verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За правото се работи: Eдно ливче – тежок криминал

on 24 - 03 - 2016       
„Изборна измама“. Карикатура од анонимен автор.

„Изборна измама“. Анонимен автор.

 

За некој да се гони и да се казни за изборна измама, не се потребни илјадници прекршувања, илјадници непостоечки гласови или илјадници луѓе чии гласови биле злоупотребени. Потребен е само еден човек чие право е повредено…

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Во услови на големи политички превирања, криза која има и политички и институционален и правен аспект, и кога се поставува прашањето за постоењето елементарни прерогативи на демократската држава, многу лесно може да биде одвлечено вниманието на јавноста. Имено, множеството настани, огромниот наплив од информации и секојдневното менување на сознанијата, ги затрупуваат граѓаните кои не можат да се справат со сите нови податоци и да добијат претстава како за глобалната ситуација така и за одделни клучни моменти од значење за формирање на нивните ставови.

Суштината на една информација може лесно да биде занемарена, а вниманието на јавноста свртено кон странични моменти, односно, дефокусирано од суштината на пораката, т.е. проблемот. Во вакви ситуации задача на медиумите е да обезбедат континуитет и фокусирање на информацијата преку објаснување и поврзување (следење една информација). Ова влијае и на поттикнувањето на јавната расправа, која ќе се води за суштината на проблемот, а не за странични елементи (колку атрактивно и да звучат тие).

Поместувањето на фокусот ја дезавуира улогата на медиумот да информира, да обезбедува контрола и да дава податоци врз основа на кои граѓаните ќе можат да изградат сопствен став и мислење.

Вакво поместување на фокусот на вниманието и дезавуирање на многу важна тема е направено во врска со прочистувањето на избирачкиот список, како еден од условите за одржување на фер и демократски избори.

Медиумите се концентрираа на вкрстената проверка што треба да ја направат институциите, а со која треба да се утврди бројот на гласачите (дали во изминатиот период на избирачкиот список имало гласачи кои не требало да се најдат на него).

Вчера „Телма објави дека вкрстената проверка покажува дека се спорни речиси половина милион гласачи. Од ДИК велат дека им е потребно дополнително време и дека за сите информации дополнително ќе ги известат медиумите.

Во некои медиуми (како, на пример, „Либертас“, под насловот: „Ова е целосниот извештај на ДИК со скоро пола милион проблематични имиња!“) се појавија и оригинални документи од работата на ДИК од кои можат да се видат несовпаѓањата на бројките на граѓани и на гласачи.

Во врска со имињата што се појавуваат само на избирачкиот список, но не и во другите бази на податоци, во медиумите се одоми терминот „фантомски гласачи“ и медиумите посветија особено внимание на бројот на овие „фантомски гласачи“:

Во дел од медиумите бројот на спорните гласачи се стави во контекст со легитимитетот на избраните функционери ((ВИДЕО) Заев: Ѓорге Иванов е нелегитимен како Груевски, да даде оставка!), и со бројот на избраните пратеници (САМО 16.000 ФАЛСИФИКУВАНИ ГЛАСА ПРАВАТ РАЗЛИКА ОД 12 ПРАТЕНИЦИ!).

Во помал број медиуми, проблемите во избирачкиот список беа ставени во директна корелација со одговорноста на функционерите на власт (Мисовски: 150.000 фантомски гласачи се заслуга на Јанкулоска).

„На граѓаните им е јасно дека екс-министерката Гордана Јанкулоска узурпирала цело министерство и го ставила во функција на криминализација на изборниот процес, со единствен цел – преку манипулација со иИбирачкиот список(фантомски гласачи) една криминална група да се задржи на власта во државата – рече Горан Мисовски, шеф на Централниот изборен штаб, на регионалната средба со претседателите на општинските организации на НСДП од петата изборна единца, која се одржа вчера во Битола.“

Неколку медиуми го минимизираат значењето на откриените неправилности во избирачкиот список

Неколку медиуми се спротивставија на употребата на терминот „фантомски гласачи“ (НИЕ НЕ СМЕ ФАНТОМСКИ ГЛАСАЧИ – Жителите на ул. Караорман од Битола го демантираат Николовски и СДСМ).

И покрај различните информации што ги понудија медиумите, генерално, тие го насочија вниманието на јавноста, пред сè, кон еден елемент на проблемот – бројот на гласачи во избирачкиот список. Врз основа на презентираните информации, почна расправа за тоа дали во списокот има повеќе гласачи отколку што има граѓани со право на глас, дали во избирачкиот список има луѓе кои се веќе починати, иселени во други држави. Во ваков контекст, почна и ценкањето со бројките. Дали се сомнителни 50.000 имиња од избирачкиот список, или 100.000, или 200.000… Дали треба да бидат теренски проверени 200.000, 100.000 или помал број сомнителни гласачи.

Бројките се важни (особено од аспект на прашањето за големината на гласачкото тело врз основа на што се пресметуваат и резултатите од изборите), важно е и тоа дали во избирачкиот список се наоѓаат имиња на луѓе кои не се дел од избирачкото тело, и секако е важно дали ова влијаело врз конечниот резултат на изборите, односно дали конечниот резултат навистина ја изразува волјата на мнозинството граѓани.

Меѓутоа, она што најголем број од медиумите пропуштија да го направат е да ги стават овие податоци во контекст на остварувањето и на заштитата на правото на избор, како темел на демократската држава. Суштината на целокупната проверка на избирачкиот список е во сомнежот дека е прекршено избирачкото право на граѓаните.

Со оглед на тоа дека правото на избор е суштински елемент во структурирањето на власта, која што понатаму е гарант на остварувањата на сите права на граѓаните, заштитата на ова право е дефинирана во Кривичниот законик (член 165), според кој:

„Член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

За некој да се гони и да се казни за изборна измама, не се потребни илјадници прекршувања, илјадници непостоечки гласови или илјадници луѓе чии гласови биле злоупотребени. Потребен е само еден човек чие право е повредено, потребен е само еден глас кој е злоупотребен, едно ливче кое е погрешно избројано, една лична карта издадена со намера да биде употребена во изборите, еден матичен број дуплиран за употреба во изборите, еден човек кој не требало да гласа, а некој државен функционер му го овозможил тоа.

Ваквиот ригорозен пристап на законодавецот е оправдан заради тоа што во самата заштита на правото на избор е вткаен своевиден конфликт на интереси. Имено, тие што ги спроведуваат изборите (кога се на власт), односно тие што излегуваат како победници од изборите (и доаѓаат на власт), треба да водат грижа за заштитата на правото на избор (дури и тогаш кога тоа не им оди во прилог).

Постоењето основан сомнеж дека тие што треба да го штитат правото на избор ја искористиле својата функција за да го повредат ова право е суштината на проблемот која медиумите треба да ја презентираат пред јавноста. Постоењето основан сомнеж е веќе доволна причина за политичка дискредитација (што медиумите мора да ѝ го објаснат на јавноста), а докажувањето на еден единствен случај во кој некој што бил на власт го повредил правото на избор, е не само основа за кривична одговорност, туку петно на цела политичка структура (или политичка партија) која ќе мора да работи долго и напорно за да го избрише.

Се разбира дека медиумите треба да ги разгледуваат сценаријата и значењето или реперкусиите од определени бројки, но клучно е во сите тие прилики да не се изгуби од вид најважното – промената на бројот на гласачки ливчиња и за едно гласачко ливче е тешко кривично дело.

Правото на избор е суштински елемент на демократијата, без кое таа не може да постои. Загрозувањето на ова право е загрозување на демократскиот политички систем гарантиран и заштитен со Уставот на државата. Можеби навистина мнозинството од населението гласало за една политичка опција која врз основа на тоа ја освоила власта, меѓутоа, доколку се покаже дека таа политичка структура ја употребила власта на начин кој значи прекршување на правата на луѓето, тоа значи дека со нејзиното останување на власт е загрозен темелот на кој почива целокупниот политички систем и со тоа и самиот систем.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести