verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Вистината загубена помеѓу „сребрената вода“ и „позлатеното новинарство“

on 29 - 04 - 2015       

Organska-Hrana-Tockacom-crop-resize

 

[Рецензија: Анастасија Ашкилова: Пиејќи сребрена вода, 3 годишно девојче од тешко болно до сосема здраво за само неколку дена]

 

Органската храна и производите кои прават чуда за здравјето на луѓето, секако се едни од најчитаните текстови на интернет-порталите. И тука нема ништо спорно и чудно зашто секој од нас сакa да дознае нешто повеќе за едно од тие „чудо-производи“ кои можат да ни помогнат во секојдневниот живот или да нè излекуваат од некоја тешка болест. Сепак, новинарите што се занимаваат со овој вид текстови, не само што не се ослободени, туку се должни најмалку тројно да ги проверат тврдењата што ги пласираат, зашто последиците од неточни „факти“ може да бидат опасни по здравјето и по животот на луѓето.

Organska Hrana - Tocka.comЛинк до оригиналниот напис: Анастасија Ашкилова: Пиејќи сребрена вода, 3 годишно девојче од тешко болно до сосема здраво за само неколку дена

Датум и време на објавување: 20.04.2015, 11:49 h

Датум на рецензирање: 28.04.2015

Рецензент: Теофил Блажевски

Текстот што го рецензираме е објавен на еден од почитаните портали во земјава. На прв поглед, станува збор за интервју во кое се промовира органската храна и особено се акцентира еден производ „сребрена вода“, за кој соговорничката во интервјуто преку пример укажува дека е многу делотворен, а преку друг пример дека, генерално, органската храна помага при лекувањето на болести на срце.

Но, повнимателно погледнато, целиот текст личи на еден вид „пи-ар“ интервју, во кое соговорничката преку тие два примери, ја презентира својата компанија и производите што ги пласира на пазарот.

Интервјуто и фактите што се нудат во него имаат проблем со вистинитоста, со содржајноста, со изворите на информациите, а со тоа, се разбира, имаат проблем да се усогласат со дел од Принципите на Меѓународната федерација на новинарите и со Кодексот на новинарите.

Но, да одиме по ред. Насловот на текстот е „пренапумпан“, сензационалистички, без оглед што новинарот ѝ ги става зборовите на соговорничката: „Анастасија Ашкилова: Пиејќи сребрена вода, 3 годишно девојче од тешко болно до сосема здраво за само неколку дена“.

Ако внимателно се прочита пасусот од каде што е изваден насловот, ќе се види дека соговорничката не нуди факти за поткрепа на тврдењето:

„Девојче на мои блиски пријатели лежи на клиника од неизлечлива бактерија во крвта. Тие ми се јавуваат за матичен млеч и ми кажуваат што е проблемот, а јас им препорачав сребрена вода. Девојчето беше во тешка состојба, не можеше да го станат 2 недели, мало.. само 3 години. Јас им објаснив како се пие сребрената вода, да речеме дека беше среда, кога се слушнавме повторно беше сабота и тие ми кажуваат дека го пуштиле девојчето дома! Јас бев зачудена… како ја пуштиле дома? Што се случува? Тие ми викаат “ти како што ни објасни, ѝ дававме по една чаша сребрена вода наутро и една навечер” .. Јас им кажав само едно капаче! Но вие сте направиле супер штом сте успеале да го излекувате девојчето со поголемата доза.“

Ниту новинарот ја потпрашува, ниту таа објаснува други детали – за каква бактерија во крвта станувало збор, со каква терапија била лечена од лекарите на клиниката, зошто нема негативни ефекти од преголемата доза на сребрената вода, итн, сѐ до крајното прашање – дали имаме научно верифициран доказ дека водата е таа што помогнала.

Вистинитоста е доведена во прашање и преку истакнувањето на вториот пример, дека органската храна помага во лекувањето на болестите на срце. Соговорничката го посочува примерот со нејзиниот татко:

„Татко ми имаше операција на срце по која му кажуваат дека тој ќе мора цел живот да биде на апчиња поради срцето и ќе мора да ги пие до крајот на животот. Татко ми таков каков што е, по три месеци рече “Јас ова не го можам и нема шанси да го правам. Сакам да видам што можам да направам со себе”… Тој започнува да конзумира исклучиво органска храна. Знае да се напие и вино и ракија, но се разбира – органско. Прекинува да пие било каква терапија, престанува да оди дури и на контрола и еве сега после неколку години да ни земат крв мислам дека неговата ќе биде поздрава.“

Повторно малку факти и повторно без интервенција од новинарот што го правел интервјуто. Тука, дури и немаме потврда до крај од самата соговорничка, бидејќи таа вели – сега да ни земат крв, мислам дека..., што укажува дека и во овој пример немаме верифициран факт за поврзаноста на органската храна и за нејзиното позитивно дејство кај болеста на срцето на таткото на соговорничката.

Не може да се тврди дека соговорничката не ја зборува вистината, напротив. Но, секако, должност било на новинарката да ги провери фактите и барем малку да потпраша за други детали во интервјуто. Впрочем, со тоа се проблематизира и содржајноста на интервјуто и нудењето повеќе факти за темата за која се пишува.

Вториот важен елемент на кој ќе посочиме во рецензијата, е дека порталот никаде не навел дали станува збор за новинарско интервју како дел од уредувачката политика или за маркетинг-текст, кој, можеби, е платен. Има повеќе елементи што ни укажуваат дека е можна втората опција, односно дека станува збор за „пи-ар“ текст.

Прво, соговрничката има своја компанија за трговија со органска храна и тоа самата го наведува. Потоа, станува збор за интервју кога има настан – базар, каде што ќе се нудат и производите што ги продава компанијата на соговорничката. И трето, на крајот од интервјуто, таа индиректно си го потпомага својот бизнис (што е апсолутно нормално од нејзина страна), со тоа што на читателите на порталот им советува:

„Без исклучок да си го следат својот сон и да конзумираат органска храна. За неа може да се каже дека е елексир на долговечноста. Спроведените истражувања покажуваат дека оние луѓе кои не внесуваат хемии во себе и ги сведуваат на минимум, конзумирајќи исклучиво органска храна живеат и се подвижни и по своите 100 години… Што за нашиве простори тоа е реткост.“

Да потсетиме – вистината и потрагата по неа, е прв принцип и на МФН и на Кодексот на новинари на Македонија. Скриеното рекламирање е, исто така, регулирано и со повеќето меѓународни етички правила и со домашниот кодекс и тоа е забрането.

* * *

За да бидат појасни констатациите во оваа рецензија, должен сум да го наведам следново: Лично сум голем поборник на органската храна, но, во исто време, сум уште поголем поборник на професионално и етичко новинарство. За органската храна навистина постојат истражувања, кои покажуваат дека е поделотворна и поблагопријатна за човековиот организам, но, исто така, постојат и заблуди дека сѐ што има сертификат дека е органско, е 100 проценти органско.

Второ, органската храна во светот е добар бизнис, со помали потенцијали од неорганската или од ГМ-производите, но доволно голем. Иако сребрената вода можеби не е класичен производ што би потпаѓал под органска храна, доволно е само да отворите една страница на интернет и ќе видите колку голем број производители и дистрибутери се занимаваат или со продажба на готова вода или со разни направи за производство во домашни услови. Секаде каде што постои бизнис-интерес, а особено кога некој производ се нуди како лек, новинарот е должен да направи тројна проверка на фактите. Зашто може да се случат контраефекти кои би довеле до загрозување на здравјето и на животите на луѓето. На пример, доволно е да дојде само до превитаминизирање од прекумерна консумација на некој производ и да настанат проблеми, дури и ако станува збор за прекумерна доза витамин Ц, кој обично се смета за неопасен. Етичкото новинарство не дозволува помагање на таквите процеси, ниту, пак, изнесување тврдења без поткрепени факти.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

Изворот е само еден - соговорничката во интервјуто

официјални

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

повеќе портрет фотографии од исто лице во иста позиција на исто место

донекаде - со повторување на слични фотографии се прави пи-ар на фотографираното лице

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести