verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Членовите на избирачките одбори и комисии се уште чекаат на нивните пари

on 19 - 07 - 2013       

Повод за рецензија на оваа вест е нејзината лоша структура, која многу отстапува од правилото на превртена пирамида. Непочитувањето на ова правило ја „убило“ информацијата што авторот имал намера да ја пренесе.

Рецензија: Членовите на избирачките одбори и комисии се уште чекаат на нивните пари Линк до оригиналниот напис: Членовите на избирачките одбори и комисии се уште чекаат на нивните пари

Датум и време на објавување: 02.07.2013, 09:24

Датум на рецензирање: 03.07.2013

Рецензент: Сунчица Стојановска Зоксимовска

Вистинитост: Факти има неколку, но важните на кои би очекувале да се темели написот или не се презентирани, или се многу разводнети, па се губат во низа непотребни информации. Главниот факт (дека општината им должи над два милиони денари на членовите на избирачките одбори) не е ниту детално објаснет, ниту цврсто поткрепен од релевантен извор. 

Извори на информации: Текстот се темели на извори, но главно, изворите се неофицијални. Изјавата од единствениот функционер цитиран со име и презиме му дава извесна повеќестраност на написот.

Содржајност: Веста не е сеопфатна. Од напишаното не се добива впечаток дека авторот намерно прикрива информации, туку повеќе станува збор за недоволна упорност да се побараат релевантните соговорници и да се расветли проблемот од сите аспекти. На пример, да се пресмета по колку пари му должи општината на еден член на избирачки одбор, кога тој долг би можел да се исплати (според состојбата на општинскиот буџет), да се повика градоначалникот јавно да се изјасни за проблемот и да се провери дали исплата нема само во Делчево или проблемот е присутен и во други општини. 

Пристрасност: Од изборот на изворите се препознава обид да се постигне балансираност во написот, но тој, сепак, не ја прикажува целата вистина поради отсуството на сите потребни факти, кои би дале појасна слика.

Квалитет на насловот: Насловот е информативен, соодветен на содржината на која се однесува. Но, исто така, тој е предолг и оптоварен со непотребни зборови.

Фотографија: Станува збор за премногу општа фотографија, која не е илустрација на веста. Вакви фотографии обично се користат за илустрирање информации поврзани со избори, но во овој случај ни тоа не може да се каже, бидејќи кутијата (која би требало да биде избирачка) ги нема потребните ознаки за да послужи за таа намена. Премногу „мртва“ фотографија која ништо не покажува.

Уреден за веб: Написот не е уреден ниту текстуално, ниту стилски. Има премногу печатни грешки и личи како недопрен од уредничка рака. Уште во поднасловот има вишок збор, а подолу во текстот има редица печатни грешки кои редовно се прават од брзање и кои и новинарот и уредникот морале да ги проверат.

Во однос на стилското уредување, пак, треба да се каже дека просторот меѓу пасусите е едноставно преголем и тие личат како да висат во воздух. Копчињата за споделување на социјалните мрежи се поставени вертикално, што создава „дупка“ меѓу насловот и фотографијата што боде очи. До името на авторот под веста (името на авторот го има двапати и на почетокот и на крајот, што, исто така, треба да се избегнува) има простор за фотографија, но фотографија нема, туку само силуета и сето тоа изгледа графички и стилски многу лошо.

Заклучок: Ако целта во секоја вест е најважното да го соопшти веднаш, во првата реченица, во овој случај таа цел не е постигната. Наместо одговор на петте плус две прашања, каков што е неприкосновениот стандард на жанрот вест, кога станува збор за „главата“ на веста (lead), тука се нуди стара и позната информација на која местото и е кон крајот на веста, никако во првата реченица. Тоа што би требало да биде кратка и јасна глава на вест, во случајов е обемен збир од информации на кои местото им е подолу, во телото на веста.

Носечката информација, дека општината им должи на членовите на избирачките одбори повеќе од два милиони денари и дека тие пари не се планирани во буџетот за годинава, е пласирана дури во претпоследниот пасус. Ако евентуално се скрати веста по принципот на превртена пирамида, најважната информација би можела да отпадне. А, тоа, секако не треба да се случи. Се забележуваат и граматички грешки и неред во пасусите.

За вест пласирана на радио, особено се наметнува потребата од концизно, јасно и разбирливо пишување. Поради видот на медиумот, радиските вести не трпат преголемо детализирање и преоптовареност со податоци, туку го бараат најважното од важното.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има

не може да се утврди

не може да се утврди

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има

неофицијални

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатна

не прикрива

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно

нема

нема

балансираност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема

издвоени

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

информира

не

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема

нема

не потикнува

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

нема

нема

неуреден

не

Претплатете се за најнови вести