verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Ромите од Центар против тврдењата на експертите за зградата во албански стил

on 8 - 02 - 2014       

02072014-Kuris-Romi-i-Papag-crop-resize

Со оглед на тоа што методологијата на Сервисот за проверка на факти од медиумите не е рентген апарат, не сме во можност да ги „читаме“ сите слоеви на еден медиумски настап на група граѓани кои, парадоксално, има за цел да се самоповредува со стереотипите за заедницата на која ѝ припаѓа.

Но, затоа, пак, пред да преминеме на елаборација на нашата констатација од претходниот став на оваа рецензија на новинарскиот извештај за тој настан, ќе се повикаме на членот 10 од Кодексот на новинарите, кој вели:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).„

Овој член квалитетно и предупредувачки го надополнува и наредниот, 11-ти член од Кодексот, кој прецизно налага дека:

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

За, жал, од непознати причини на некои новинари им се далечни овие препораки, но затоа, пак, тука се граѓанските медиумски „стражи“ да регистрираат и да укажат.

02072014-Kuris-Romi-i-PapagЛинк до оригиналниот напис: Ромите од Центар против тврдењата на експертите за зградата во албански стил

Датум и време на објавување: 06.02 2014, 15:13

Датум на рецензирање: 07.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Она за што не е потребен рентген апарат е препознавањето дека низ овој медиумски осведочен настап, регистриран со новинарскиот извештај што го рецензираме, гледаме видливо втурнување на една група граѓани во битка која воопшто не е нивна и кои, најверојатно, не знаат за што се употребени. Ние можеме да го прифатиме нивното незнаење или наивност, но никако не можеме а да не ја анализираме намерата на организаторите на овој настап, кои, освен оваа група граѓани, се обидуваат да ги манипулираат и граѓаните пошироко преку настан кој го пренесуваат медиумите.

Оттаму, бидејќи тука нема што да зборуваме за квалитетот на изворите на информации и за содржајноста на оваа медиумска конструкција, се префрламе на анализа на пристрасноста.

Пристрасност: Постапката на первертирана иронија за да убедите група граѓани или поедници да афирмираат стереотипи кои ја навредуваат нивната сопствена припадност кон одредена културна заедница и нивниот сопствен идентитет, е нешто што досега не е видено во нашата политичка и медиумска комуникација и во таа смисла ова е преседан кој треба да се регистрира.

Некој ќе рече „како можете да бидете сигурни дека е тоа така, кога имате група полнолетни граѓани кои никој, барем не видливо, не ги присилува на медиумска и јавна изложеност да искажат став”. На ова легитимно прашање навистина немаме одговор, но, нели е контрадикторно и перверзно некоја група да афирмира стереотипи за заедницата на која ѝ припаѓа, дури и кога не е „видливо присилена”?

Можеме да очекуваме и следна аргументирана реплика која ќе постави прашање: „Па, добро што се тука виновни новинарите? Што да прават кога некој доброволно и видливо неприсилен, сака да изложи во јавноста дури и еден ваков контрадикторен став?”

Прирачник за етика во новинарството“ (Т. Чаусидис и З. Бојаровски, ЗНМ, 2012), во делот за говорот на омраза во медиумите ја предвидел и оваа ситуација и врз основа на искуствата и добрите практики во новинарството препорачува:

„Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.”

Еден таков став ги прави новинарите проактивни и свесни субјекти во јавната комуникација, а не само неутрални трансмитери на недостојни пораки. Со оваа констатација влегуваме во делот за говор на омраза во оваа ендемична новинарска конструкција.

Говор на омраза: Во публикацијата „Медиумите, говорот на омраза и маргинализираните заедници: Водич за медиуми“ (Ж. Трајаноски, Т. Чаусидис, Р. Беличанец, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, 2013)  се истакнува дека:

„Почитувањето на професионалните стандарди се зема како критериум врз чија основа се одредува припадноста кон новинарската професија.“

Тоа значи дека статусот на достоен припадник на оваа новинарската професија се обезбедува со почитувањето на елементарните правила и принципи на професијата. Спречувањето на дискриминацијата е еден од тие услови. Оттаму, се вели во истата публикација:

„Сè што дејствува спротивно на новинарските стандарди не се смета за новинарство, и покрај тоа што претставува содржина на одреден медиум.“

Заради претходно изнесеното, не може да се избегне или игнорира одговорноста и на медиумите и на новинарите за јавно искажаните форми на говор на омраза. Во конкретниот случај што го анализираме, дебатата за етничко-политичката димензија на една фасада од „албански тип“ во Скопје забега во имплицитен говор на омраза. (Зло)употребата на наивноста на една група млади луѓе да се самоисмеваат е најновиот мутант на една таква искривена и исполитизарана дебата.

Заклучок: Еден современ аналитичар на нашите контроверзни транзициски и политички процеси, чиј идентитет ќе го заштитам зашто такви се времињата, вели дека кај нас има луѓе кои со своите постапки делат и луѓе и постапки што множат.

Првите, кои во последно време кај нас како да стануваат мнозинство, внесуваат поделби и од разликите прават исклучивост, а вторите, кои како да се сѐ помалку, се обидуваат да ги прособерат здравите сили и разумни постапки и да ги спротивстават на првите.

Се осмелувам да ја преземам оваа методологија и да ја аплицирам на медиумската средина кај нас. Има медиуми што делат и има такви (помалку) што множат.

Заради тоа, уште една порака за одговорноста на новинарите и на медиумите од прирачникот за етика во медиумите од главата „Известување за различности“:

„Не учествувај во создавање негативен имиџ на одредена група или заедница! Да се биде различен, поинаков од мнозинството, да се биде малцинство многу често претставува голем товар за луѓето. Новинарот не смее да учествува во зголемувањето на тој товар. Никогаш не прави некоја заедница или група да се доживува како синоним за тероризам, граѓанска недисциплина, примитивизам, болести…“

Етичкиот и професионалниот Кодекс на новинарите им налага посебна одговорност за јавно искажаниот збор. Изнесувањето ставови е важен фактор во обликувањето на јавното мислење, но говорот на омраза е неспоив со новинарската етика и затоа не смее да се афирмира. На било кој начин.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

национална дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести