verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: По понизните молби до Тачи, Заев му се додворува на Ахмети

on 8 - 04 - 2014       

22-098700996655-00-crop-resize

По низата текстови насочени против опозицискиот кандидат за претседател, нагло зачестија и написите кои го омаловажуваат раководството на најголемата опозициска партија, очигледно за да ѝ се наштети во претстојната трка. Значи, лесно е да се утврди „зошто“, а уште полесно е да се одговори „затоа што“ во ова четиво зад кое очигледно има повеќе политички, отколку новинарски мотив. Содржината, која е многу „тенка“, е силно проткаена со партиски „инспирирани“ коментари без некоја особена новинарска ангажираност и со јасно занемарување на професионалните стандарди.

2Линк до оригиналниот напис: По понизните молби до Тачи, Заев му се додворува на Ахмети

Датум и време на објавување:  04.04.2014, 14:50

Датум на рецензирање:   05.04.2014  

Рецензент:  Владимир Мирчески

 

МНОГУ ШПЕКУЛАЦИИ И „РЕКЛА-КАЗАЛА“ ТЕЗИ 

Тешко е проверлива евентуалната вистинитост на текстот, кој во голем дел се темели на шпекулации и „рекла-кажала“ тези. Во политката е нормално да има т.н. комуникација на „задна врата“, дури и меѓу најголемите противници, така што не е ништо чудно, ниту надвор од нормалното, да има контакти меѓу македонската опозиција и албанската партија од власта. Значи, самата теза од старт е чудникава, но целата ситуација околу поводот за објавувањето на материјалот станува појасна кога ќе се види пејоративнтата конотација која му се дава на написот. Ако се тргне настрана намерната „искривеност“ на наводното „додоворување на Заев до Ахмети“ – потег кој рековме дека не би бил невообичаен, се поставува прашањето со што таквите тврдења се аргументирани? Одговорот е со многу малку! Како главен извор на информации се јавуваат анонимни „партијци“ и се повикува на текстови објавени од, како што се вели, опозициски новинарски перјаници. Но, тоа апсолутно не се кредибилни извори за да ги поддржат силните констатации за „шурување“ меѓу СДСМ и ДУИ. Никаде нема официјален став ниту од едната, ниту од другата партија. Барем некој да се јавел и да прашал за да ни покаже некаква новинарска ангажираност.

 

ИМА „РЕПРИНТ“, НЕМА СОДРЖИНА

Затоа, би било премногу оптимистички да се очекува некаква значајна содржајност која би го задржала вниманието на читателот подолго од 30-тина секунди. Половина од текстот е „репринт“ на стари изјави на политичари со кои се прави обид да се потврди тајната спрега меѓу Речица и Бихаќка, но кога ќе се исчита напишаното останува впечатокот на малку кредибилност и многу пристрасност како:

„Не е исклучено ДУИ пред вториот круг да го поддржи Пендаровски, пишува „Либертас“ портал на еден од главните медиумски перјаници на СДСМ, Ацо Кабранов“.

Оттука, прашањето е дали овој текст треба да информира или да жигосува новинари – практика многу честа во изминатиот период, исто како што е многу често и несоодветното и партиски обоено коментирање, во овој случај малку „замачкано“ преку употреба на формулации со т.н. познавачи:

„Дека СДСМ се додворува на ДУИ се гледа во насловите со кои излегуваат медиумите блиски до СДСМ, што според познавачите упатува на извесно кокетирање, нешто на што ДУИ до сега стои рамнодушна единствено поради фактот што и нив им е јасен победникот на овие избори и тоа кој ја има мнозинската поддршка кај гласачкото тело;

Секако, треба да се земе во предвид и фактот  дека доколку би се случила соработка меѓу СДСМ и ДУИ, познавачите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да остане без одговор по изборите“.

Нејасно е дали последната реченица е најава или закана и ако е така до кого! Изгледа дека овој текст некому, мене сигурно не, му бил интересен и затоа е преземен од неколку интернет портали со слична уредувачка политика. Тоа укажува дека најверојатно станува збор за оригинал, иако материјалов нема ама баш никаков знак на вистинско авторство. Недостасува и „здрав“ наслов кој ќе ја сублимира информацијата, ако воопшто и ја има, а нема да ја „врти водата на своја воденица“ и да ја наведува публиката со тврдења кои не може да ги докаже.

Конечно, може да се каже дека имаме четиво кое со ништо не нѐ изненадува – ниту со информација, ниту со извори, ниту со содржајност, ниту со коректност и избалансираност, ниту со почитување на новинарските стандарди. Значи, само уште едно зрнце песок на „македонската медиумско-политичка плажа“…


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести