verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ Дневник: Извештајот од Брисел и фрустрациите на еврокомесарите

on 10 - 10 - 2014       
Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе во вестите на Канал 5. Фото, скриншот, СПФМ, 2014

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во вестите на Канал 5. Фото; скриншот, СПФМ, 2014

 

Наместо објективен и сеопфатен  новинарски извештај за сите забелешки на еврокомесарите во кои доминира зборот „назадува“, иако препораката останува, добивме медиумска содржина во која за најсериозните обвинувања за политичкиот дијалог, за назадувањето во сферата на медиумските слободи и реформите во судството, меѓуетничките односи, како и дека Македонија има сериозни законодавни и процедурални проблеми во изборите, имаше само една полуреченица.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Осми октомври беше денот во кој се очекуваше официјалната прес конференција во Брисел на кој требаше да се соопштат поентите од последниот извештај за напредокот на нашата земја во евроинтеграциските процеси. Подготовките за настанот стартуваа дваесетина дена порано кога медиумите кои имаат причина да ги поддржуваат политиките на актуелната власт, започнаа да го билдаат релативизирањето на овој извештај. Веќе е познато дека се тоа вообичаени активности на спин махерите и креаторите на јавното мислење блиски до владата и тука нема ништо нелегитимно, иако има многу прашалници кога е во прашање етиката. Но, кому му е гајле за етиката. Она што остана да се очекува беше кои ќе бидат постапките на власта на дена два пред соопштувањето на извештајот и на самиот ден, и како ќе се однесуваат медиумите во врска со тоа.

Оваа лекција е, всушност, студија на случај на тема централниот дневник на една македонска национална телевизија и нејзината уредувачка концепција на 8 октомври, кога беа соопштени мислењата за напредокот на нашата земја на патот кон Брисел. Телевизијата е селектирана по случаен избор.

На стартот веднаш да кажеме дека новинарските редакции се автономни во креирањето и изборот на принципите за својата уредувачка политика, но некои елементи во журналистиката се стандарди одредени од вредноста на вестите, како и од приоритетите на заедницата.

Се разбира, кога е во прашање динамиката на приливот на вести, тогаш ја имаме варијабилата „неочекувано“, која секогаш си го бара своето место во елекцијата на вестите што редакциите ги „пакуваат“ за еден вечерен ТВ дневник.

Не дневникот на Канал 5 на 8 октомври му се случија повеќе од претходно наведените фактори што го одредија профилот на спакуваните вести.

 

ИСКУСТВО ЗА ДОБРА ПРАКТИКА

Мора да се каже дека при уредувањето на вестите во нивната објективизација и логична подреденост, е внесен и личен белег. Во уредувањето на дневникот, кој ни послужи како студија на случај за оваа лекција, многу вешто е направена разликата меѓу природно произлезените вести и оние кои произлегоа од контролирани настани. Тој ден „природни“ топ вести беа сообраќајната несреќа во близина на селото Велешта, струшко, кога минибус полн со патници имал директен судир со камион и сосема несекојдневната хируршка интервенција на Гинеколошката клиника на Универзитетските клиники во Скопје, кога на една пациентка и бил отстранета циста со 50 литри течност.

Овие два настани, кои генерираат информации вредни да бидат вест, со право се најдоа во првите минути на дневникот. Од една страна,  тоа било од помош да се оправда уредничката постапка комплексната информација за оценките за Република Македонија во извештајот на Европската комисија да ја стави како трета тема во дневникот, а, од друга страна, да се избегне стапицата што ја носеше „големата вест на денот“ – апсењето на 25 судии и судски службеници на прекршочниот суд на скопска единица, која беше временски темпирана да ги покрие сите негативни реакции на извештајот. Тоа им беше јасно и на најнаивните од медиумската публика.

Таа информација, за судиите, е ставена дури како петта вест, откако на извештајот од Брисел е залепена информацијата дека Демократската партија на Албанците, чиј претседател е Мендух Тачи, се враќа во парламентарните клупи, што беше сосема логична постапка заради настојувањето на Брисел политичкиот дијалог во Македонија да се врати во институциите.

 

ИЗВЕШТАЈОТ ОД БРИСЕЛ И ФРУСТРАЦИИТЕ НА ЕВРОКОМЕСАРИТЕ

Ќе се задржиме малку на сегментот во дневникот кој се однесуваше на извештајот за Македонија од Брисел. Во конципирањето на овој сегмент, искуството и знаењето на уредниците на дневникот се повлекло пред интересите на уредувачката политика на медиумот. А, во овој случај, интересите на медиумот се видоа ептен под превезот на површноста и тенденциозноста со кои беше спакуван овој сегмент – новинарскиот пакет за извештајот.

Наместо објективен и сеопфатен  новинарски извештај за сите забелешки на еврокомесарите во кои доминира зборот „назадува“, иако препораката останува, добивме медиумска содржина во која за најсериозните обвинувања за политичкиот дијалог, за назадувањето во сферата на медиумските слободи и реформите во судството, меѓуетничките односи, како и дека Македонија има сериозни законодавни и процедурални проблеми во изборите, имаше само една полуреченица.

 

Она што го добивме во сегментот на дневникот за годишниот извештај на Брисел беа избор од две небитни парчиња од излагањата на Штефан Филе и на Аиво Орав и еден екстензивен прилог за економските успеси на владата. Проблем е што дури и тој прилог беше селективен во пристапот и ги изостави и сериозните забелешки на еврокомесарите кои се однесуваат на волунтаризмот на владата во донесувањето на буџетот, како и критиките за фискалната политика.

Тоа не е објективен и избалансиран новинарски пристап, Напротив. Дури и вклучувањето на репортерот од пред зградата на владата во Скопје, во вака спакуван медиумски пакет, изгледаше без никаква смисла. Без соговорник, тој даваше свои оценки за, наводната, незаинтересираност на македонската јавност за оценките од Брисел, а најинтересна поента на репортерот беше дека од настапот на Филе се чувствувало дека во Брисел се фрустрирани што Македонија е толку добра, а не можат да ѝ дадат датум за преговори. Среќа што овој пат, којзнае зошто, немаше од „сосема очекуваните“ експерти да ја прифатат оваа теза и да ја образложуваат надолго и нашироко.

 

КОНЧИТА НАМЕСТО КОБАНИ

Потоа дневникот влезе во една рутинирана и здодевна фаза со една предолга и со ништо непредизвикана, но „вечна“ тема – користењето на антибиотиците без контрола на лекар.

За завршница на дневникот донесена е одлука за пренесување на еден занимлив настан, повторно од Брисел – за настапот на Кончита Вурст, победничката на годинешното издание на Евросонг на некој форум за права на ЛГБТ заедницата. Овој настан и Кончита, колку и да се работи за медиумска атрактивна личност, не може никако да се спореди со големите и крвави протести во неколку турски градови покрај границата со Сирија заради рамнодушноста на Турција кон злосторствата што ги прават припадниците на така наречената Исламска држава, претежно кон тамошното курдско население во градот Кобани. Тој ден, во судирот со турската полиција, загинаа 17 демонстранти. Тоа беше вест за крај на дневникот кога веќе мораше да се избере само една вест за настаните од светот.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести