verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Комисијата верификува факти пред кои не молчат ниту боговите ниту партиите

on 16 - 12 - 2013       

nova-makedonija-komisijata-verifikuva-fakti-crop-resize

„Во извештајот за својата работа што комисијата му го достави на Собранието се вели дека во последнава година, откога е во сила новиот закон за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, бројот на лустрирани лица се зголемил од 12 на 73. Нејзиниот прв човек Томе Аџиев објаснуваше дека тоа е поради технички причини. Со новото законско решение членовите на комисијата можат самите да истражуваат, да одат во институциите, да отвораат досиеја и да собираат податоци, а порано морале да чекаат тие да им ги испратат документите што им биле потребни, па тоа траело подолго време. Забрзувањето на процедурата воопшто не се одразило врз квалитетот на работата, категоричен беше Аџиев“.

Извештајот на Комисијата за лустрација, кој е доставен до Парламентот, потоа отставката на двајца членови на тоа тело, кое чекаше на потврда од оние кои ги избрале дури една година (!), како и значително зголемениот број на лустрирани лица, ја прават темата за лустрирањето актуелна и привлечна за читателите. „Нова Македонија“ како да ја имаа привилегија прва да известува за ова прашање врз основа на извештајот, а пред смената на тоа тело кое треба да се случи за помалку од еден месец. Многу е веројатно дека Комисијата и нејзиниот претседател ќе се обидат за себе, пред собраниската расправа да обезбедат поповолна клима, особено што за нив нема многу разбирање и кај дел од владеачките структури и нивните подржувачи, особено после лустрирањето на академиците Славко Јаневски, Божин Павловски и Томе Серафимовски, како и на две дузини лица, кои се одамна покојни. Или одамна немаат јавни функции.

 

Комисијата верификува факти пред кои не молчат ниту боговите, ниту партиите

Линк до оригиналниот напис: Комисијата верификува факти пред кои не молчат ниту боговите ниту партиите 

Датум и време на објавување: 12.12.2013

Датум на рецензирање: 13.12.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Иако се навестува дека новинарот е во посед на Извештајот на Комисијата до Парламентот или се дозволува и така да се толкува дел од текстот, тој во еден многу мал дел се базира на него. Се работи за кус статистички дел, а во врска со тоа се дава и изјава на Аџиев за која нема поконкретно индикатор дали е дадена директно на новинарот или е истргната од нечиј друг текст. Како и да е, се дава образложение на измените во законот како основ за зголемената „продуктивност“ (од 12 на 73 предмети) на ова тело, со тоа што истото, односно неговите членови, можат сами да претураат по архивите, да собираат докази и наново да ги оценуваат. Новинарот не се задржува на тој момент – кој најмногу потсетува на инквизициските методи – значи до централната точка, мерено од правен и етички аршин, туку дозволува да се јави арбитрарност кон прашањето на работата на Комисијата.

Извори на информации: Изборот на изворите на мислења е секако проблематичен. Најпрвин се зема поголема изјава од портпаролот на Комисијата, кој говори во прилог на работењето на ова тело. Потоа се зема изјава од потенцијалниот претседателски кандидат од ВМРО ДПМНЕ, Јове Кекеновски, кој навистина е критичен кон работењето на ова тело, ама, сепак, со внимателна дистанца од суштината на критиките на опозицијата. Потоа, се презентира гледањето на познатиот протагонист на владеачките идеолошки постулати – Ивица Боцевски, во два мандати највисок службеник во Владата на Груевски , кој, се разбира, ги брани одлуките на Комисијата. Едноставно, во приодот кон темата преку изборот на соговорниците е одбегната критичката опсервација на нечија работа, која е гласно и со аргументи оспорувана од многумина, дури и од иницијаторите на процесот на лустрација.

Содржајност: Јасно дека во такви случаи имаме и последица во однос на содржајноста на текстот, иако е тој голем и исполнет со ставови и мислења на неколку лица. Најпрвин недостасува статистика – колку предмети се вратени од Управниот суд, зошто тие како нови одново се повторени во духот на поништените (!), колку одлуки едноставно чекаат недозволиво долг период пред Управен… Потоа, колку пати имавме одлуки кои ја оспоруваа практиката на Комисијата од страна Уставниот суд, како и тоа дека Уставниот суд, неговиот последен состав, одби да се произнесе за поднесоците до него по повод работата на Комисијата за лустрација, можеби и  за да не влијае на оценувањето на работата во Парламентот на 15 јануари, одлучувајќи се за „лангзам“ ритам. Има многу начини да се збогати текстот за да биде поречит во однос на поставената тема. Тука е и прашањето на односот на членовите Албанци, кои како да направиле „дил“  – нема многу предмети за Албанци, особено за актуелните политичари, ама затоа членовите Албанци се  добар „коалиционен партнер“ во рамките на Комисијата.

Пристрасност: Суштинската забелешка за текстот е дека тој место да биде генерална оценка за работата на Комисијата, главно ја испитува легалноста на постапката само од аспект на бројот на членовите кои гласале за некоја одлука (значи прашањето на легитимноста без присуството на лицата кои цела година се во отставка –Благоја Гешоски и Јанаќе Витановски). Технички и да биле тука би биле надгласани, во тоа нема двојба.

Коментирање: Авторот нема потреба да коментира, бидејќи користените извори на информации коментираат и повеќе од доволно.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е несомнено оригинален и уредно потпишан.

Квалитет на насловот: Насловот е многу необичен, бидејќи како да навестува авторска резерва кон работата на Комисијата (значи нема факти пред кои би молчеле и боговите), ама воедно ја турка констатацијата за работењето на Комисијата кон меѓупартиската кавга, како свое оградување од целосната оценка во насловот за „происходот“ од лустраторскиот маратон. Меѓупартиска кавга во текстот нема (ја нема опозицијата), а ги нема ниту оспорувањата на фактите во обем кој би дозволил таков наслов каков што е искористен.

Фотографија: Фотографијата е сугестивна и манипулативна. Таа сака да порача дека претходната, комунистичка власт, ги прогонувала авторите на антиквизацијата (!), поставувајќи ни композиција од досие (досиеа), каде има слика од Александар Велики и некое книжуле на кое пишува „Македонска нација“. Оваа асоцијација едноставно е неодржлива, бидејќи полицијата не можела да гони лица кои тогаш ги немало или биле маргнални (да ги наречеме условно „александринци“).

Заклучок: Во намерата на правење „состави“, што би оделе во корист на работењето на Комисијата, очевидно има напредок. Колку тоа ќе го поправи генерално лошиот впечаток за работата на Аџиев и неговите колеги останува да се види, ама дневен весник кој држи до својот авторитет и дигнитет  не смее да остане на понудениот текст и едностраната поставеност во однос на оваа материја.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

не апликативно

Претплатете се за најнови вести