verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Бараме затворска казна – ние сме „допрен глас од јавноста“

on 24 - 02 - 2016       

 

infomax 11

 

[Рецензија: ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА КАТИЦА И ОЛИВЕР: Противправно лишување од слобода и пет години затворска казна за одговорните!]

Конкретниот „информативен“ портал испорача текст што не е чиста небулоза или говор на омраза. Сепак, тоа не значи дека понудениот материјал е професионален и издржан според професионалните стандарди. Далеку од тоа, но едноставно заслужува да се нотира.

Во текстот што го рецензираме има два три етички проблеми – нема извор, се мешаат факти со коментари и во еден дел написот се нуди да послужи како „допрен глас“ до правосудните органи.

 1111Линк до оригиналниот напис: ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА КАТИЦА И ОЛИВЕР: Противправно лишување од слобода и пет години затворска казна за одговорните!

Датум и време на објавување: 20.02.2016

Датум на рецензирање: 23.02.2016

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ЛИЦИТИРАЊЕ СО ЗАТВОР КАКО ДА Е ПАЗАРЕН ДЕН

Тајната зошто ова четиво повеќе личи на некаков си текст, сè уште далеку од потребните стандарди, најверојатно лежи во тоа што е позајмен од друго место, од други веб-страници кои може да се „пофалат“ со донекаде поприфатливи материјали, ама, сепак, сè уште непрофесионални и пристрасни, малку помалку од оние што ги објавува медиумот чиј текст го рецензираме.

Лесно е да се утврди дека овој напис, заедно со другите, а потпирајќи се на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд во Скопје, е оркестрирана и „засилена до максимум“ медиумска хајка која треба да увери дека акцијата на барање на Специјалното јавно обвинителство, а изведена од полицијата, со приведување на градоначалникот на општина Пустец, инаку осомничен за изборни манипулации во предметот „Титаник“, била незаконска.

Во ред, СЈО имало, според свое убедување, аргументи за тој чекор што Судот не го одобрува. Да се констатира дека Кривичниот совет утврдил дека приведувањето на Едмонд Темелко било незаконско, е легитимна информација, зашто се базира на судска одлука. Но, притоа, истовремено да се лицитира со кривична одговорност и со затворски казни за специјалната обвинителка и за министерот за внатрешни работи, кои воопшто не се по мерак на владејачката партија, не само што е кршење на презумцијата на невиност, туку е и медиумско гатање на кое и Баба Ванѓа би позавидела.

Има процедура, постапка на утврдување на одговорност, па сомнение, па обвинение, па судски процес, па дури тогаш евентуална казна. Интересно, самиот текст си се нуди кај Јавното обвинителство да биде искористен како „допрен глас“:

„Надлежно за покренување на постапка е Основното Јавно обвинителство на Р.Македонија, кое постапката може да ја покрене по дојава, или по допрен глас, како на пример овој текст“.

Ептен професионален и непристрасен пристап, нема што?!

НЕМА ИЗВОРИ, ИМА КОМЕНТАРИ

Има уште многу да се изоди до одредување затвор за оној или за овој. Ама некому како да му се брзало веднаш, злоупотребувајќи ја одлуката на Кривичниот совет, не само да ги прогласи за виновни Јанева и Спасовски, туку безмалку и да ги прати во апсана. Гем – сет – меч, со еден удар, симнати од дневен ред две „здодевни“ персони, како што сугерира насловната конструкција:

„ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА КАТИЦА И ОЛИВЕР: Противправно лишување од слобода и пет години затворска казна за одговорните!“

Дека има политизирање на случајот и обид акцијата да се претстави како некакво си опозициско масло, зборува и параграфот:

„…Во СЈО се случил раскол поради неуспешноста да се испорачаат притвори за лицата повикани на разговор, на што неколкумина од обвинителите реагирале дека не требало воопшто да се бара притвор, на прво место бидејќи не постојат доволно докази за тоа. На тоа бурно реагирал Гаврил Бубевски, кум на Филип Медарски, адвокатот на Заев, кој почнал да вреска дека Заев издејствувал големи плати за нив и тие треба да му се оддолжат на тој начин што ќе го прават она што тој го бара од нив.“

Арно ама, наведените тврдења немаат поткрепа во текстот. Нема ниту извори на информации, дури ни т.н. „наши извори“. Но, затоа, пак, има коментирање на начин спротивен на Кодексот на новинари.

„Срамна акција на СЈО која предизвика гнев во јавноста поради апсењето на Едмонд Темелко кој е единствен градоначалник на Македонска општина во Албанија и целиот свој живот го има предадено на промоција и афирмација на правата на Македонците во Албанија, денес доби нова димензија на скандалозност.“

Ова е во целосна спротивност со член 13 од Кодексот на новинарите на Македонија според кој „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, анонимни

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

најверојатно е целосна копија, иако тоа не е наведено

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести