verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Заробени медиуми: Памфлет против слободата

on 4 - 07 - 2014       
Пропаганда. Фото: Jenny P., 2005

Пропаганда. Фото: Jenny P., 2005

Што содржеше соопштението за медиумите на владејачката партија за трибината на опозицијата: ВМРО ДПМНЕ го покажа својот демократски капацитет подобро од трибината на СДСМ.

 

Пишува: Ерол Ризаов

 

Сосема пристојна јавна трибина во организација на СДСМ уште еднаш го покажа демократскиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ и професионалните дострели на партиски контролираните медиуми. Една, би рекол мирна неколкучасовна академска расправа, која не може дури да се нарече полемика, а уште помалку судир на различни мислења, како што приличи на јавните дебати, поради неможноста кај нас да се организира соочување на концептите на власта и опозицијата ја отслика жална Македонија подобро од самата трибина. Центарот за комунакации на ВМРО ДПМНЕ експресно се огласи со анатема и црнила против еден скромен обид малку да се разбранува барата во која потона македонската демократија. Кога последен пат сте чуле дијалог на луѓе кои не мислат исто.

Без ниту еден збор што се зборувало на трибината, без ниту една реченица или извадок од дискусиите пропагандниот штаб на ВМРО ДПМНЕ распали патриотски по непријателите на народот со пароли и празни зборови: трибината е обично трошење на Соросови пари затоа што СДСМ нема идеи за економијата, стандардот и квалитетот на живот на граѓаните, за отворање нови работни места, за подобро здравство, образование, земјоделство… ете, тоа може да се издвои од цела страница навреди врз учесниците на трибината и опозицијата. Навистина, сѐ се тоа добри теми за расправа што ги нуди власта во својот памфлет, оти последните осум-девет години како владее без контрола по сите овие успеси и победи на владата и порази на безидејната опозиција, Македонија е на последно место во Европа.

 

Кого ќе брои Груевски вработените или отпуштените

 

По стандардот на граѓаните и по квалитет на живеење вистинските бројки се следни: 38 отсто од завршените средношколци се без работа и 52 отсто од луѓето со факултетска диплома до 29 години чекаат продуктивно вработување и секој ден демнат како да избегаат од просперитетната татковина. Овие бројки кои нѐ ставаат на последно место во Европа по невработеност се од професионални и релевантни истражувања на ОБСЕ. Своите бројки што ги соопштува владата за намалување на невработеноста на 28 отсто се статитстичка сарма на месо и ориз завиткана во скиселена зелка поради избеганите млади луѓе во странство и со бришење од евиденција на тие што остареа, чекајќи работа. Сега Груевски за четири години ќе вработи 64.000 невработени, само не кажува дали сите што ќе најдат работа ќе се смета дека тој ги вработил и дали ќе прави список на тие што во истото ова време поради многу поволниот амбиент за бизнис ќе останат без работа. Некако последните големи отпуштања на вработени ги нема во владините новинарски билтени резервирани само за големите успеси и достигнувања на Владата.

Не знам како анонимниот памфлетист се осмелил да го спомнува квалитетот на живеење. Претпоставувам според мерките на најкомпетентната агенција на ОН која мери објективно со научни критериуми. Во тие билтени Македонија стаса до последното место во Европа. По мизерија и сиромаштија веќе ги надминавме границите на континентот и сме на светскиот врв. Според лондонски Економист, да не заборавиме, по мизерија сме први во светот. Уште местото не ни загрозил никој, но има добри шанси, бидејќи ги избришавме невработените кои се пред пензија по стажот на чекање за работно место. Образованието е така поставено што Македонија нема човечки ресурси врз кои може да го планира идниот развој бидејќи без никакво насочување и образовна политика само 5-6 отсто од студентите се запишуваат на технички науки. Македонските универзитети се од ретките во светот што ја загубија својата автономија. А, македонските студенти стасаа до насловните страници на светските весници по трпеливост, бидејќи живеат без да се бунат во студентски домови далеку полошо од свињите во ЕУ. За својата трпеливост владата ги награди со бесплатно возење со автобуси во Скопје секој четврток. Ако бидат добри ќе ги стасаат и пензионерите во возење без пари. Во здравството стасавме дотаму ако не земеш кредит да се лечиш во приватна клиника и да купиш квалитетни лекови на светскиот пазар отиде јабана. Како растат субвенциите во земјоделството, вистинските земјоделци се сѐ посиромашни и ги снемува од многу големата грижа на власта.

 

Кога власта ја обвинува опозицијата за диктатура

 

Не дека и пред оваа влада и власт течеше мед и млеко. И тогаш не бевме високо на ранг листите за успешност во економијата, по стандардот и другите параметри за мерење на сработеното на владите и нивните политики, ама не бевме последни во Европа. Паднавме на дното оти оваа влада ни изгради Потемкиново село и вавилонски градини среде Скопје што сите нѐ чинат повеќе отколку Св. Петар кајгана. Потрошени се стотици милиони евра на најсиромашниот народ во Европа за изградба на неколку века задоцнет кич барок само во слава на власта. Тоа беше и сѐ уште е најлошиот и најскапиот избор на македонските приоритети и стратегиски цели кои веќе се плаќаат со сѐ понеизвесна иднина на младите генерации и сѐ помизерна сегашност. Требаше да поминат речиси девет години на владата да ѐтекне дека освен барок и рококо, гаражи, музеи, трумфални капии, вртелешки, панорамски тркала, жални врби, гемии и бронзени споменици, на ова земја и на граѓаните им треба и нешто друго. Е, тоа друго сега владата, како и првото, го прави на вересија, задолжувајќи ја државата до гуша. По осум години им текна да градат вистинска инфраструктура во државата. Велат половина влада е тргната во потрага по кредити низ светот за да се вратат веќе стасаните долгови од безумието со „Скопје 2014“.

ВМРО ДПМНЕ во својот памфлет по повод трибината на СДСМ остро ја критикува опозицијата зошто досега не го решила проблемот со името, иако долго била на власт. Боже, Боже каква генијална мисла. Па и почетник во политиката ќе го постави најлогичното прашање ако СДСМ не го решил спорот со името во своето осумгодишно владеење, зошто тоа не го направи ВМРО ДПМНЕ за15 години колку што ја имаше и сѐ уште ја има власта во Македонија од изминатите 23 години независност. Ако Груевски не ги признава годините на владите на Љупчо Георгиевски и на Никола Кљусев, кој го смета за свој духовен татко, тогаш зошто тоа не го направи во изминатите осум и кусур години како е премиер и на чело на македонската влада. Одговорот е многу едноставен, затоа што многу полесно се наоѓаат оправдувања отколку решенија. Излитената парола дека за неуспесите сите се виновни освен власта, за жал, сѐуште проаѓа во еден дел од јавноста, а другиот кој е посомничав се ќарува со привилегии и со страв. Затоа, ограничувањето на власта и нејзина контрола останува најважната задача на опозицијата и на граѓаните кои ја сакаат слободата.

Натаму, во памфлетот нема ништо вредно за спомнување освен гротеската од последната реченица кога власта ја обвинува опозицијата дека е синоним за диктатура од сталинистички тип, а лицата што учествувале на таа трибина се извор на лажниот морал….. Ете, ова не бевме го чуле и виделе и тоа сега го видовме и чувме. Власта да ја обвинува опозицијата за диктатура. Оди сега ти врати ја слободата во Македонија.

По истиот терк на комуникацискиот центар на ВМРО ДПМНЕ и нивните медиуми не објавија обична неутрална информација што се зборувало на трибината. Мора многу да се горди тие уредници и новинари на својата партиска припадност и професионалност кога им се може да не објават информација за настан за кој објавуваат памфлет на партијата за која работат како ангарија новинарска работа. Немам зборови, освен бравос.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести