Рецензија: ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина
Објавено во Рецензии
on 22 - 04 - 2014 Автор: Владимир МирческиВо изминатиот период кризата во Украина беше тема на поголем број текстови во домашните медиуми. Забележливо беше дека дел од нив содржеа одредена навивачка компонента по различни основи: дали тоа било за украинската опозиција, дали за сега веќе соборениот претседател, дали за народот на улица, дали е оправдана таквата промена на власта, дали бил државен удар, дали сѐ е „масло“ на САД и сојзузниците, дали чекорите на Русија се легитимни, дали тоа требаше да му се случи на Крим, кој прв почнал во источна Украина. итн.
Неспорно е дека има многу нејаснотии и „сиви“ елементи во целата исклучително комплексна ситуација, премногу глобални испреплетени интереси, високи политички цели. Затоа, барем според мене, во отсуство на проверени информации од кредибилни извори или непосредно присуство на терен во Украина, она што новинарски и коректно треба да се направи, е да се пренесуваат преземените вести од реномираните светски агенции кои имаат цели тимови за следење на ситуацијата. Значи, без многу филозофирање, без „умешни“ дополнувања да се изнесат настаните во оваа земја. Тоа во овој случај не е баш така направено – имаме неумесни додатоци кои ја извртуваат основната вест.
Линк до оригиналниот напис: ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина
Датум и време на објавување: 18.04.2014, 10:55
Датум на рецензирање: 18.04.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ЛУДОСТ, НЕЗНАЕЊЕ ИЛИ ЕПТЕН ИНСАЈДЕРСКИ ИНФОРМАЦИИ?!
За да се каже дека „ЕУ повеќе е загрижена за рускиот гас отколку за Украина“ требаат барем две работи: незнаење или ептен, ептен инсајдерски сознанија. Ајде ќе тргнеме од првиот услов – не исклучувам дека во „темните соби на седиштето на ЕУ“ се разгледувале безброј сценарија меѓу кои, секако, едно од важните е рускиот гас, но да „залепите“ таква квлификација непоткрепена со никаков солиден доказ за мене е неумесно. Вториот критериум – ако се има барем малку поголем преглед врз Унијата и нејзините политики, ќе се знае значењето кое Брисел му го дава на т.н. Источно партнерство – своевидна алатка за приближување на Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија, Белорусија и секако Украина кон Европа. Оваа соработка официјализирана е уште во 2009-тата и е исклучително важна компонента во надворешната политика на ЕУ, како што, на пример, е проширувањето кон Балканот. Оттука, уште од многу одамна бриселските стратези, далеку пред актуелната криза, знаат што значи Украина и колку би било плус за европскиот „сет на вредности“ да го имаш Киев поблиску до тебе отколку тој да е до Москва. Тоа е сериозен процес во кој членките на ЕУ, особено оние од источна Европа, инвестираа многу време и труд. Оттука, самата Украина и нејзините граѓани се незаобиколен сегмент во европската стратегија кон истокот. Конечно, зад ваквите тврди заклучоци во овој напис не стојат некакви инсајдерски информации, бидејќи нив ги нема.
Поточно, станува збор за преземена вест, без да се наведе од каде е земена, и на неа е „насадена“ претходно споменатата остра констатација. Да, точно е дека ЕУ, како реакција на отвореното предупредување на Владимир Путин, се согласи да разговара со Русија за ситуацијата со снабдувањето со гас, кој оди преку Украина, но тоа не е доволно за да се оправда заклучокот дека Брисел повеќе е загрижен за гасот отколку за, на пример, огромното жариште во што кое може да се претвори Украина и со тоа да ја воведе Европа во криза невидена од Втората светска војна. Ајде уште малку background: колку што рускиот гас ѝ треба на Европа (проценките се дека 30 проценти од вкупните годишни потреби се руски гас), толку на Москва ѝ треба европскиот пазар за нејзиниот енергенс, од чиј извоз пак зависат вкупните перформанси на руската економија. Значи имаме двостран, а не едностран однос, како што сака да ни се прикаже во овој текст. Затоа, сметам дека содржајноста не е баш јака страна и можело, веќе кога се интервенирало во оригиналната вест, тоа да се направи попрофесионално за целиот пакет да добие повеќе на квалитет и сериозност.
ОДБИВНОСТ КОН ЕУ
Инаку, неизбежно е чувството на одредена доза, не многу голема, на одбивност кон ЕУ на која ѝ е дадена себична нитка. Самиот наслов, пак, не само што не е коректен, туку е и, како што веќе рековме, неаргументитран:
„ЕУ повеќе загрижена за рускиот гас отколку за Украина“
За веднаш потоа веќе во наредната реченица да биде демантиран со:
„ЕУ сака да спречи граѓанска војна во Украина, но и да обезбеди руски гас за своите граѓани за следната зима“.
Сега, за што е повеќе ЕУ загрижена: за гасот, или за Украина? Или можеби и за двете што несомнено е win-win ситуација за Брисел?!
Конечно, може да се каже дека имаме исклучително сериозна тема кон која некој пристапил импровизаторски и површно. Пример за „copy – paste“ новинарство надградено со несоодветни интервенции.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
преземена вест без извор
официјални
не може да се утврди
има еднострана „жичка“
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
најверојатно да
не може да се утврди
повеќе има одбивност кон една страна, отколку пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија (агенциска вест)
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
и да и не
не е јасно
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови