verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Да го запреме злото на време: Педофилите бараат права како хомосексуалците!

on 27 - 11 - 2013       

dn-00000_00000000045-crop-resize

Полувистини, лаги, манипулации, говор на омраза и на моменти грешен превод од сериозните референци што се даваат како извори (на пример, публикација од Харвард) може да се забележат при длабинската опсервација на овој медиумски производ, пласиран со спинерски наслов. Оригиналниот текст е напишан пред две и пол години, а во македонската верзија се сервира како новост, што претставува манипулирација и спин.

Главната идеја врз која е конципиран текстот е да се изедначи кривично дело со сексуална ориентација, при што авторот на македонската верзија го потврдува своето дискриминаторско стојалиште кон ЛГБТ заедницата уште во насловот, каде го изедначува со зло. Во првата половина од текстот воопшто нема сериозни и издржани извори, па се користат воопштувања како, на пример, „психолозите“ и „критичарите на хомосексуалниот начин на живеење“.

Тезата која авторот се труди да му ја подметне на читателот е дека педофилите ќе имаат полно право да бараат нивното кривично дело да се толерира, доколку на хомосексуалците им се даде правото на сексуална ориентација. Аналогија, која во слободен превод е еквивалент на:  „Ако утре е среда, тогаш за четири месеци времето ќе биде сончево“.

Во исто време, авторот ја дискриминира ЛГБТ заедницата и ја мушнува тезата дека на хомосексуалците не треба да им се дозволи да го имаат својот избор на партнер, поради тоа што ова ќе биде поттик за педофилите да бараат права.

dnЛинк до оригиналниот напис:  Да го запреме злото на време: Педофилите бараат права како хомосексуалците!

Датум и време на објавување: 11.11. 2013, 10:13

Датум на рецензирање: 25.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Ако се проверат дел од референците, кои авторот ги посочува во текстот, ќе се дојде до сознание дека со или без намера при преводот тој правел сериозни грешки. На пример авторот тврди:

„Во здравствената публикација на Харвард од јули 2010 година е објавено: Педофилијата е сексуална ориентација и не може да се промени. Лекувањето на педофилијата се обидува да оневозможи некого да се однесува во склад со своите сексуални потреби“.

Кога ќе се види публикацијата на Харвард од јули 2010, се доаѓа до заклучокот дека преводот е неточен и битно изваден од контекст, бидејќи во текстот од публикацијата на Харвард се вели:

„Педофилијата е класифицирана како парафилија, ненормално сексуално однесување и научниците не успеаја да најдат ефективен начин на лекување. Како и другите сексуални ориентации, педофилијата не покажува тенденција да се промени. Целта на лекувањето (третманот) е да се спречи некој да делува во согласност со своите педофилски нагони – или со намалување на сексуалниот нагон кон деца, или преку зголемување на способноста да се справат со тој нагон. Но, ниту еден од овие начини, не е толку ефективен за да се намали штетата како тоа да се спречи досегот до деца или пак зголемениот надзор“.

Понатаму во текстот се вели:

„Американското здружение на психијатри (АПА) во 1973 година ја декласифицираше хомосексуалноста од листата на психички пореметувања“.

Авторот не ја користи истата референца, односно истиот извор (Американското здружение на психијатри – APA) кога тврди дека хомосексуалноста е сексуална ориентација:

„Американскиот закон за сузбивање на дискриминацијата ја стави на попис категоријата и сексуална ориентација, но не специфицира за која сексуална ориентација станува збор.“

Зошто би било доследно да ја користи токму оваа асоцијација како извор? Токму поради тоа што Асоцијацијата експлицитно тврди дека педофилијата не е сексуална ориентација.

Од ова се доаѓа до заклучок дека авторот ги користи изворите селективно за да ја докаже својата теза која почива на стаклени нозе, а не сеопфатно.

Извори на информации: Во првата половина од текстот изворите се анонимни и воопштени. Целиот текст е превод од извор кој е наведен, но зачудува датумот на објавување – две и пол години подоцна од првичното објавување на оригиналниот текст. Како извор се користи публикација од Харвард, но преводот е изваден од контекст и неточен. Се користат и официјални извори, чие име и презиме е наведено.

Содржајност: Текстот не го оправдува она што го најавува во насловот. Всушност, во него се содржат различни предрасуди и стереотипи, замена на тези, но проверката покажува дека педофилијата е криминал во САД, а хомосексуалноста е сексуална ориентација. Авторот не успева да ги доведе во оправдана корелација и здраворазумска врска овие две сосема различни категории, од кои едната е криминал, а другата право.

„…психолозите почнаа да ја редефинираат педофилијата на ист начин како што ја редефинирале хомосексуалноста неколку години наназад.“

Ова тврдење во текстот е само нафрлено, но со ниту еден аргумент не е докажано. Авторот само наведува дека хомосексуалноста не е болест според Американското здружение на психијатри. Понатаму, тој додава дека американски психијатри сега одржале симпозиум на кој предложиле нова класификација на педофилите во листата на ментални болести на Американското здружение на психијатрите. Меѓутоа, тука престанува изнесувањето на фактите и не се објаснува каква е таа нова класификација и каква врска има таа со претходната која се однесува на хомосексуалноста.

Пристрасност: Текстот е пристрасен во смисла на тоа што застанува на страната која поттикнува на омраза кон ЛГБТ заедницата, поистоветувајќи ја со криминалот. Пристрасноста се гледа уште во насловот каде злото се изедначува со сексуалната ориентација, а сексуалната ориентација со криминалот. Понатаму, неиздржано се тврди дека се случило психолозите да ја редефинираат педофилијата како хомосексуалноста, за што не се нуди ниту еден доказ.

 Коментирање: Текстот содржи коментари за кои постои обид да се претстават како факти. На пример:

„До сега незамисливи изјави за прифаќањето и нормализацијата на педофилијата, почнаа да даваат истакнати психолози и сексолози, а се со цел подготвување на теренот за нормализација и декриминализација на педофилијата. Историјата се повторува…“

„Веќе во неколку држави на САД – како Калифорнија, Џорџија и Ајова законот кој ги штити децата од сексуалните престапници е доведен во прашање бидејќи сексуалните престапници тврдат дека со овој закон нив им се забранува да живеат во близина на училиштата или парковите.“

Авторот не докажува со ништо дека законот е доведен во прашање. Некој закон да биде доведен во прашање значи да се оспори со правни механизми што во случајов не е направено.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е преземен од веб-страница до која е наведен линкот. Повнимателните читатели веднаш ќе се запрашаат зошто текст, кој е 2,5 години стар, заслужил да биде преведен сега и која е неговата важност за граѓаните на Македонија со такво задоцнување.

Квалитет на насловот: Во насловот доминираат предрасуди, замена на тези кои доведуваат до стигматизирање на ЛГБТ заедницата. Насловот е дискриминаторски и во него не се воочува добра намера.

Фотографија: Фотографијата цели кон емоцијата на читателот и го засилува ефектот од насловот. Не е наведен авторот на илустрацијата.

Говор на омраза: Коментарите се насочени кон тенденција за изедначување на сексуалната ориентација со криминал, што е дискриминација и манипулирање со фактите.

„Критичарите на хомосексуалниот начин на живот веќе долго тврдат дека кога еднаш ваквото прашање ќе стане прифатено како алтернативен начин на живот или сексуална ориентација, нема повеќе да има граници во поглед на предлогот за прифаќање на другите сексуални ориентации. “

Со формулацијата „хомосексуален начин на живот“ авторот се става во позиција да го класифицира човековото право (на сексуална ориентација) како „начин на живот“, имплицирајќи дискриминација.

Заклучок: Текстот е базиран на замена на тези, недоволно цврсти, неточни и полу-точни информации. Не се прави експликација на разликите меѓу хомосексуалноста и педофилијата, напротив, се прави обид тие да се стават во ист кош. Со проверка на оригиналните извори во текстот се доаѓа до заклучок дека тие не се пренесени верно на оригиналот со што јавноста се доведува во заблуда. Преовладува манипулацијата наместо фактите, што е очигледно дури и од датумот на објавување на текстот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални, аноними

нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

наведен извор со линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

дискриминација според сексуална ориентација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести