verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Никола Младенов – Живот подарен на новинарството

on 11 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски
Никола Младенов, новинар и основач на „Фокус“. Фото: Фокус
Никола Младенов, новинар и основач на „Фокус“. Фото: Фокус

На денешен ден пред точно 52 години* е роден Никола Младенов. Човекот кој важи за еден од творците на македонската пролет и новинарот кој најмногу ја задолжи кревката македонска демократија.
Само две недели по неговиот 49. роденден, вечерта на 26 март 2013 година, Младенов несреќно го загуби животот во сообраќајна несреќа.
Наредниве денови ќе се сеќаваме на него преку текстовите што по смртта му ги посветија колегите и пријателите.

 

Пишува: Редакција „ФОКУС“

 

Фокус, 10 март, 2014

Почнувајќи како надежен млад актер, Никола Младенов ја пренасочува својата амбиција и кон средината на 1980-тите почнува со работа како новинар во „Млад борец“. Тој е еден од луѓето што ги воведе плуралистичките правила во македонското новинарство, заедно со својата екипа во „Млад борец“. Прво почна како новинар, па заменик на главниот уредник и кон крајот на 1980-тите станува главен уредник. „Млад борец“ беше предвесник на новинарската пролет во Македонија.

Неговите колеги често знаеја да кажат дека тој е творецот на македонската пролет – сите промени во однос на плурализмот и сите творби во корист на демократските процеси во земјава биле покренати токму преку овој весник, дело на Младенов. По „Млад борец“ тој го основа радиото „Либертас“, а набргу, во 1995 година почнува со издавањето на неделниот весник „Фокус“, како прв слободен и независен неделен весник во Македонија. Со логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и надворешниот непријател“, „Фокус“, под водство на Младенов станува еден од главните столбови на новото македонско општество.

Младенов го градеше брендот на „Фокус“ цели 20 години, речиси една половина од неговиот животен век, создавајќи медиум во која најважна беше речта на слободниот говор, слободата беше императивот на неговите написи. Преку „Млад борец“, а потоа и преку „Фокус“, тој воведе комплетно нови правила во новинарството – слободата, без разлика на сѐ! Сето она што почна преку „Млад борец“, беше продолжено во „Фокус“ – неделниот весник тежнееше кон револуционерното новинарство, кон слобода, кон критичка мисла за сето она што треба да биде критикувано.

Младенов не трпеше да работи нарачани текстови од центрите на моќ,залагајќи се за вистината како клучен елемент на новинарската работа. Во сиве овие 20 години Младенов опстојуваше на своите ставови, наметнувајќи го неделниот весник како медиум кој врз пазарни принципи се бори за својот углед и опстанок. Тој беше човек со идеја, проекција, визија. Овие зборови за Младенов се суштината на неговото битисување, беше храбар и бескомпромисен, секогаш кога ја критикуваше работата на која било власт и општествена појава. При првите интервјуа со новинарите, клучните зборови му беа – „Ние сме опозиција и критичари кон секоја власт, не ме интересира која е!“.

Во строгоста на неговите написи секогаш се гледаше неговата добронамерност и желба за промени кон подобро на македонското општество. Не беше догматичар, ги прифаќаше аргументите и ставовите на другите, секогаш кога тие беа аргументирани и вистински. Во „Фокус“, со водство на Младенов во овие 20 години минаа речиси сите главни пера на македонското новинарство. Младенов од „Фокус“ успе да направи медиумски полигон за дебата на различни политички, општествени културни и историски гледишта.

Секогаш отворен за разговор, неговата мисла не застануваше во ниеден момент, секогаш велеше, „да не се вртиме назад, туку да гледаме напред“, верувајќи дека тоа што го прави е исправно. Тоа беше единствената негова догма, „работам за тоа што е вистина, за правдата“. Тоа беа единствените точки за кои не сакаше да дискутира. Веруваше и знаеше дека оди по вистинскиот пат. А, тој пат беше со многу пречки, со сопки, од сите страни. Младенов не беше конформист кој ќе се согласеше на компромис, кој нему ќе му обезбеди поудобенживот.

Напротив. Сметаше дека работи за подобра Македонија, за поквалитетно новинарство, за послободно општество. Само во тоа никој не можеше да го разубеди. Негов сон беше да создаде дневен весник „Фокус“, во што успеа легитимирајќи го својот 30-годишен работен век со производ кој го наметна како демократски императив. Дневниот весник „Фокус“ беше уште еден прозорец кој Младенов го отвори, за да го рашири својот, видокругот на луѓето со кои работеше и на неговите бројни читатели.

 

Извадок од енциклопедијата на МАНУ:

Никола Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Тој е новинар што се афирмира во периодот на распаѓањето на СФРЈ, како главен и одговорен уредник на „Млад борец“, орган на ССММ, кој ги отвори своите страници за теми и личности што биле во неформалната „црна листа“ во македонското новинарство. Раскрстувањето со автоцензурата во медиумите и отвореното соочување се децениските гревови на комунистичката номенклатура му донесуваат на „Млад борец“ углед на предводник на демократските процеси во СРМ. Во 1995 година Младенов го основа „Фокус“, влијателен информативно-политички седмичник во Република Македонија.

 

* Текстот прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ по повод датумот кога Никола Младенов, основачот на неделникот, требаше да наполни 50 години. Реобјавувајќи го текстот со цел да не згасне сеќавањето на нашиот колега, во поднасловот ставивме 52 – години.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести

Sorry. No data so far.

Sorry. No data so far.