verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарство во егзил

on 20 - 03 - 2014       
2511525553_523a57da81_b

Гласачко место пред Националниот споменик на слободата на изразувањето, Foley Square, Manhattan, NYC. October 25, 2004.

 

 

Дали новинарството и активизмот се компатибилни? Дали новинарството е граѓански активизам?

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Пред три години добив покана да земам учество во една школа која спроведува обуки за граѓански активизам во делот за комуникација со јавноста и со медиумите, во потсегментот на граѓанскиот активизам и социјалните мрежи, како и на темите за медиуми на заедниците и граѓанското новинарство. Почитуваните пријатели и соборци во борбата за демократија ми рекоа „затоа што си искусен новинар и медиумски активист“.

Тогаш не ја размислив од сите аспекти причината за поканата, но три години подоцна и после интензивините предавања, дебати, расправии со пет генерации граѓански активисти, кога, во меѓувреме, од 36-тото место на листата на медиумски слободи, Македонија се најде на 123 на последната листа на „Репортери без граници“ и откако медиумскиот простор во нашата земја се загадува до невидени размери, прашањата „Дали новинарството и активизмот се компатибилни? Дали новинарството е граѓански активизам?“ испливаа на површина со исклучителна актуелност.

Ако новинарството треба да биде избалансирано, објективно, непартиско и фер ориентирано, тогаш новинарот не може да биде медиумски активист.

Но, дали оваа состојба, која ја дава овој едноставен одговор на прашањето дали новинарството е граѓански активизам, може да се постигне кај нас, во Република Македонија сега и тука, без да бидат компромитирани етичките принципи што го дефинираат новинарството како професија, а не како граѓански активизам? Бидејки сега и тука, во Република Македонија имаме таква ситуација кога правилото е исклучок, а исклучокот правило.

Многу ми е жал да го констатирам ова за медиумските слободи во мојата земја, но местото 123 на листата која го определува степенот на слободата на новинарското изразување, зборува само едно – во Република Македонија професионалното, слободното новинарство е – во егзил!!!

 

Новинарство, вести и активизам

 

Во мојата триесетгодишна кариера сум работел како новинар репортер, уредник во редакција и главен уредник во телевизија, во печатен, како и во онлајн медиум. Во одреден период на професионлна зрелост бев повикан да учествувам во повеќе, многу важни медиумски проекти што ги реализираа невладини организации, по ново здруженија на граѓани, кои имаа за цел да ги подигаат личните капацитети и етичките и професионални стандарди на стотици и стотици колеги  новинари. Учествував во многу други проекти кои им помагаа на новоформираните медиуми да ги препознаат доблесните менаџерски принципи за да организираат и водат одржливи медиумски организации… Но, до пред три или четри години не можев да се наречам активист. Сметав дека тоа е дел од мојот професионален долг кон професијата и помладите колеги.

Отсекогаш мислев дека новинарството не е активизам, зашто граѓанските активисти имаат каузи кои, тогаш кога е неопходно и кога не се решаваат во рамките на легалните и предвидените процедури за прифаќање на граѓанските иницијативи, можат да преземат акција со многу емоција и енергија, да побараат алтернативни решенија во ненасилните концепти за притисок, па дури и да склопуваат привремени сојузи со политички партнери.

Тие фактори, емотивната компонента и политичките сојузи, за мене беа туѓи кога ги разгледував прашањата за тоа дали новинарството е активизам. Дури и тогаш кога ми беше сосема јасно дека и новинарството и граѓанскиот актиивизам ги обединува тоа што, секогаш, треба да им дишат во врат на оние што во одреден период, во име на народот, ги спроведуваат политиките.

До пред три или четри години, дури сметав дека новинарите секогаш треба да одржуваат дистанца од темите за кои известуваат, особено од луѓето или институциите опфатени во нивните новинарски извештаи. Сметав дека е неопходно новинарите да избегнат емотивна или политичка инволвираност, бидејки тогаш кога ќе се откажат од таа дистанца ќе ја загубат објективноста.

 

Погледнете што направија со мојата песна

 

И, тогаш се случи нешто што предизвика пресврт во моите ставови. Еве како: Мојата кариера започна во последните години на претходниот систем, оној што го нарекуваат едноумие, или комуњарски. По две години отпочна една нова ера, ерата на демократскиот парламентаризам и повеќепартиски систем и првата фаза од таа ера беше наречена транзиција. Во транзицијата, според логиката на нештата, работите во државата од стартот до крајот на фазата на премин, треба да одат на подобро и од таа транзиција да влеземе во ера на општествени структури со високи стандарди. Дел од тие структури се и медиумите за кои требаше да се создава пазарен и етички амбиент кој ќе продуцира самоодржливи медиуми со високи професионални стандарди…

Наместо да се случи тоа, после 25-26 години транзиција имаме поделено општество и поделени новинари, партизирани општествени структури и партизирани медиуми, ниска политичка култура и исто таква медиумска култура, политички затвореници и прогонета слобода на изразување, говор на омраза како замена, супститут, за медиумската слобода…

Овие моменти се оние кои се фокусираат во точката на пресврт. Тие моменти ја создаваат атмосферата поради која е сосема разбирливо зошто новинарите денес мора да бидат и активисти.

Ако улогата на новинарите е да трагаат по вистината, ако треба да бидат глас на безгласните, ако треба да ги претставуваат интересите на јавноста, на сите граѓани без разлика на нивната расна, верска и политичка припадност, ако треба да ги застапуваат интересите на сите без разлика на нивниот социјален статус, тогаш, суштински, новинарот е активист во име на слободата на изразувањето.

 

Активизмот е во новинарските темели

 

Една од базичните и најопшти дефиниции на новинарството вели дека тоа е „професија која се бави со пишување за печатени, електронски и онлајн медиуми“. На ова мора да се додаде дека, доколку не се придржува до утврдените високи етички принципи, новинарството лесно се претвора во пи-ар и маркетинг.

Новинарството не треба да ги прикрива фактите, мора да биде точно. Новинарските професионалци изнесуваат јасни, недвосмислени факти кои ги ставаат на тест и во соодветен контекст. Таквите факти треба да бидат поткрепени со веродостојни и релевантни извори. Сите докази мора да бидат проверени и потврдени. Сите останати елементи на новинарската сторија мора да бидат внимателно проверени и соодветни за да се постигне сигурност дека нема да водат во погрешна насока и дека не е застапуваат непропорционално една за сметка на друга страна во приказната.

Новинарот ќе избере јасен, прецизен и соодветен речник за да ја раскаже сторијата и секогаш ќе внимава на коментарите и  мислењата кои можат да предизвикаат конфузија. На новинарот секогаш му е јасно што знае, што мисли дека знае и што не знае.

Новинарот  нема да избере страна, ќе биде објективен и фер. Со отворен ум ќе ги прифаќа и одразува сите мислења кои се значајни без разлика дали доаѓаат од некој кој има поинаква етничка, верска, политичка или сексуална ориентација или поинаков финансиски статус.

Ако новинарот одлучи да не употреби некое мислење, треба да знае јасно зошто го прави тоа, а понекогаш треба и на публиката да и го објасни тоа. Секогаш треба да има јасен став и аргументи зошто објавува некои информации и мислења, а други не. Во таа смисла треба да има одговор на прашањата: Каков е ефектот на мојот избор во новинарската сторија? Дали помага да се разјасни темата или внесува конфузија? Доколку прави конфузија, какви се можните последици? Дали последиците некому му служат, а некому му наштетуваат? Дали е тоа праведно?

Новинарот мора да биде чесен пред себеси и пред публиката за мотивите и причините поради кои пишува одредена сторија. Клучот на оваа исповед е во еднаквиот пристап кон сите страни во сторијата и во извлекувањето на одговори од вистинските прашања, особено од оние кои добиле мандат од граѓаните во одреден период да управуваат со ресурсите на заедницата.

Тоа е придонесот на новинарите во неопходната јавна дебата. На новинарите не може да им се порекне дека можат и дека им е дозволено да имаат политички ставови. Но, тие политички ставови не смеат да компромитираат ниту една од новинарските приказни во нивната професионална кариера. Тоа е можно доколку се држат до етичките стандарди на професијата и до методологијата (слобода) на изборот на новинарската тема, да методологијата на истражувањето на темата (фер и еднаква шанса на сите инволвирани страни) и до методологијата на пишување на сторијата  која има само една цел – вистината и јавниот интерес, а не интересот на одредени групи или поединци.

Кога новинарот и новинарството што го практикува можат да кажат дека ги исполнуваат овие критериуми во својата професија, тогаш активизмот станува релевантен фактор во нивното делување зашто стануваат активисти во име на слободата на изразувањето.

Ако е тоа така, тогаш новинарот што ги исполнуваат овие услови е и по дефиниција активист и, во исто време, член на тоа братство. На братството на граѓанските активисти. На патот кон слободата…


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести