанските активисти и за критичките новинари. Овие медиуми, вклучително и јавниот радиодифузен сервис, во 2015 година, не само што ја продолжија, туку и ја засилија својата континуирана хајка против сите што имаат критички однос спрема власта и нејзините политики. Во таа смисла, провладините новинари не ги поштедија од напади и од дисквалификации ниту студентите, ниту пак, средношколците кои масовно и решително се борат за реформи во образованието.

Наместо професионално да информираат за сите актуелни настани, провладините медиуми, од една страна, како мегафони пристрасно ги пропагираат и ги застапуваат ставовите на актуелната власт, а од друга страна, жестоко, со многу етикетирање, шпекулирање, извртување на фактите и со лични дисквалификации ги напаѓаат и ги заплашуваат граѓаните кои мислат и се однесуваат поинаку од власта и од нејзините приврзаници. За нив најголеми непријатели на државата се ФООМ, граѓанските активисти, критичките новинари, студентите, средношколците.

Во периодот непосредно по граѓанските протести пред Владата на РМ, на 5 мај 2015 година, континуирната хајка против граѓанските организации зеде дополнителен замав. Провладините медиуми објавија серија написи и прилози во кои директно ги обвинуваат и ги напаѓаат граѓанските активисти дека сакаат насилно да ја урнат актуелната власт, дека ја дестабилизираат државата, дека се платеници на странски служби и дека во тоа предничат организациите финансирани од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, но и самата Фондација.

Анализа: Слободата на изразување и здружување во медиумите во 2015

Претплатете се за најнови вести