verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Кој е Звонко Маковиќ да кажува што не чини во Македонија?

on 3 - 03 - 2014       

Makovikj-0987-09800-00-99-crop-resize

Навистина „дело“ за восхит кое веднаш, во оваа невидоизменета форма, може да се класифицира како прирачник за тоа „како новинарството да го замениш со општествено-партиски агитпроп“. Ваков материјал не би ме изненадил, ама пред 40 години кога лидерот на една земја од нашето најблиско соседство реши дека нему не му треба надворешниот свет, бидејќи тој самиот ќе си бил доволен за неговиот народ.

Да кажеш дека „македонските граѓани не ги интересира ставот на еди кој си странец за битен проект“, кој во огромна мера ја поларизираше државата, е во најмала рака навреда на интелегенцијата на голем дел од популацијата. Ако некому не му е важно како го перцепираат во светот, мене лично ми е, а верувам дека е така и кај многу други жители на Македонија. Ако ја тргнеме суштинската страна (ако тоа е воопшто можно) на овој текст и се задржиме на формалната, пак наидуваме на сериозни проблеми од кои главниот е дека имаме коментар преоблечен во руво на вест. Значи, повторно имаме случај на напис од типот „кој не размислува како мене е против државата“, односно поистоветување на една политика со целата држава. Историјата покажала дека таквите појави „на равенство“ како “L’État, c’est moi” (Државата тоа сум јас) во 17-от век или настаните во 30-тите години од 20-от век, немале долг рок на траење.

 2Линк до оригиналниот напис: Кој е Звонко Маковиќ да кажува што не чини во Македонија?

Датум и време на објавување:  01.03.2014, 00:41

Датум на рецензирање:  02.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Не знам зошто би барале вистинитост во ваков текст, бидејќи неговата намера е јасна – тој не треба да информира врз база на факти, туку да плука врз основа на партиско-политички насоки и определби што е подобно, а што не. Јас лично не се сметам и ниту сум експерт за уметност и за историја на уметноста, но сигурно имам право на свое мислење за нешто – дали ми се допаѓа, или не, особено кога се прави со државни пари. Личноста за која зборуваме е експерт и оттука чуму прашањето кој е Звонко Маковиќ, како демек да не можело лесно да се утврди кој е човекот. Имаме обид, секако не перфиден, туку сосема вулгарен, да се омаловажи Маковиќ, прво поради неговите контра-ставови на толку омилениот проект на државната врхушка, и второ, фактот дека неговиот настап бил дел од дебата организирана од не толку омилената фондација кај државната врхушка. Не знам зошто толку „духовите се вознемирија“ кога ваквите изјави однадвор, кои не го одобруваат „државниот проект“, не се ни први ни последни.  Друго,  кои се тоа „мнозинството граѓани во повеќе наврати покажаа дека го поддржуваат“ кога дел од последните истражувања покажуваат поинаков тренд. И на крај „јаготката на шлагот“ е

„Останува нејасно од каде е комплексот на опозициските медиуми секогаш кога некој странец каже нешто против актуелната власт, тие истиот да го величат до ниво кое ги надминува сите граници“.

Не, драги мои, тоа се вели пренесување на информација, за разлика од другите медиуми кои „по директива“ ги заобиколуваат настаните на кои нема величење на власта. Впрочем Кодексот на новинарите на Македонија вели:

„Слободата на медиумите е неприкосновено право.

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија“.

Ама кој го „врти“ Кодексот!!!

Извори на информации: Едноставно ги нема. Ако барем се сакало да ни се каже дека Звонко Маковиќ е „никој“ можело барем да се стави некое линкче за непосредно да се увериме во неговото „непознавање“ на темата. Вака, сѐ треба сами дополнително да „гугламе“ за да видиме колку овој човек стварно „не знае“ за што зборува.

Содржајност: Нула. Чисто и јасно. Нема ниту „с“ од содржајност, туку куп фрустрации и манипулации зачинети со „спружување“ на насловна страна. Рековме, можело барем малку да ни се дообјасни т.н. контроверзност на овој човек, а не тоа публиката сама да си го одработува. Значи, веќе кога се пишува за нешто, дајте бидете малку поподготвени.

Пристрасност: Читајќи го ова „четиво“ нешто ми се разјасни. Некој навистина мисли дека треба да ни е гајле што другите мислат за нас. Значи, „си направивме стаклено ѕвоно, си се изолиравме, па останатите нека си свиркаат“!!! Неразбирлив е ваквиот став во 21-от век. Живееме во ново, современо доба, кога сѐ што сакаме да видиме и слушнеме е само еден „клик“ од нас. Позицијата дека сме најубави и најпаметни нема далеку да нѐ доведе. Секако, не велам дека сѐ треба да се потценува, ама, пак, ниту преценувањето многу нема да помогне. Затоа, реалистичниот пристап, според мене, е најдобар. А тоа е: секој, нормално и странец, има право на свое мислење во демократско општество. Ако некому нешто му се допаѓа во ред, ако не, пак е во ред. Некој нека ми одговори дали нешто ќе се добие со „распнување и жигосување“ на оние кои велат дека „Скопје 2014“ не е добар проект, а токму тоа го имаме во текстот. Бидејќи немаме обид за реален приказ на настанот, овде пристрасноста оди во „црвена“ зона.

Коментирање: Обид за „шашмосување“ на публиката – коментар несмасно обландиран како вест.

„Човекот кој во својата земја е критикуван дека го негира хрватскиот културен идентитет, дојде во нашата земја да кажува што не чини, да говори за ноторен кич и да настапи со говор кој и не може д абиде поинаков ако се земе во предвид кој е организатор на дебатата, Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – член 13 од Кодексот на новинарите.

Ама, нели, кој го „врти“ Кодексот!!!

Оригиналност/Плагијат: Еднаш да се најдеше „маж“ кој ќе потпише вакви „текстчиња“. Отсуството на авторство отвора дилема што е ова: авторски или инструиран напис, информација за во медиум, вест за на партиска огласна табла или „мотивациско“ предизборно четиво за „мобилизирање“ против неистомислениците.

Квалитет на насловот: Пак прашална форма во насловната конструкција, но не поради стилски впечаток, туку заради зајакнување на ефектот на анимозитет кон оној кој се осмелил да криткува. Насловот има силна наведувачка компонента која преминува во омаловажување на одредена личност.

Фотографија: Ништо особено, „собрана“ од Google за да ни го покаже човекот кој „многу зборува“. Барем фотографијата да била од инкриминирачкиот настан – дебатата во Скопје.

Заклучок: На крајот веќе немам зборови за да го сумирам овој текст, кој е класичен пример за процесот што од пред неколку години, трае во земјава – да се стигматизира, сатанизира сѐ што не е во согласност со државната (партиската) волја. Навистина, за мене ова е еден неразбирлив концепт, во кој, за жал, главната улога на „ударно копје“ ја играат дел од медиумите.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

оди најди ги!

неточни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не ја прикажува

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести