Напис што наликува на класично озборување
Објавено во Рецензии
on 8 - 04 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: СДСМ ги злоупотребува средношколците]
Крајно едностран текст, новинарски неиздржан, со отсуство на факти и на аргументи, своевидна одбрана на Владата и истовремен напад на „Средношколски пленум“. Главен виновник за незадоволството на учениците, замислете само, пак се опозицијата и Сорос. Зошто? Зашто така некому му било ќеф!
Линк до оригиналниот напис: СДСМ ги злоупотребува средношколците
Датум и време на објавување: 01.04.2015, 15:07
Датум на рецензирање: 05.04.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
КОРОДИРАНА ВИСТИНИТОСТ
Аман веќе! Што друго да се каже за континуираната и безобразно неаргументирана кампања дека секој што за нешто се бунтува и протестира во државава е „поврзан, злоупотребен“ со опозицијата или со Фондацијата „Отворено општество Македонија“ (ФООМ – Сорос-фондацијата). Во конкретниот пример, редот му дојде и на „Средношколски пленум“. Значи, дел од средношколците не се согласуваат, не навлегуваме во тоа дали е исправно или не, бидејќи, конечно, тоа е нивна работа, со договорот постигнат меѓу Унијата на средношколци и Министерството за образование во однос на тоа математиката да не биде задолжителен предмет за сите матуранти при полагањето на државната матура, туку само за оние кои се од математичките гимназии. Таквото нивно противење било доволен аргумент за некој да им закачи епитет дека се „опозициски и Соросови“. Аха, а каде се доказите за тоа во ова, што би требало да претставува, „новинарско“ дело? Објективно ги нема, додека некој субјективно тврди дека ги нашол. Аналогијата е дека „Средношколски пленум“ е пандан на „Студентски пленум“ кој, како што се вели, „во јавноста стана јасно дека не е ништо друго, туку само продолжена рака на СДСМ и Соросовата фондација во земјава. Токму и студентите од овој пленум се приклучија на денешниот протест“. Работава малку наликува на она „округло, па на ќоше“. Или, пак, дека самите средношколци, дел од нив од Куманово, на протестите во Скопје се „фалеле“ дека само сакале да губат часови и дека зад целата организација стоел СДСМ и неговите луѓе од Куманово – една од ретките општини во кои опозицијата ја има локалната власт. Не велам дека можеби и не е така, ама во написот нема аргументи за покривање на ваквото тврдење. Прво, можеле јасно да се цитираат изјави од учениците кои велат дека тоа е така. Второ, што стана со едно од основните новинарски правила за „втората страна“? Зошто не е побаран став од, на пример, СДСМ или од кумановските власти? Непрофесионализам или директива, не можам до крај да проценам. Јасно е дека вистинитоста е кородирана, меѓу другото, баш поради отсуството на прецизни и на кредибилни извори.
БЕЗ „О“ ЗА ОБЈЕКТИВНОСТ, ГОЛЕМО „П“ ЗА ПРИСТРАСНОСТ
„Рекла – кажала“ муабет не треба и не смее да има место во текст од информативна рубрика. Написот што ни се продава наводно има новина, а, всушност, наликува на класично озборување, што, пак, значи дека затоа многу трпи содржината. Навистина би сакал да видам истражувачки производ кој со новинарски докази ќе ја покаже спрегата меѓу протестите и опозицијата, а не само медиумски обвинителен акт со папка без аргументи. Оттука, нема дилеми дека од објективноста нема ниту „о“. Затоа, од пристрасноста има голема „П“, дополнета со несоодветни коментари со јако „К“:
„Ова претставува класична партиска злоупотреба на деца и уценици, поради што се отвораат низа прашања. Кој им го организирал превозот на децата и кој платил за тој превоз? Зошто е потребна ваква злоупотреба на деца за ситни политички поени? Кој ќе им ги надомести изгубените часови на средношколците? Кој ќе сноси одговорност доколку некој малолетен средношколец се соочи со некакви проблеми или можеби нешто посериозно?“
„Прашањето кое се поставува до најголемата опозициска е до ова ли дно ли дојде СДСМ, со директна злоупотреба на малолетни уценици да остварува партиски цели.“
Се согласувам дека, како што се вели во насловот, кој инаку е комплетно надвор од секој професионален стандард, има злоупотреба, ама би рекол злоупотреба на публиката со овој конкретен материјал.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови