verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонија финансиски на стабилни нозе!

on 7 - 08 - 2014       

Македонија финансиски на стабилни нозе lider-crop-resize

Повторно се сретнуваме со наменски текст чија единствена цел е пофалба на одредена политика, направен без ни малку објективност. Во него се прави погрешна макроекономска анализа, се мешаат податоците, се споредуваат неспоредливи работи, се прави спој на податоци и бројки кои никако не можат да се поврзат, погрешно се толкуваат бројки и се изнесуваат судови кои едноставно немаат врска со реалноста.

Македонија финансиски на стабилни нозе liderЛинк до оригиналниот напис: Македонија финансиски на стабилни нозе!

Датум и време на објавување: 06.08.2014, 07:45

Датум на рецензирање: 06.08.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Ако го рецензирате овој текст, прв проблем со кој се соочувате е што не знаете од каде да почнете. Си велите, најдобро е да се почне од почеток, но ако така се постапи оваа рецензија треба да биде предолга (и онака мора да биде долга, како и да е), па затоа си мислите да се задржите само на најважните работи.

 

„СТАБИЛНИТЕ НОЗЕ“ СЕ НЕВИДЛИВИ

Прв проблем е вистинитоста. Точно е дека лондонски „Јуромани“, објави напис како извадок од својата глобална квартална анализа за кредитниот ризик (која се прави врз 180 земји, консултирајќи мислења на 400 економисти од цел свет), во кој се спомнати 10-те земји кои имаат најмногу шанси да банкротираат, односно да не можат да ги сервисираат своите долгови, но толкувањето на овој напис (до кој, патем речено, нема никаков линк) во рецензираниов текст е комплетно произволно. Еве што стои во текстот кој го рецензираме:

Според магазинот „Euromoney“ од земјите од соседството, следни кандидати за банкрот може да бидат Босна и Херцеговина и Хрватска. Тука некаде е и Србија, која превентивно за да не дојде до банкрот, последниве месеци презема остри мерки и реформи за намалување на јавниот долг.

Според аналитичарите на овој магазин, Босна има најголеми шанси за банкрот. Состојбата во земјата е алармантна, но не е толку драматична како онаа во Аргентина. Според анализите, БиХ во следните 12 месеци има 27,4% шанси за банкрот. Економистите предупредуваат и дека Хрватска до 2016 нема да може да ги враќа долговите. Иако Хрватска не е сместена во групата земји најзагрозени од банкрот, банкротот и се приближува, велат аналитичарите. Од друга страна, состојбата во Србија ќе соодветствува со успехот на реформите за намалување на јавниот долг кои во моментот се спроведуваат.

А, еве што покажува табелата на „Јуромани“:

cda382d9-fef3-4c77-bdc3-136c0c8f91c8

Како што се гледа, во неа не се спомнуваат ниту Србија, ниту Хрватска (како што не се спомнуваат ни во целиот текст). Нејасно е од каде и врз основа на што доаѓаат тврдењата за наводниот наближувачки банкрот на овие две земји од регонов. Точно е дека во Србија состојбите во моментов не се баш најдобри, како и дека заради штетите од поплавите земјата мора да спроведе реформи, но не може да стане збор за банкрот, особено откако на донаторска конференција доби средства во износ од над 800 милиони евра. Точно е и дека Хрватска има проблем да забележи економски раст од светската рецесија наваму (шест години по ред), но земјата е многу далеку од банкрот. Конечно, како може Хрватска да е пред банкрот кога има кредитен рејтинг кај Стандард и Пурс од „ББ“. Тогаш Македонија со нашиот понизок кредитен рејтинг од „ББ-“ веќе би требала да е банкротирана, а не „финансиски на стабилни нозе“.

Ова комплетно го негира и почетното тврдење на текстот:

Додека некои од земјите од соседството се соочуваат со закана за банкрот, Македонија финансиски стои на здрави нозе.

Од тие „некои од земјите од соседството“ останува само Босна и Херцеговина за која е познато дека има сериозни структурни проблеми и нефункционални институции, но една земја од соседството, која конечно не е банкротирана, не може да биде „некои земји“ и на таков начин да се прават споредби.

 

ШТО СЕ СЛУЧИ СО „ЈУРОМАНИ“

Тоа е делот на почетокот од овој текст кој се однесува на „Јуромани“. Тој потоа се свртува кон нешто сосема друго, нешто што нема врска со лондонскиот месечник и неговиот сервис за проценка на кредитен ризик, чија годишна претплата изнесува 3.500 британски фунти годишно, а чии бројки овде се анализираат врз основа на еден извадок наменет за популарниот деловен печат. Она што следи во вториот дел од текстот нема врска со „Јуромани“, но тоа не се кажува јасно, па многу лесно може да се добие впечаток дека и вториот и третиот дел од написот се повикуваат на „Јуромани“. На тој начин е направена забуна и кај читателите, но и кај другите медиуми, при што портал на голема национална телевизија го презел написот со ваков наслов: „Еuromoney – Македонија финансиски на здрави нозе”, иако лондонскиот деловен месечник вакво нешто никаде не кажува. Уште повеќе, во целиот текст, Македоинја никаде не се ни спомнува. Таа е вметната од страна на написот што го рецензираме, без да се каже дека јасно дека анализата во делот за земјава нема никаква врска со „Јуромани“.

После ваквата макро-еконсомска квази аналитичка авантура, текстот се свртува кон анализа на јавниот долг на земјава. Ај што не се понудени никакви нови податоци, туку и начинот на објавување на овие познати податоци, и како текст и како графикон, е сосема несоодветен, неправилен и без било каква компаративна вредност. Се споредува номиналното ниво на јавниот долг на земјите од поранешна Југославија. Ова не се прави никогаш и никаде. Не можат да се споредуваат номиналните суми на јавниот долг на Македонија и Словенија кога Словенија е повеќекратно побогата, како што не можат да се споредуваат ни сумите на јавниот долг на Македонија и Црна Гора, кога Македонија има четири пати повеќе жители. Дури и самиот премиер Никола Груевски во редица свои настапи има јасно кажано дека кога се споредува големината на јавниот долг меѓу различни земји тоа се прави исклучиво преку споредба на долгот како процент од бруто домашниот производ и само таквата споредба има смисла. Сѐ друго е исто како и собирање баби и жаби. Онаш то би можело да биде предмет на споредба е растот на јавниот долг кај нас и кај земјите од соседството. Ако се направела таква споредба тогаш ќе се увидело дека македонскиот јавен долг растел најбрзо и тоа за 100 отсто номинално во изминатите 6 години (од 1,4 милијарди евра на 2,8 милијарди евра) и како процент од БДП каде што растот е 50 0тсто (од 24% од БДП на 36% од БДП). Но, вакво нешто е премногу да се очекува овде.

 

НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА МАКРОЕКОНОМСКА АНАЛИЗА

И, на крај доаѓаме до делот за „стабилните нозе“ на Македонија од финансиска гледна точка и дознаваме дека тоа нема врска со „Јуромани“, туку дека станува збор за изјава на гувернерот Димитар Богов. Сосема на крајот, пак, се наведени имињата на земјите од горната табела за кои „Јуромани“ смета дека ќе банкротираат. Ова како да е направено за изјавата на Богов и пофалните зборови за актуелните краткорочни економски показатели на земјава да се стават во средина, откако и на почетокот и на крајот е спомнат „Јуромани“и помалку внимателните читатели да помислат дека позитивните квалификации, искажани од рецензираниов текст, како да потекнуваат и како за нив да пишува лондонскиот деловен месечник. што не е точно, се разбира.

Текстот и од содржинска и од структурна гледна точка е карма-каша, има јасна манипулативна нишка и позадина и претставува сосема неуспешен обид за макроекономска анализа при што главна водилка не биле реалните состојби, туку потребата да се изнесат што е можно повеќе позитивни споредби, дури и таму каде што не постојат, а се во корист на пристрасноста и дневно-политичките потреби.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

и има и нема

дел точни, дел неточни

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести