verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

А каде е скандалот?

on 18 - 04 - 2016       

 

СКАНДАЛ_ Со пари на граѓаните СДСМ купува поддршка _ - http___denesen.mk_web_

[Рецензија: СКАНДАЛ: Со пари на граѓаните СДСМ купува поддршка од соросовите невладини организации]

 

Пред нас имаме текст кој нецелосно и пристрасно ги информира своите читатели за активностите на локалната самоуправа, конкретно во скопската Општина Центар. Тема на написот се средствата што Oпштината ги има алоцирано за активностите на неколку невладини организации, за кои написот тврди дека „или немаат активности или активностите им се насочени во промоција на политиките на СДСМ“. Написот, меѓутоа, не нуди аргументи за ваквото тврдење туку овој заклучок го извлекува врз основa на разгледувањето на фејсбук-профилите на две од четирите невладини организации за кои станува збор и содржината која таму е објавена. Проблематизирајќи ја одлуката на локалната самоуправа, за која станува збор, наместо да се истражи за кои точно проекти се дадени парите, дали тие проекти се релевантни, дали се реализирани и, евентуално каков бенефит ѝ донеле на локалната заедница, овој напис се фокусира на тоа какви политички ставови поддржуваат раководителите на овие НВО. Занимавајќи се со нечие право на слободно политичко мислење и организирање, заборавена е смислата на написот -да информира за релевантни теми и содржини. А, релевантна тема ќе беше – не кој – која политичка опција фаворизира, туку што од неговата општествена дејност платена со парите на граѓаните е сработено во нивна полза. Тоа на овој напис, секако ќе му дадеше смисла и издржаност.

Рецензија: А каде е скандалот?Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Со пари на граѓаните СДСМ купува поддршка од соросовите невладини организации

Датум и време на објавување: 10.04.2016 / 12:48

Датум на рецензирање: 15.04.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

 

САМОПСЛУЖУВАЊЕ ОД „ФЕЈСБУК“

Од аспект на вистинитоста на изнесените тврдења, дел од нив се точни, како, на пример, податокот, поткрепен со факсимил на одлуката на Општина Центар за тоа кои невладини организации годинава добиле колку пари од Општината. Точен е и податокот дека едната од невладините организации, „Еквилибриум“, има веб-страница, која не е ажурирана неколку години и за неа пребарувачот „Гугл“ исфрла само стари вести и информации. За некои, пак, објавени информации, текстот не кажува од каде потекнуваат, туку ги пласира без извор, па не може да се посведочи вистинитоста:

„Во 2015 земаат 500.000 денари од општина Центар. На крај на годината пријавиле вишок на приходи од 499.916 денари. Тоа значи дека парите кои им ги исплатил Жерновски не ги потрошиле. Но, општина Центар и годинава им доделува 400.000 денари.“

Но, затоа, пак, најмногу внимание е посветено на невладината „Профицио“, чијшто фејсбук-профил детално е прочешлан, а дел од содржините неовластено пренесени, поточно копирани како илустрации во текстот, за што „Профицио“ најави тужба. Од „скенирањето“ на Профицио, во написот „мудро“ се заклучува дека се работи за проопозициона и „соросоидна“ невладина.

„Една слика 1000 зборови, а кај нив, многу слики. На сите без двоумење се гледа дека се работи за т.н. соросова невладина организација која е дел од сите активности на сличните невладини во последниот период како протести за иселените млади од Македонија, поддршка за мигрантите, протести против нечистиот воздух, поддршка за невладината МОСТ.“

Никаде не појаснува зошто тоа би била пречка за соработка со локалната самоуправа, секако, доколку се работи за релевантен и за издржан проект на кој тие соработувале.

 

БРКАЊЕ ВЕШТЕРКИ

Во написов владее едно општо шаренило од извори на информации, од формални, до неформални, релевантни и нерелевантни. Но, особено е проблематично користењето на фејсбук-профилот на една од организациите, влучувајќи го и пренесувањето на приватни фотографии (без одобрение) на „Профицио“ и толкување на нивната содржина и контекст по сопствено наоѓање. Оттаму е извадена и приватната фотографија на претседателката на „Профицио“ со поранешната новинарка на „А1-телевизија“, Катерина Цаневска-Арсовска, проследена со следнава реченица:

„Претседателот на Профицио Билјана Младеновска на повеќе фотографии се наоѓа во друштво на Катерина Цаневска – Арсовска, поранешната новинарка на А1 , а сега работи токму во Општина Центар.“

Несомнено, фотографијата ги прикажува двете личности заедно, но што е тука спорно, на тоа прашање написов не дава одговор, веројатно сметајќи дека доволно елаборирал за матните врски на оваа невладина организација. Се поставува прашањето дали медиумот сугерира дека познанството со вработен во општинската администрација автоматски би требало да биде причина некоја невладина организација да не може да соработува со таа општина?

Еден од „крунските аргументи“ во текстот е следново:

„Потписници се и на писмата на т.н. здружени невладини организации упатени до ЕУ, Амбасадата на САД, Евро-пратениците итн“

а, исто така, и тоа што на фејсбук-профилот на невладината организација бил пренесен ставот на Венецијанската комисија за објавувањето на прислушкуваните материјали, ставот на МОСТ за одржувањето на изборите или писмото од невладините организации до Европската комисија и слични содржини.

По исчитувањето на овој напис, кој проциркулира низ повеќе медиуми што поддржуваат владини политики, може да се заклучи дека е залудно потрошено времето – написот не ги адресира вистинските, легитимни дилеми кои можат да поизлезат од соработката на една општина со невладини организации (за кои и какви проекти се даваат пари) туку сè се сведе на бркање „соросоидни“ вештерки и на пропаганда.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни наводи, како и наводи чија точност не може да се утврди

има и веродостојни и неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести