verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: И Македонија има своја Северна Кореја

on 19 - 03 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-254-Во-Зајас-повторно-100-отсто-за-Ахмети-crop-resize

„Од појавата на интегративците на политичката сцена во 2002 година, во Зајас не само што не победила друга партија, туку резултатите на ДПА, НД, НДП… се безмалку смешни, односно некогаш се броеле на прстите од една рака, а максимумот е да се постигне барем 100 гласа. Kонкуренција на Ахмети на домашен политички терен, донекаде, му се Љубисав Иванов Ѕинго и Социјалистичката партија, која од осамостојувањето редовно победува во Kратово. Додека на светската политичка сцена Ахмети „опасно“ му се приближува на Севернокорејскиот претседател Kим Јонг-Ун, кој неодамна победи со сто отсто од гласовите“.

На насловната страна на весникот осамна најава за текст со кој се насочува читателот кон изедначување на ДУИ со практиките на северокорејската владеечка фамилија Ким Јонг при изборите, при што се зема случајот со селото Зајас, од каде е родум и лидерот на оваа партија Али Ахмети. Се вели дека „корејските резултати“ во ова место (и во соседното Осломеј) не може да се оспоруваат ако се израз на слободна волја, па се става сомнеж дека тие – цитирајќи го политичкиот ривал Мендух Тачи – се плод на изборни манипулации и фалсификат.
Во текстот никаде не стои директно обраќање на член на раководството на ДПА или на самиот Тачи, туку тој се цитира „индиректно“, во минато време и без линк со изворот. Излегува дека авторките се некој вид на адвокати на партијата која, за волја на вистината, како да станува „кандидат за коалициско врзување“ со ВМРО ДПМНЕ после парламентарните избори, место ДУИ?!

 Во Зајас повторно 100 отсто за Ахмети

Линк до оригиналниот напис: И Македонија има своја Северна Кореја

Датум и време на објавување: 16.03.2014, 18:35

Датум на рецензирање: 18.03.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Мора да се појде од констатацијата дека малку е необично, нели, што ДПА треба да биде во еден доста широк текст престставена во форма која јасно, недвосмилено и прецизно, би стоела зад тврдењата за наводниот фалсификат на изборната волја од страна на политичкиот конкурент ДУИ. Ако од ова обвинение – да речеме, хипотетички – произлезе некаква судска разрешница, претпоставуваме дека од ДПА не би можеле да бидат наведени како предмет на обвинението! Иако е Тачи главен „жирант“ за текстот, него никаде го нема во директен цитат или обраќање, ниту, пак, некој друг висок функциионер на ДПА (!).

 

ЧУДНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ВО РОДНОТО МЕСТО НА АХМЕТИ

Така, одбраната од таквото тврдење за чудните резултати во Зајас и Осломеј е дадена „во живо“, со директно соочување со Артан Груби, шефот на кабинетот на Ахмети. Ама, на друга страна, она на  „обвинението“ забележуваме дека не го застапува никој во директна или рековме експлицитна форма, освен што, на пример,  на авторките  – како што велат  – им останала во сеќавање изјавата на Тачи „ми се гади и ми се повраќа од изборни манипулации дадена на прес-конференција ноќта веднаш по соопштувањето на резултатите на парламентарните избори во 2008 година. Да се потсетиме тоа се оние избори после кои Груевски го остави дотогашниот коалиционен партнер Тачи и го замени со интегративците(!).

Во текстот, освен Груби како извор на информации, е присутен и поранешниот член на ДИК – Александар Новаковски. Тој дава два примери за нелегалност на изборите, чии виновници се партии од албанскиот кампус – едниот е во Сарај, каде имало огромна разлика во корист на ДУИ, ама се кажало дека членовите на изборните комисии од ДПА воопшто не биле присутни на гласањето, па и не може да се говори како се гласало и како настанала толкавата разлика. Новаковски говори и за очевиден фалсификат, утврден од страна на изборната комисија во Липково (2008), ама не споменува која партија го направила, иако споменува дека зад тој фалсификат се потпишале и претставниците во изборната комисија од другата партија (!?).

Авторките на написот имаат добра прегледност како се гласало на изборните места, кои се предмет на обработка, што и не е некоја тајна, бидејќи на сајтот на ДИК може да се најдат тие бројки. Ама, чудно е што нема, нели, споредби со други слични резултати, па и со оние кои се ставени само во една реченица – на Љубисав Иванов Ѕинго, бидејќи ако нешто такво да се тврди, читателот треба да се потсети со – факти! Тоа важи и за гласањето во Кратово.

Како се толерира хипотетичната нелегалност на изборните резултати?

Во написот е споменато дека во однос на гласањето во Зајас имало жалби до разни институции, ама секако читателот заслужува и тоа да се образложи, макар и не многу детално – кој се жалел, до кои институции, каков бил одговорот…

Прашањето секако е зошто толку долго се толерира еден условно тежок фаул врз демократијата, со таков играч се прават коалиции, му се доверуваат министерства и се вработуваат негови кадри во јавната администрација?! Значи, во текстот морало да се побара и да се добие одговор и на тие прашања и посебно од – коалициониот партнер, бидејќи тој јавно никогаш не испратил укор за такво однесување и тоа незабележано во односите во коалицијата кои имале и драматични осцилации, но не и за оваа тема. Ова, секако, може да се смета за пристрасност и тоа кон ВМРО ДПМНЕ, бидејќи целата таа теза за лажирање на изборите треба коалициониот партнер да го остави „вирго интакта“. А, тоа е бездруго веќе пристрасност.

Нема сомнение дека не само што се работи за оригинален напис, туку тој за прв пат се отвора кон една тема за која обично се говори зад кулиси и никако на новинарски страници, за што авторките треба да се пофалат, доколку внимавале, се разбира, на сите аспекти на темата. Но, станува чудно, нели, што темата се отвора дури во мигот кога односите во владеачката коалиција се заладени и кога тие мразулци меѓу двата партнери треба да се валоризираат на следните избори во форма на билдање на националистичките ставови на едната и другата страна.

 

ЛЕГЕНДА БЕЗ ПОТВРДА

Насловот на сторијата секако е провокативен, ама е во рамките на дозволена атрактивност, особено заради прашалникот што стои на крајот. Но, наднасловот секако е поспорен,бидејќи прави споредба на една партија со севернорејските еднонасочни избори – тоа не е во согласност со содржината на написот, во кој и самите авторки констатираат дека во Северна Кореја нема повеќе од една партија, а дека ДПА, во друг контекст се констатира, често одбива или не сака да го контролира партискиот конкурент на избирачките места?!

Написот содржи и две фотографии. На едната е слика од тоа како Ахмети гласа во родното место и таа е илустративна, а постои и друга на која се гледа како неколку граѓанки од непознато избирачко место се пријавуваат за гласање. Во легендата стопи „изборен фалсификат“, што е сосема нејасна констатација, бидејќи тоа од сликата не може да се утврди!?

Јасно, за да се докаже добронамерноста на авторките и нивната борба за чесни и демократски избори, треба да се одговори на многу ситуации . Една од нив е онаа кога во вториот круг од претседателските избори Борис Трајковски (во 1999 година) со полнење на кутиите од страна на Албанците  – според неодамнешна колумна на д-р Ѓорѓи Спасовне само што ја надомести разликата од 140 илјади гласови од првиот круг, кога имаше апстиненција, туку победи со 70 илјади гласови предност. Албанците, во тие околности, исто така, излегуваа масовно и малку кој може да се заколне дека немаше просто „полнење на кутиите“. Значи, од таквите ситуации некогаш корист имале и македонските партии или дел од политичкиот спектар на македонските партии.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести