verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Изборот е основно човеково право

on 9 - 10 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Објавување на извештајот на ОБСЕ за изборите во 2014.  Фото: ОБСЕ/ОДИХР.

Објавување на извештајот за изборите во 2014 година. Фото: ОБСЕ/ОДИХР.

Медиумите пропуштаат да известат дека Република Македонија има обврска да ги спроведе сите забелешки на ОБСЕ/ОДИХР од претходните избори.

 

Пишува: Проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Одржувањето фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ќе гласаат и ќе избираат, претставува една од клучните алатки за надминување на политичката и институционална криза во која се наоѓа Република Македонија.

Информациите во врска со менувањето на изборната регулатива, во врска со предлозите кои ги даваат партиите и одвивањето на преговорите околу изборните правила, имаат исклучително големо значење за граѓаните на Република Македонија.

Во почетната фаза на преговорите во медиумите се појавија информации за генералните правци на промена кои се нудат и основните компоненти на менување. Во овој период медиумите известуваа за можните промени на моделот во целина и за ставовите на учесниците во преговарачкиот процес во однос на можните модели. На пример:

Во подоцнежната фаза од преговорите, медиумите се концентрираат на две прашања: прочистување на избирачкиот список и гласањето на дијаспората.

Во целиот овој период медиумите многу поголемо внимание посветуваат на меѓусебните обвинувања на учесниците во преговорите отколку на информирање на граѓаните за она што би требало да претставува промена насочена кон обезбедување фер и демократски избори. Дури и на крајот на преговарачкиот процес, според голем дел од медиумите, како клучни и како спорни прашања се издвојуваат:

„…прашањето за гласањето на дијаспората, составот и надлежностите на Државната изборна комисија, како и прочистувањето на избирачкиот список.“

Медиумите се задоволуваат со пренесување на изјавите на партиите без да направат посериозна анализа на целокупниот процес и без да презентираат целосна информација за промените за кои се разговара и кои би требало да обезбедат фер и демокатски избори.

Во некои медиуми, многу попатно, се спомнуваат и неколку други прашања поврзани со изборната регулатива (како на пример: улогата на медиумите, финансирањето на политичките партии, учеството на жените, …). Само во мал број медиуми се спомнуваат прашањата кои не се спорни и за кои учесниците во преговорите постигнале согласност. На пример:

Во однос на медиумите како што дознаваме преговарачките тимови усогласиле поголем дел од ставовите .

Меѓутоа, и покрај неверојатно големиот интерес на медиумите за овој сегмент од преговорите и широката медиумска покриеност на целиот процес, всушност, на граѓаните не им беа понудени доволни и соодветни информации кои ќе им помогнат да ги разберат промените кои се нудат, ќе им помогнат во градењето на сопствено мислење за изборната регулатива и ќе им овозможат да ги искажат своите идеи и ставови во врска со оваа регулатива.

Според договорот постигнат и потпишан од страна на четири политички партии на 2.06.2015 година (превод на македонски овде):

„До 31 јули 2015, ќе се прегледа и модификува составот на Државната изборна комисија. До 30 септември 2015 година, на Државната Изборна Комисија ќе и се дадат зголемени овластувања за да обезбеди слободни и фер избори како и еднакви услови за учество за сите партии. Ќе бидат имплементирани сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, вклучувајќи и ревизија на листата на гласачи во согласност со нова и договорена методологија.“

Овие забелешки на ОБСЕ/ОДИХР можат да се сумираат во неколку точки:

  1. Во текот на изборите не е направено одвојување на партиските од државните интереси со што е направено прекршување на Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година.
  2. Вршено е заплашување на граѓаните од страна на власта.
  3. Злоупотребени се државни ресурси за изборна кампања.
  4. Со гласањето на дијаспората прекршен е Уставот и членот 7.3 од Копенхашкиот документ од 1990 година.
  5. Државниот завод за ревизија е спречен во вршењето надзор над финансирањето на партиите (посебно на оние кои се на власта).
  6. Партиите на власт контролираат најголем број од медиумите.
  7. Со злоупотребата на јавниот дифузен сервис е прекршен член 7.8 од Копенхашкиот документ од 1990 година.
  8. Се прават реформи на изборната регулатива набрзина и несеопфатно.
  9. Постапката на приговори е несоодветна.
  10. МВР се меша во работата на ДИК.
  11. Има многу категории на ранливи групи кои не можат да гласаат.
  12. Партиите не даваат отчет за потрошените пари за избори (посебно владејачките).
  13. Нема санкции за партиите кои нема да поднесат финансиски извештај.

Дел од овие препораки воопшто не се однесуваат на законската регулатива, а уште помалку на изборниот модел. Тие се однесуваат на постоењето елементарни услови за остварување на правото на избор како основно човеково право и имаат врска многу повеќе со практиката отколку со легислативата.

Меѓутоа, ниту еден медиум не се заинтересира за тоа дали преговорите се одвиваат околу имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и во ниту еден медиум не беа презентирани овие препораки за граѓаните да имаат увид дали тие кои преговараат, преговараат за вистинските нешта што треба да создадат елементарни услови за идните избори да бидат фер и демократски.

Ниту еден медиум не ја искористи можноста да направи опстојна анализа за тоа кои од овие точки се неспорни за политичките партии, а кои можеби воопшто не се ни ставени на дневен ред за преговарање и врз основа на една ваква анализа да изведе релевантни заклучоци за перспективите на демократијата во Република Македонија.

Кога станува збор за граѓаните, ваквиот пристап на медиумите, всушност ги лишува граѓаните од стекнување целосна слика за промените кои се нудат, за ставовите на политичките субјекти и ги оневозможува да влијаат на процесот на одлучување било непосредно било преку своите избрани претставници во Собранието.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести