verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ефектите на цртаните филмови и стимулирањето насилство кај децата!

on 3 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Само во една епизода на „Том и Џери’ има по десетина сцени со насилство. Фото: Скриншот
Само во една епизода на „Том и Џери“ има по десетина сцени со насилство. Фото: Скриншот

 

Само една епизода од „Том и Џери“, која трае околу шест минути, во себе содржи од 30 до 60 акти на насилство. Дури и кога ги броев овие акти, неколкупати имав тешкотии во броењето на актите на насилство, бидејќи имаше случаи кога два или три акти се случуваа истовремено, на пример, додека мачката го напаѓа глушецот, кучето ја напаѓа мачката, се кршат дрва на нивните глави, уништуваат сè што ќе им излезе пред нив и што е најскандалозно, никогаш не одговараат пред никого за тоа што го прават.

 

Пишува: Агрон Врангала

 

Науката никогаш не би зборувала за војната, доколку таа не оставаше последици врз човештвото. Ниту, пак, ќе се занимаваше со болестите што се појавуваат во светот доколку тие не претставуваа некој проблем за луѓето. Се чини како во страниците на книгите лошите работи како да зафатиле повеќе место од оние корисните. Затоа, оваа анализа повеќе ќе се фокусира на негативните елементи што му ги нуди цртаниот филм на детето. Меѓу нив е и насилството што се прикажува во цртаните филмови.

Ако тргнеме од тоа колкава контрола имаат родителите врз своите деца за овој проблем, треба да се каже дека немаат колку што е потребно! Овде влијаат многу фактори како: работата, дневните обврски, неодредувањето еден час дневно, или во два дена, само за едукација на децата, поставување на телевизија во детската соба и така натаму. Повеќето од нив мислат дека гледањето телевизија ги прави децата помирни, имаат како да го поминат времето и не излегуваат често надвор со другарите, бидејќи така може почесто да бидат вовлечени во кавги.

Во просек, до времето кога едно дете го завршило основното училиште, тој или таа видело околу 8.000 убиства и околу 100.000 разни акти на насилство (како, на пример, напади, силувања и др.) на телевизиските станици. Бројките се уште поголеми доколку детето има пристап до кабелска телевизија или поседува видеоплеер. [2]

Не може да се констатира дека секој акт на насилство се нуди исклучиво на телевизија, затоа што има и низа други медиуми со такви насилни содржини, како што се компјутерските игри или видеоигрите, разните интернет-страници, мобилните телефони, музиката, весниците со содржина за возрасни, итн. Исто така, во оваа низа на насилство се приклучуваат и социјалните искуства на децата, како, на пример, во какво семејство растат, кој им е соиграч од децата во маалото, со какви играчки играат, дали имаат поголем брат или сестра, во какви односи се со учителот и со соучениците и друго.

Во една американска студија експертите ги следеа децата на возраст од 2 до 5 години и дојдоа до заклучок дека цртаните филмови се опасни, бидејќи ги учат децата дека насилното однесување не е казниво… Исто така, експертите се согласуваат дека цртаните филмови влијаат негативно во многу поголема мера кај машките деца, од тоа што се мислеше досега. Машките деца, на возраст од 2 до 5 години, кои редовно гледаат цртани филмови стануваат многу поагресивни и понетолерантни на поголема возраст, отколку нивните врсници кои пораснале без нивните цртани идоли…, додека пак, девојчињата што на истата возраст ги гледаат истите филмови, во подоцнежниот период во животот се однесуваат асоцијално, пренесува DW. [3]

Во 2000 година, училиштето за јавно здравје при Универзитетот „Харвард“ пресметало дека „62 проценти од сите цртани филмови прикажуваат најмалку едно убиство“.[4] Но, ова е само минимумот на убиства или на насилството во целост. На пример, „Том и Џери“ (продукција на филмската куќа „Метро Голдвин Мејер“ – МГМ, основана од рускиот Евреин, Луис Б. Мејер), може да се нарече најомилениот детски цртан филм. Сепак, тој е истовремено и најнасилниот, но ова не се смета за важно и тој постојано им се нуди на децата.

Кој се занимава со ова? На повеќето од родителите не ни им паднало некогаш напамет дека „Том и Џери“ или други слични цртани филмови на овие, ги прават децата насилни. Само една епизода од „Том и Џери“, која трае околу шест минути, во себе содржи од 30 до 60 акти на насилство. Дури и кога ги броев овие акти, неколкупати имав тешкотии во броењето на актите на насилство, бидејќи имаше случаи кога два или три акти се случуваа истовремено, на пример, додека мачката го напаѓа глушецот, кучето ја напаѓа мачката, се кршат дрва на нивните глави, уништуваат сè што ќе им излезе пред нив и што е најскандалозно, никогаш не одговараат пред никого за тоа што го прават. Се употребува оружје, ножеви, работни алатки, се уништуваат куќи, трпезариски маси, се пие, се краде храна од фрижидер… и никогаш не се казнуваат за ова! Да не зборуваме за безброј лаги и интриги што ги прават хероите на овој филм. За што? За да му наштетат на другиот, значи да прават лошо дело! Секако, има и случаи каде што ликовите си помагаат еден на друг, но овие случаи се многу ретки во споредба со оние првите. Истата приказна е и со „Брзата птица итрица“, „Душко Долгоушко“, „Пајо Паторот“, „Пинк Пантер“…

И јапонските продукции на цртани филмови се преполни со сцени на насилство. Дури и настанот го градат врз основа на борбата. На пример, кај „Драгонбол зет“, главниот лик на филмот, Сонгоку, со неговите другари, секогаш војува со лошите кои стануваат уште посилни и овие првите војуваат за да ја спасат планетата Земја. Умираат, се трансформираат, се обновуваат, повторно умираат и повторно воскреснуваат и по воскресението стануваат уште посилни! Сè е можно, вршат магични напади еден против друг, летаат, исчезнуваат за миг и излегуваат на друго место… Овде е невозможно да се избројат актите на насилство, бидејќи се недостижни за човечкото око! Побрзи се од молњата. И за албанските деца е позната техниката на хероите на „Драгон бол“, „Каме-хаме-ха“, која се остварува со триење на рацете и со нивно цврсто држење. Откако се прави ова, излегува нешто како оган и се насочува кон непријателот. Оваа техника ја знаат сите деца во моето маало и одвреме-навреме ја практикуваат… За среќа, не можат да произведат оган со нивните раце!

На крајот, излегува дека овие цртани филмови се наменети за децата на 2, 3, 4 или 10-годишна возраст. Тие го стимулираат инстинктот на децата и влијаат врз зголемување на актите на насилство. Влијаат на формирање забуна и неразликување меѓу реалното и имагинарното. За децата не важи оваа поделба, тие имаат бујна фантазија со нереални нешта, бидејќи, меѓу другото, тие се производ на една медиумска култура.

 

Референции:

  • [1] Marshall McLuhan: Инструментите на комуникација – Медиумот како продолжеток на човекот. Институт за дијалог и комуникација, 1964.
  • [2] Cynthia Carter dhe C. Kay Weaver: Violence and the media, boton: Open University Press, Buckingham – Filadelfiа, 2003.
  • [3] Напис: „Студија: Цртаните филмови, опасни” – http://zhurnal.mk/content/?id=2011317222857. Датум: 03.09.2012.
  • [4] Документарна емисија: “Gender & Comm. – Kids Cartoon Violence” – http://www.youtube.com/watch?v=oceyNYLoUCc&feature=related. Датум: 04.09.2012.
  • [5] Neal Gabler: An Empire of their Own – How the Jews invented Hollywood, boton: Doubleday, Broadway, New York, 1988.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести