verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Тодоров: Жената не може сама да си побара царски рез, лекарот ќе процени

on 23 - 12 - 2014       

12192014-kajgana-Todorov-ca-crop-resize

 

Еден од парадоксите на новинарството се состои токму во еден од неговите принципи – објективноста, и во правилото неутралност на медиумот како канал за пренесување информации, такви какви што се. Ова ги прави медиумите и новинарите составен дел од каналот за комуникација што ја испорачува информацијата до корисникот.

Парадоксот се состои во дилемата која не еднаш се поставила и во теоријата и во практиката на новинарството: Што доколку информацијата е, вусшност, дезинформација, лага или манипулација? Кога таквата информација ја генерираат анонимни луѓе или небитни институции, тогаш таа од почеток нема релевантност, нема авторитет, па дури може и да не биде објавена. Иако, практиката вели, информацијата треба да се провери, да се вкрсти со сознанија на некои други извори, и дури потоа да се објави.

Се разбира, секако треба да се има предвид и факторот време, односно дали има доволно време таа информација да се провери и сепак да биде објавена навреме. Важноста на факторот време неколкукратно се мултиплицира ако се имаат предвид интернет-медиумите кои информациите ги објавуваат многу бргу откако ќе бидат искажани.

12192014-kajgana-Todorov-caЛинк до оригиналниот напис: Тодоров: Жената не може сама да си побара царски рез, лекарот ќе процени

Датум и време на објавување: 18.12.2014, 14:19

Датум на рецензирање: 21.12.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Но, што доколку некоја информација е прилично проблематична, а ја продуцира сериозен, авторитетен извор каков што е еден министер за здравство?

Тој вели:

„Никаде во светот нема, жената сама да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи…“

Една категорична изјава која, така како што е соопштена, не остава простор за ништо друго освен – „никаде во светот“. И точка.

Новинарите кои треба да ја исканализираат оваа вест се ставени во ситуација или да ја обајават информацијата таква каква што е или да ја пуштат – низ канализација. Но, бидејќи таа доаѓа од министер за здравство, сепак, се одлучуваат за првата варијанта.

И што се случува? Бидејќи немаат време да ја проверат и вкрстат со други извори, новинарите, без нивна вина, стануваат „соучесници“ во една лага, односно манипулација. Бидејќи формулацијата „никаде во светот“ не е точна.

Брзата проверка на оваа тема на „Гугл“ со терминот „cesarean on demand“ дава стотици линкови на оваа тема. Таа е многу актуелна во светот, има многу „за“ и „против“. Но, многу е далеку од тоа дека „никаде во светот нема жената сама да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи.“ Напротив, во многу повеќе земји оваа опција е сосема прифатена и регулирана во здравствените системи.

Значи, на рецензентот на овој текст му требаа десет минути за да го провери категоричното тврдење на министерот. Доволно ќе беше овој извештај од настапот на министерот да се дополни со еден пасус на крајот, кој само ќе нотираше дека, и покрај тврдењето на министерот, во светот постојат и други опции кога е во прашање изборот на начинот на кој една жена сака да се породи.

„Изборот“ е вториот клучен збор на оваа тема доколку еден новинар известува на темата здравје. Добрите познавачи на човековите права веднаш ќе ви речат дека во концептот за своите права, едно од нив е луѓето да решаваат за самите себеси. Кога станува збор за здравјето, по соодветните информации добиени од лекарите, секој има право сам да донесе конечна одлука. Може да биде побарано пациентот да потпише изјава дека го барал соодветниот зафат наспроти мислењето на докторот. Но, телото и здравјето на човекот се негови, па така и правата што произлегуваат од нив.

Оној што добро ги познава човековите права веднаш ќе препознае дека одлуката за одредена здравствена интервенција има врска со медицината, но исто толку, можеби и повеќе, е поврзана со правата на луѓето.

Во светот, медицинските експерти, односно лекарите советуваат, информираат, дискутираат и ги посочуваат сите опции. Никако не забрануваат. И не ги доведуваат во заблуда своите пациенти. Тоа најмалку се очекува од еден министер.

Она, пак, што сосема се очекува од новинарите е да ги знаат човековите права. Кога ги знаат, лесно ќе препознаваат кога се кршат. Тогаш треба да се вклучи црвената светилка што ќе предупреди дека нешто не е во ред.

Тогаш треба да поминат уште десет минути пред да се објави информацијата. Толку колку што треба за да се провери за да биде сеопфатна.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

неточни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести