verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Миење“ на биографиите: Пример со „пензионирањето“ на првиот човек за јавна безбедност

on 15 - 05 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува Љубомир Костовски

Текстот е достапен и на албански јазик: ‘Larja’ e biografive: Shembulli me ‘pensionimin’ e njeriut të parë të sigurisë publike
„Миење“ на биографиите: Пример со „пензионирањето“ на првиот човек за јавна безбедност

Фотографија: amslerPIX

Во новинарството правење на некаква биографија за некоја позната личност главно е предмет на редакциската педантност во стилот „ништо да не нѐ изненади“.

Големите редакции, подготвувајќи се за смртта на таквите личности, кога тие ќе се разболат или ќе влезат во години кога е извесно дека им се ближи крајот на животот, прават текст кој само ќе го извадат од фиока кога во редакцијата ќе стигне првото барање за простор од неговото семејство во рубриката на жални вести.

Малку е покомпликувана ситуацијата кога се прави пригодна биографија за жив човек, по повод завршувањето на некаков период на професионална преокупација по која тој бил познат. Доколку медиумот е независен, секако дека се очекува таквите стории да се микс од евентуално добрите и лошите потези на именуваниот, но многу често во нашите медиуми, особено во социјализмот, но и сега, кога една партија е долго на власт, а опозициони медиуми практично и нема, се настојува да се направи некакво пригодно професионално „испраќање“ на таквите личности.

Медиумите се злоупотребуваат за „бришење на трагите“, со цел идните, евентуално независни трагачи на податоци, да не најдат мана во кариерите на таквите повластени јавни функционери.

Испраќањето во пензија на директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски (54), кој го користи бенефицираниот стаж, беше одбележано во речиси сите македонски медиуми, во поголем дел од т.н. наменски интервјуа, во кои со прашањата се поттикнуваше неговото самославење и редење на успешни операции во кои тој учествувал или биле изведувани со негова команда.

Причините за таквиот пристап, на очевидно спинувани средби со медиумите (сите се случувале во ден-два и сите ги содржат речиси истите прашања!), се содржат во потребата преку него да се слави владината успешност во областа на јавната безбедност, да се „затрупаат“ многу афери врзани со неговото работење и трето – да се овозможи „чист“ старт во новата професија: професурата.

Уште во 19 век познатиот англиски математичар и човекот кој се смета за татко на сметководството – Чарлс Бабиџ, говори за три методи кои се користат во процесот на преслободна интерпретација на фактите, а кои политичкото брифирање и услужното новинарството ги користи во процесот на миење на биографиите: фалсификување, поткастрување и „готвење“.

Под фалсификување се мисли на измислување на факти, поткаструвањето е своевидна „козметичка масажа“ или разубавување на фактите, за тие да бидат поприфатливи и конечно под „готвење“ се мисли на изоставување на факти кои би попречиле во добивањето на конечната вистина.

На пример, по повод заминувањето во пензија на Тодоровски беше предочена следната статистика:

„Во изминативе години Бирото за јавна безбедност на чие челно место беше господинот Тодоровски (односно од крајот на август 2006 година заклучно со март годинава) постигна значителни резултати во сите сфери на своето работење. Така во поглед на економскиот криминал во овој период откриени се 5.177 кривични дела од областа на економскиот криминал за што се пријавени 7.312 сторители, а е предизвикана материјална штета од околу 18,5 милијарди денари“.

Во делот на НТ се редат други бројки, а така е и со некои други области на криминалот. Но, статистиката служи само ако таа врши споредба на познати математички величини (инаку е обично набројување), за да можеме да објасниме зошто тој број на откриени кривични дела би бил или не би бил успех, односно какви биле резултатите во другите периоди кога именуваниот не бил на таа функција! Инаку, тоа е користење на статистиката за обично разубавување на фактите.

Во таа насока да споменеме дека е познато дека на суд беа ослободени најголем дел од приведените во спектакуларната акција „Змиско око“ (1 и 2), дека не се докажа и дали тој процес беше под спектакуларното ниво на апсење во случајот на криминалот против членовите на инвалидските комисии, дека одделението за борба против организираниот криминал освен во случајот со мафијашот Сејдиу, во ниту еден друг случај немаше успех што заслужува насловна страница.

Македонија во негово време бележи незапомнето голем број организирани грабежи на банки, пошти, поштенски пратки, менувачници и обложувалници, а бројот на фатените сторители, и особено успехот во поврат на парите, е речиси никаков!

Таква статистика дури и не се води и никаде не е објавена посебно, иако се работи за тешки кривични дела, некаде придружени со убиства, што говори за голема присутност на „готвење“ на фактите, односно на нивно тргање настрана кога не се поволни.

Македонија во времето на Тодоровски бележи рекорден број на исчезнати лица, необјаснети убиства (да се сетиме на случајот со кичевските жени, потоа со девојчето од Мариово, многу деца од кумановско на кои им се губи секаква трага)…

Дури и во случаи каде полицијата односно Тодоровски си припишува успех, треба да се истакне дека тој не е доволен, а главните извршители се сѐ уште вон дофатот на правдата (Планинска луња, Монструм), па заради лоша завршница на акциите имавме селективна (ненамерна, но реална) примена на правдата, а далеку сме и од вистинските имиња на организаторите, што важи да речеме и за најспектакуларната акција за пресечување на трговија со дрога (случај Чочоровска) каде не е откриена мрежата на клучните играчи, јатаците во јавните служби и слично.

Така, нешто што во основа е близу до тоа да биде неуспех во една акција (лесно може на суд да падне и обвинението после акцијата Монструм), се претвора во успех на полицијата, односно во случајот на помошник министерот Тодоровски.

За Тодоровски остана големата афера со часовникот „Ибло“ на кого не му се најде „трагата“ како се најде на раката на овој висок функционер како и аферата со неговото експресно магистрирање и брзо докторирање. Тоа е одново јасна намера за миење на неговата биографија.

Не е познато што ќе предава идниот професор Тодоровски, но неговите студенти нека се држат и до лекциите на математичарот Бабиџ.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести