verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Трите мисии како три столба на МРТ

on 21 - 11 - 2015       
10678482_878464008879818_5053505655658399551_n
Од граѓанската иницијатива „Да ја вратиме МРТ на граѓаните“, февруари 2015 година.

 

„Македонската радио-телевизија“, отсега натаму, треба да го заборави принципот на застапување и на афирмирање на дел или делови од сите заедници во Република Македонија. Било по етничка, било по политичка линија. Таков ексклузивитет не заслужува никој.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

  1. Менаџирање на недоразбирањата во заедниците

 

Иако парламентарната демократија е репрезентативна по својот карактер, односно народните избраници (треба да) ги претставуваат интересите на граѓаните што гласале за нив, постојат моменти кога одлуките ги донесуваат поединечните членови на заедницата, односно гласачите со право на глас. Такви ситуации се самите избори и референдумите. Од функционалните демократски системи, кои подразбираат висока политичка култура и самосвесни, еманципирани и иницијативни граѓани, произлегува и фактот дека кога граѓаните ќе почувствуваат потреба, тие можат да извршат притисок врз нивните избраници за некои прашања да се решаваат надвор од четригодишните агенди, надвор од долгорочните стратегии на политиките, бидејќи моментот тоа го наложува. На национално или на локално рамниште, сеедно.

Бидејќи ниту една тема не смее да биде табу, ниту еден глас не смее да биде спречен да го изрази своето мислење.

Оваа можност на функционалните демократии не е можна без ефикасна јавна сфера и јавна свест, а уште помалку без соодветен протек на информации преку медиумите. Кога станува збор за медиумите и за ваквите ситуации, најбитната и најодговорна улога ја има „Македонската радио-телевизија“ (МРТ).

Јавниот сервис треба да биде примарен медиуми за презентација на спротивните мислења, на мислењата за теми од јавен интерес кои се спротивни од тие што ги афирмира власта, а кои поаѓаат од некои други интереси, а не од позициите на интересите на граѓаните, односно јавниот интерес. Таквиот простор, за презентација и за натпревар на тие мислења со оние на власта, треба да биде една од основните задачи на јавниот сервис, односно, во нашиот случај, на МРТ. Се разбира, тоа треба да го прават и другите, комерцијалните медиуми, но за МРТ ова е императив, должност.

Бидејќи и според актуелниот закон и според статутот на МРТ (кој, патем, е целосно препишан член од законот), јавниот сервис, односно директорите, уредниците, продуцентите и новинарите на сервисот на граѓаните се должни да обезбедат точни, непристрасни, цеслосни, сеопфатни и навремени информации на услуга на граѓаните за креирање на нивните ставови, одлуки и иницијативи.

Кога станува збор за слободата на изразувањето во јавниот сервис (МРТ), како и за слободата на изразувањето на секој граѓанин без исклучок, ние зборуваме за жива, видлива и за ефективна практика и за примена на ова, едно од основните човекови права. Таа примена на ова право и должност не треба да биде попречена со ништо и во ниту едни околности и треба да се аплицира со највисоки стандарди. Оваа одговорна привилегија не смее да се опструира со начинот на финансирањето на јавниот сервис, односно начинот на финансирањето треба да доаѓа од извор кој ќе ја заобиколи извршната власт.

Оттаму, се чини дека е сосема оправдана опцијата што ја предложи Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), финансирањето на МРТ да биде ставка во буџетот на Република Македонија.

Таквата неопходна финансиска независност е првиот услов МРТ да им се врати на граѓаните и да биде јавниот подиум за изразување на мислења, на понуда на различни решенија за решавање на сите евентуални недоразбирања во заедницата.

 

  1. Застапување за разноличност во културата

Културата, културните традиции и наследство на заедниците во Република Македонија треба да бидат во нераскинлива врска со јавниот радиодифузен сервис, МРТ. Денес, со помош на дигиталната технологија и со мултимедијалните платформи, медиумите се во состојба да испорачаат уметнички дела и културни проекти на безброј креативни начини и до неброени корисници. Да не спомнуваме колку полесно и подостапно е сега да се презервираат, архивираат и да се дистрибуираат богатствата од табернакулите на културното наследство. Во МРТ одамна ја заборавија оваа мисија или ја сведоа на продуцирање и на документирање теми кои доаѓаа како диктат на власта, кои имаат иконографија од која партијата на власт извлекува профит заради победа не секои наредни избори. Тоа воопшто не е во духот дека јавниот сервис треба да биде чувар на различните културни традиции, на различните културни вредности, на сите, буквално, на сите заедници во општеството.

Да не заборавиме уште една функција на оваа мисија. Продукцијата на културолошки вредните ТВ-производи се дела кои не можат да се продаваат на пазарот. Со одредени исклучоци. Токму затоа улогата на МРТ во овој дел е исклучително општествено одговорна.

И, повторно, тука доаѓаме до сегментот на независното финансирање на МРТ зашто само така ќе се обезбеди непречено, континуирано и политички неопструирано сервисирање на културните потреби на сите заедници во Македонија, како и афирмацијата на нивните културни вредности и идентитет.

Токму во овој дел, МРТ мора да ги прифати веќе утврдените принципи на признавање и на афирмација на културните различности на Европската унија. Оттаму, Република Македонија треба да се гледа себеси преку желбата на граѓаните и нивната еднаквост за општеството што го споделуваат, како ризница културно богатство и наследство во кое нема преференци. Сите се еднакви во медиумскиот третман од страна на јавниот сервис, радиото и телевизијата на граѓаните – МРТ.

 

  1. Кохезија и интеграција во заедницата

Доколку ги исполни претходните две мисии, јавниот радиодифузен сервис, МРТ, ќе ја стекне и третата, исклучително значајна мисија – кохезијата и интеграцијата на сите сегменти во општествената заедница. „Македонската радио-телевизија“, отсега натаму, треба да го заборави принципот на застапување и на афирмирање на дел или делови од сите заедници во Република Македонија. Било по етничка, било по политичка линија.

Таков ексклузивитет не заслужува никој. Доколку продолжи со таква практика, МРТ самата себеси се исклучува од улогата да биде сервис на сите граѓани и на нивните заедници. Без разлика и по која основа. Етничка, партиско-политичка, професионална, родова…

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести