verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Албанските медиуми за последните настани во Кумановско: Паралелни вистини

on 18 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Еден настан, различни вистини. Фото: скриншот
Еден настан, различни вистини. Фото: скриншот

Неколку портали ја алармираа ситуацијата, поврзувајќи ја со еден настан од минатата година, во кој имаше многу жртви и материјална штета. Овие медиуми не се обиделе од почеток да ја потврдат информацијата од што повеќе релевантни извори, туку ги пренеле информациите од другите портали или медиуми. Кај телевизиите, пак,  важно е што таму не се забележаа непотврдени информации, не се избришани објавените материјали, не се коригирани грешките без да дознае јавноста и поголемиот дел од содржините се произведени од новинари на терен.

 

Пишува: Фатлуме Дервиши, магистер на науки, односи со јавноста

Медиумските теоритичари се согласуваат дека еден важен настан се одвива паралелно на две димензии. Еден е настанот што навистина се одвива, а другиот е начинот како тој се пренесува во медиумите. Меѓу овие двете, разликата понекогаш е многу голема. Фишман, еден од научниците специјалист за жанрот вести, вели дека:

„Веста не е ни рефлексија, а ни искривување на реалноста, бидејќи секоја од овие карактеристики подразбира дека веста може да го отслика тоа што се случува „таму“… Поимот на „селективноста на вестите“ е погрешен… кога се работи за неговата претпоставка за постоењето на субјектите што се „таму“.“

(Фишман, 1997:211)

Фишман го негира поимот на селективност на веста, бидејќи освен што новинарите одбираат што ќе известуваат за тоа што се случува, тој вели дека, во реалноста, може да се случат и нешта што новинарите не ги гледаат. Затоа, според Фишман, доколку веста одразува нешто, тоа е практиката на самиот новинар. Врз основа на овие концепти, знаејќи дека пренесувањето на информацијата зависи многу од новинарот, се напишани кодекси и правилници, преку чии филтри треба да помине веста, пред таа да биде објавена.

 

ПОКАЖИ МИЛОСТ КОН ПУБЛИКАТА

Анализата што ја читате се состои од известувањето на медиумите за последните случувања во неколку погранични региони на северот на земјата, каде што неодамна беше концентрирано големо количество на полициски сили. Имајќи ги предвид случувањата од пред една година во истиот тој регион, не залудно, меиумите му обрнаа големо внимание. Но, тоа што беше загрижувачко, беа непотврдените информации што се пренесоа, особено од медиумите кои не пуштија новинари на терен за да ја видат ситуацијата, туку сè што употребија како основа на нивните објавени содржини, беа шпекулации и непотврдени информаии од втора и од трета рака.

„Покажи милост за тие што може да имаат лошо влијание од покривањето на веста. Имај предвид дека таа собрана или известена информација може да предизвика штета или нелагодност. Следењето на веста не ти дава право да си арогантен.“

(Страубхаар, Ла Росе и Давенпорт, стр. 478, Комисија Хачинс или Комисијата за слободата на печатот, 1947)

И Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија го осудува поттикнувањето неоснована загриженост и паника кај толпата.

„Новинарот не смее поради атракција на текстот/трудот, да поттикне неоснована загриженост или надеж кај соговорниците, или да манипулира со нивните чувства“

Етички кодекс на новинарите на Македонија, точка 7.

Анализата ги опфаќа објавените вести во периодот од 25 до 26 март, од објавувањето на првите информации во медиумите, до официјалниот став од МВР, односно од самиот министер Спасовски, кој го „осветли“ случајот. Кога уште не беше познат официјалниот став на компетентната институција, причините за мобилизација на полицијата, според медиумите, односно според изворите што тие ги искористија, беа третирани од три аспекти:

  • Бегалци;
  • Вооружени групи од Косово и
  • Служби (третирани како сценарија на власта)

Предмет на анализа беа три национални телевизии: телевизијата „Алсат М“, „ТВ 21“ и телевизијата „Шења“. Од електронските медиуми се одбрани „Порталб“, „Журнал“ и „Лајмпрес“, што, на последната анкета на „Брима Галуп“ резултираа како трите најчитани портали за политичките случувања.

ПОРТАЛИТЕ

Неколку од порталите избришале целосно или делумно неколку од објавените написи по земањето на првата официјална информација. Тие во пренесувањето на првите и непотврдени информации, поттикнаа сомнежи за вооружени групи што наводно биле влезени од Косово, давајќи му на настанот една друга димензија. Дури и еден дел од нив јавно поставуваа и прашања за можни жртви, што го зголеми стравот кај јавноста. Не се знае потеклото на овие информации, што и не е целта на оваа студија. Секој, пред да објави еден напис, мора да ги има во предвид етичките начела, независно од тоа што известиле другите. Порталите не се дел од Законот за медиуми во Македонија. Затоа за некои професионални аспекти им преостанува само саморегулирање или почитување на етичките правила.

„Целосно треба да се избегне повлекувањето на материјалот што еднаш е објавен на интернет, додека доколку тој се измени или се повлекува, треба јасно да се прецизира. Сите грешки треба да се утврдат и да се корегираат. Признавањето на грешките е коректност, додека прикривањето е неприфатливо за професионалното достоинство.“

Етички кодекс на новинарите во Македониј, точка 2.

 

Порталб

„Порталб“ го покрил целиот настан во еден единствен текст („Спасовски зборува за засиленото присуство на полицијата синоќа во Липково“), напишан попладнето на 26 март. Во истиот текст се резимирани сите настани од претходната вечер, тоа што се шпекулираше и тоа што се докажа. Но, таму, примарната информација е земена од веб-страницата на весникот „Коха“, додека главата на веста е самиот став на Спасовски. Написот во „Порталб“, ги содржи иницијалите на авторот.

Журнал

„Журнал“, од првата вест, до изјавата на министерот Спасовски има вкупно шест написи (барем така фигурираат уште на порталот). Материјалите во „Журнал“ се објавени со иницијалите на тројца различни автори, меѓутоа во ниеден случај не се вели дека овој портал ангажирал некој новинар на терен. Првата вест почнува на збунувачки начин, не известувајќи што се случило претходно. „Агенцијата на вести „Журнал“ стапи во контакт со неколку жители на селото Ваксинце во врска со полициската акција извршена во ова населено место. Оттаму известија дека акцијата има врска со нелегалниот престој на сириските мигранти во ова село“. Известувањето продолжува со една информација и хроника што „Журнал“ ја позајмил од „ТВ 21“. „Сагата на историјата“ продолжува и утрешниот ден, кога „Журнал“ кратко известува за една мирна ситуација и дека граѓаните го продолжуваат денот нормално. Тоа што недостига овде е присуството на новинарот во местото на настанот, за да ѝ ги пренесе на јавноста впечатоците на жителите, за поддржување на првичната идеја, дека ситуацијата е мирна. Наредниот текст од „Журнал“ за настанот е известување за конференцијата најавена од министерот Спасовски, за да се продолжи понатаму со еден оригинален напис од жанрот на анализата. Во него не недостигаат коментарите и анализите од самиот автор, особено на крајот од написот.

Инаку поради внатрешни политички проблеми, Груевски секогаш создава мали инциденти, со цел на крај да завршат успешно и да го одвлечат вниманието од другите сериозни политички проблеми што ја зафатиле земјава… додека власта ги покрива со тоа дека надворешните и внатрешните непријатели и штетат, и исто така го покрива вистинското лице, ја покрива можноста да изгради вистински државни институции за да им служат на граѓаните на земјава“.

На крај, тука е изјавата на Спасовски, во чие известување, авторот ги почитувал начелата за објективно прикажување. Тоа што е очигледно, е дека речиси во секој текст од „Журнал“ се цитираат извори  што ги обвинуваат порталите за создавање паника и за сеење страв во јавноста.

Лајмпрес

Од објавувањето на првата информација до официјалното изјаснување на МВР, на порталот „Лајмпрес“ се објавени вкупно девет написи (избројани и анализирани се само написите што уште се наоѓаат на веб-страницата). „Лајмпрес“ бил еден од порталите со најмногу написи за настанот.

Првата информација на „Лајмпрес“ известува дека еден новинар на „Лајм“ бил сведок на настанот и ова некако му дава едно посилно чувство на вистинитост. Авторот истакнува дека се обиделе да земат изјава од полицијата и поврзаноста ја прави со настанот од ден пред тоа ја нагласува како непотврдена, што е во сообразност со стандардите.

И вториот напис, иако краток, содржи извори што даваат неколку податоци. Исто толку краток е и другиот напис кој со еден извор, ги дополнува претходните текстови за истиот предмет, потврдувајќи и понатаму дека се работи за контрола поради мигрантите. Хрониката на „ТВ 21“ повторно станува извор за цитирање и од „Лајмпрес“. Во овој случај, тоа што не чини е насловот „Според Дураку, ситуацијата е нормална, со полицајци вооружени до заби“, кој има тенденција да му се спротивстави на изворот. Иако изворот се обидува да ја смири ситуацијата, авторот покажува скептицизам, нагласувајќи ја готовноста на полициските сили за нешто што можеби не и се кажува на јавноста. Во продолжение на известувањето, опфатен е и еден статус од социјалните мрежи, додека авторот ја објаснува релевантноста на изворот со настанот. Петтиот напис за само една вечер, известува за завршување на акцијата. Во следниот наслов „Во Липковскиот регион се е нормално, МВР денес прес конференција за синоќешната операција“ е истиот напис објавен и од „Журнал“, анализиран погоре, со наслов  „Во Липковскиот регион се е нормално, МВР денес прес конференција“. Иако „Журнал“ ја објавил веста пред „Лајмпрес“, тој не е цитиран. Потоа „Лајмпрес“ пренел и  информација преземена од телевизија „Телма“.

Истата е пренесена и цитирана, но никаде не е спомнат ниеден извор. Новоста што ја пренесува овој напис е дека бранот бегалци, за кои е организиран целиот настан од страна на полицијата, според авторот е резултат на политиката од српските власти.

„Според истите извори, од 22 фебруари и до денес, Србија организирала преку нелегалните премини да враќа бегалци во Липково кои се појавени во Ваксинце и Липково.“

„Лајмпрес“ исто така објективно пренел и дел од изјавата на Спасовски.

Во ниеден момент, во текстовите на „Лајмпрес“ не се идентификува името на нивниот автор и нема показатели дека овој медиум имал новинари на местото на настанот, освен во еден случај каде тој (новинарот), се произнесува дека бил случаен минувач.

 

Порталб Журнал Лајмпрес
Спасовски зборува за засиленото присуство на полицијата синоќа во Липково Потврдување за Журнал: Полицијата во Ваксинце за престојот на нелегалните мигранти Последна вест/ Арачиново и вечерва под полициска опсада.

 

Садула Дураку: Во Општина Липково, ситуацијата е мирна Специјалната полиција го опколува Слупчане, Ваксинце и Лојане

 

Во Липковскиот регион се е нормално, МВР денес прес конференција Претседателот на село Лојане: Полицијата е присутна поради мигрантите

 

Министерот Спасовски денес во село Матејче Според Дураку ситуацијата е нормална, со полицајци вооружени до заби.

 

Аналитичарите за Журнал: Секогаш кога Груевски е во „Ќорсокак” ја замаглува јавноста со граѓаните албанци. Џезаир Шаќири: Во Танушевци нема ништо, игра на службите

 

Официјално Спасовски: Немаше акција, туку зголемено присуство на полицијата во Кумановско-Скопскиот регион. Завршува полициската операција во Липковскиот и Арачинскиот регион.
Во Липковскиот регион се нормално, МВР денес прес конференција за синоќешната операција 

 

Според ТВ Телма, беа уапсени трговци со мигранти од Арачиново, Хотле и Сарај?!

 

Спасовски: Го кренавме нивото на полицајците, за соочување со мигрантите во иднина

Во ниеден од порталите што ги анализиравме не можеме да најдеме податоци дали и тие известувале (шпекулирале), за една вооружена група што влегла од надвор од границата за да ја „дестабилизира ситуацијата“. Секако, за чудење е тоа како, без да се спомне претходно сомнежот, порталите „Журнал“ и „Лајмпрес“, во следните написи, во континуитет ги демантираат овие податоци.

„МВР истакнале дека операцијата е поврзана со мигрантската криза и дека се демантираат информациите дека има присуство на вооружени групи во ова место.“

 

Забелешка: имајќи ги предвид историските случувања, присуството на овие вооружени групи би била вистинска загриженост за жителите. Вистина е дека еден таков податок, првата вечер од случувањата се прошири по многу портали, но актуелно, во ниеден од порталите на албански јазик во Македонија, не може да се најде оваа информација. Сите тие што ја објавиле, истата ја отстраниле.

ТЕЛЕВИЗИИТЕ

Од самиот формат што го имаат, целната група и хиерархијата на нивната организациска структура, телевизиите беа повоздржани во информирањето. Независно дека првите информации за настанот тие ги направија на своите веб-страници, не се забележаа непотврдени информации, кои подоцна би резултирале во шпекулации.

Алсат М

Првата вест од „Алсат М“ (на веб) за конкретниот настан е објавена во утринските часови на 26 април (единствениот материјал каде што не е напишано името на авторот). Во веста, има податоци за акцијата, паниката кај граѓаните и за изјаснувањето на градоначалникот на Општина Липково, Дураку, кој ги демантира шпекулациите и ja повикува јавноста да биде смирена. Претходно, во последното издание на вестите претходната вечер, „Алсат М“ извести дека еден нејзин новинар се наоѓа на терен за да ја следи ситуацијата.

Изданието на вестите од 26 април на „Алсат М“, со неколку наслови, информираше за случувањата во регионите каде што е забележано зголемено присуство на полициски сили. Три од четирите хроники го прикажуваа доживувањето на жителите, од Липково, од Куманово и од Арачиново. Нивните мислења се различни. Некои покажуваат страв, други рамнодушност, некои ја обвинуваат дневната политика, додека, пак, трети – полицијата. Во една посебна хроника, „Алсат М“ ја пренесе изјавата на Спасовски, ставајќи акцент кај бегалците како причина за присуството на полицијата и кај апелот за одржување на смиреност.

Авторите на хрониките што се подготвени со информации од терен, во регионите што биле дел од настанот, се три различни имиња, што подразбира дека „Алсат М“ ангажирале три екипи за да го следат настанот на терен овие денови.

ТВ 21

И новинарските производи на „ТВ 21“ (четири од вкупно пет написи што се анализирани), се потпишани со име на автор. Од нив две се целосни хроники, додека другите, пократки информации. Токму истиот новинар беше на терен за време на вестите од 25 април, кога првпат овој медиум информираше за настанот. Тој материјал е транскриптиран за да се пренесе на веб, што е и првата информација  што фигурира од овој медиум за овој настан. Хрониката од 26 април  на „ТВ 21“, исто така, се состои од опишување на состојбата во селата каде што вниманието се насочи на медиумите и на прикажување на впечатоците на жителите. Во меѓувреме, во истото издание, „ТВ 21“ ја пренесе и хрониката во врска со престојот на МВР  или самиот министер Спасовски.

Шења

На веб-страницата од телевизија „Шења“ се четири написи во краток формат за информации за настаните во регионите каде што се одвивала полициската активност, како и една целосна телевизиска хроника. Од горенаведените материјали, само една хроника е со име на автор, додека другите се под печатот „Шења“. Во првиот напис, содржината се однесува на информациите од „Телма“ кои се цитираат. Вториот текст ја дополнува првичната информација со последните новости, давајќи нови детали од МВР, кое известува за мирна ситуација. Потоа, на веб-страницата на „Шења“ се даваат два кратки текстови (Спасовски :Еве зошто беше полицијата синоќа во Липковскиот Регион, Спасовски : Ниедна вооружена група од Косово не влегла во Македонија), што паралелно известуваат за истото нешто, за изјавата на Спасовски од терен, но целосно прикажена. Двата делa се поврзани за да се формира една поцелосна хроника, за дневникот.

Алсат ТВ 21 Шења
Големи полициски сили во Општина Липково

 

Садула Дураку за ТВ21:„Од Никуштак, до Лојане, се е мирно. Нема место за паника”

 

Акцијата во Арачиново и Липково се одви за фаќање на мигрантите
Полициската акција, жителите разочарани од политиката

 

ТВ 21 во Општина Липково, во сите села ситуацијата е мирна

 

Во Липково мирно и без инциденти, МВР ќе даде детаљи во прес конференција

 

Полициската акција, паника во Куманово

 

Ваксинце и Лојане мирни, жителите не веруваат дека акцијата била за мигрантите

 

Спасовски: Еве зошто беше полицијата синоќа во Липковскиот регион 

 

Жителите на Липково, да се прекине психичкиот терор

 

Оливер Спасовски во Липковско Матејче, нема причина, нема зошто да се плашиме

 

Спасовски: Ниедна вооружена група од Косово не влегла во Македонија

 

Бегалците, полицијата во „лов” по трафикантите на мигранти

 

Спасовски: Не кревајте паника, полицијата ги контролира бегалците

 

Бројните прашања што новинарите директно му ги поставија на министерот Спасовски, за време на неговата посета на местото на настанот, докажаа дека медиумите беа љубопитни за да знаат нешто повеќе, можеби бидејќи неофицијално се сомневаа за нешто повеќе, но нивните сомнежи се затворија со одговорите на Спасовски, не продолжувајќи ја истрагата понатаму.

Новинарските прашања за Спасовски за време на неговата посета во полициската станица во Матејче:

    • Од што се состоеше синоќешната акција и кој беше нејзиниот резултат?
    • Зошто токму овој регион, министре?
    • Дали ќе ни дадете некоја конкретна причина? Ја спомнавте кризата со мигрантите. Дали ова го оправдува големото вооружување на полицијата?
    • (Се повторува) Дали ова што го кажувате, го оправдуваа големото вооружување на полицијата?
    • Зошто чекавте до денеска за да му се обратите на народот? Вчера сите бевме во исчекување, но Вашите портпароли не одговараа на нашите прашања.
    • Беше спомнато дека вооружена група од Косово влегла во Македонија…?
    • Дали оваа контрола на терен резултираше со некое апсење?
    • Оваа линија овде е прогласена за кризна зона на мигрантите. Исто така МВР за еден период, во билтен објави дека се фатени неколку мигранти во овој дел од државата. Припадници на полицијата и војската…?
    • Пред да стигнете Вие, дојдоа три коли од граничната полиција. Дали тоа го сметате како рутинска контрола кога доаѓа еден висок функционер на посета?
    • Како ги коментирате вчерашните информации во медиумите дека…?
    • До кога ќе бидат овде полициските сили за контрола, бидејќи има многу?
    • Значи дефинитивно, терористи не се влезени во државава?

Заклучок: Неколку портали ја алармираа ситуацијата, поврзувајќи ја со еден настан од минатата година, во кој имаше многу жртви и материјална штета. Овие медиуми не се обиделе од почеток да ја потврдат информацијата од што повеќе релевантни извори, туку ги пренеле информациите од другите портали или медиуми. Недостигот на новинари од овие медиуми на терен, направил информацијата да не биде целосна, да има недостатоци и невистини.

Известувањето на телевизиите се разликува една од друга, но важно е што таму не се забележаа непотврдени информации, не се избришани објавените материјали, не се коригирани грешките без да дознае јавноста и поголемиот дел на содржините се произведени од новинари на терен.

 

Забелешка : За анализа не е земен ниту еден весник бидејќи поради нивниот формат не беа печатени во периодот што го опфаќа анализата.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести