verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Методологија

Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, која во времетраење од 30 месеци ја спроведува Метаморфозис, фондација за интернет и општество од Скопје, има за цел да им овозможи на граѓаните на Македонија да бараат поголема отчетност од медиумите, како и да им помогне на новинарите во спроведувањето на нивните професионални стандарди, преку обезбедување онлајн-алатки и ресурси за јавна едукација и подигање на јавната свест. Намената на Сервисот за проверка на факти од медиумите е зголемување на побарувачката за објективни вести и информации засновани на факти и професионалните стандарди на новинарството меѓу граѓаните.

Рецензии на дневни написи

Дневните написи се анализираат според неколку главни критериуми во рамките на кои се поставуваат истражувачки прашања, со чии одговори се идентификуваат различни параметри кои всушност ја дефинираат „оценката“ на рецензентот за анализираниот напис. Избраните параметри понатаму текстуално се елаборираат, со што се добива една конечна форма на рецензијата составена од лесно воочливи (графички претставени) квалитативни оценки и текстуален дел кој го образложува изборот на рецензентот на конкретните параметри. Изборот на параметрите не значи нужно давање негативна или позитивна оценка. Работата на рецензентот е преку јасен текст да ги стави таквите оценки во контекст на анализираниот медиумски напис и на тој начин да ја дефинира сликата за неговиот квалитет.

Дневните написи ги опфаќаат информативните новинарски жанрови. Со оглед на тоа дека различни класификации нудат различни дефиниции за видовите новинарски содржини, а и фактот дека границата помеѓу некои подвидови е многу тенка, методологијата не наложува прецизно идентификување на жанрот на написот кој е предмет на анализа. Љубомир Рајнван истакнува два аспекти во врска со жанровите: нивната примена во практиката и нивниот третман во теоријата. Имено, првиот аспект се темели на искуството на добрите новинари кои творечки се придржуваат и ја применуваат чистотата на жанровското изразување, додека теорискиот аспект покренува низа дискутабилни прашања и упатува на нужна претпазливост од евентуални шаблонизирања насочени против креативното новинарство. Според него, „Класификацијата не смее да се третира како апсолутна категорија за механичка примена, туку напротив, како еластична рамка која треба творечки да се користи“. Ваквиот пристап е начелно прифатлив бидејќи претставува компромис помеѓу теориското и практичното.

Сепак, како појдовен критериум за рецензија е избраниот напис да содржи група специфики кои служат како препознавачки знаци на новинарскиот производ како информативен, почнувајќи од содржината и формата. Според ова, сите форми информативно новинарско изразување, кои се одликуваат со вредносен минимум на информацијата под што подразбираме дека таа одговара на личниот интерес и потребите на читателите, се однесува на важни личности, групи луѓе или настани, актуелна е и има одредено влијание врз чувствата на читателите, е погодна за ваков вид анализа. Рецензиите не се ограничуваат само на негативни примери од новинарската практика, напротив, методологијата се стреми да остави простор за рецензирање на позитивни примери од новинарската работа, согласно понудата на македонскиот медиумски простор на интернет. Дополнително, на изборот за рецензирање влијае влијателноста на онлајн-медиумот.

Изборот на написи не подразбира скенирање на сите дневни написи на интернет и селекција на највлијателните, најнегативните или најпозитивните примери. Се избираат типски случаи, согласно претходно наведените критериуми за избор, првенствено на предлог на самите рецензенти, по предлог на читателите, како и по предлог на уредникот или друг член на тимот.

Во текот на денот, членовите на тимот на рецензенти во договор со уредничкиот тим прават листа на написи погодни за анализа, кои понатаму се распределуваат за обработка. Во овој процес се користат мејлинг-листи, Фејсбук-групи и други понеформални начини на онлајн и офлајн  комуникација. Предлозите упатени од читатели се јавно видливи и означени, па во процес на рецензирање ќе влезат само оние кои одговараат на критериумите наведени во оваа методологија.

1. Вистинитост

  • Присуство на факти
  • Точност на наводи
  • Веродостојност на наводи

Образложение: Еден новинарски напис кој спаѓа во групата информативни жанрови треба да се темели на факти за да ја оправда својата основна намена – да го информира читателот. Потоа тие факти мора да бидат точни и веродостојни. Додека присуството на факти и нивната веродостојност за еден новинар во улога на рецензент е лесно утврдлива, точноста може да се потврди или отфрли, преку истражувачка работа (достапност на други ресурси), како и со директно сведоштво на настанот.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали текстот (има) се темели на факти? има/нема
2) Дали наводите се точни? точни/неточни
3) Дали може да се потврди веродостојноста на наводите? веродостојни/неверодостојни

 

2Извори на информации

  • Присуство на извори на информации
  • Вид на извори на информации
  • Релевантност на извори на информации
  • Број на извори на информации
  • Плурализам (повеќестраност) на извори на информации
  • Актуелност на извори на информации

Образложение: Изворите на информации треба да бидат проверени, потврдени и назначени. Притоа, тие се официјални кога се цитира изворот со име и презиме или се лоцира на конкретна институција или компанија; неофицијални кога не се цитира изворот со име и презиме, но се лоцира институцијата и анонимни, кога по барање на изворот, тој ниту се лоцира ниту се цитира. Понекогаш во новинарската практика се користат одредници од типот: „од наши блиски извори“, „според официјално непотврдени информации“ и сл., кои оставаат простор за маневри и создаваат чувство на сомневање кај читателот.

Во основата на новинарската работа е информациите да се однесуваат на актуелен настан или појава или пак на вечно актуелни теми. Притоа, и покрај слободата на новинарот да актуелизира теми кои смета дека се важни за граѓаните во даден момент, тој е задолжен да ја проверува временската и просторната рамка на информациите кои планира да ги искористи како основа за соопштување. Праксата во последно време покажува тенденција на искористување минати информации и случувања, како и информации кои се однесуваат на одредена географска област и нивно ставање во актуелен, локален или национален контекст. Ова не само што ги дезинформира читателите, туку може да биде и моќно оружје за манипулација и негативно влијание врз јавната свест и јавното мислење.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали текстот евидентира присуство на користени извори? има/нема
2) Какви извори на информации користи текстот? официјални/неофицијални/анонимни
3) Дали користените извори се релевантни? релевантни/нерелевантни
4) Колку извори се користат во текстот? 1/ 2/повеќе
5) Дали користените извори застапуваат иста или различна страна? еднострани/повеќестрани
6) Дали користените извори се актуелни и соодветни на контекстот во кој се употребени? актуелни/неактуелни/контекстуални/вон контекст

 

3. Содржајност

  • Сеопфатност
  • Прикривање информации

Образложение: Основата на секој новинарски жанр, вклучително и на веста и извештајот, е тој да има одредена порака, цел и влијание врз јавното мислење. На овој начин новинарскиот производ се одликува со еден од основните квалитети во новинарското изразување  – содржајност.

Новинарот треба да се потруди веста да биде сеопфатна, односно да содржи што повеќе информации и да застапи што повеќе искуствени, официјални и експертски извори, во зависност од нивната објективна достапност. Новинарот не се смета за одговорен поради недостапноста на одредени извори и информации, ниту намерното одбивање на изворите да комуницираат со новинарите може да се смета за нивна вина. Сепак, во случај на сензитивни вести и особено такви што содржат информации од обвинувачки карактер, новинарот е должен да ги атрибуира таквите наводи, што се смета за минимално ниво на сеопфатност на веста.

Од друга страна пак, кога постои намерно или ненамерно изоставање на делови од информацијата се работи за прикривање информации, што може да се искористи за погрешно прикажување на вистината, пропаганда, нашетување на личност, компанија или друг субјект.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали веста го задоволува минималното ниво на сеопфатност? сеопфатна/несеопфатна
2) Дали веста прикрива информации? прикрива/не прикрива

 

4. Пристрасност

  • Прикажување на вистината
  • Извртување на вистината
  • Лага
  • Баланс во прикажување на страните
  • Видови пристрасност

Образложение: Пристрасноста во медиумите се однесува на изборот на настаните кои се покриваат, како и на начинот на кој се покриваат. Се разликуваат повеќе видови пристрасност, а најчесто се зборува за политичка пристрасност, односно неприфатлива манипулација со веста, со извртување и искривување на делови од написот, кои не се соодветни на целата вистина или се делумна вистина, со цел да се истакне во позитивно светло или да се нанесе политичка штета на некоја партија, идеологија или личност.

Прифатливи се случаите кога новинарот и медиумот застапуваат и промовираат политички ставови, но притоа видливо ги раздвојуваат фактите и мислењето, а уредувачката политика не ја спроведуваат на начин што ја загрозува објективноста и избалансираноста при известувањето. Покрај ова, се разгледуваат и случаите на комерцијална пристрасност која се однесува на наклонетоста на медиумот или новинарот кон одредена компанија или марка.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали написот ја прикажува целата вистина? целосно/делумно
2) Дали во написот има извртување вистината (спин)? има/нема
3) Дали во написот има лажни информации? има/нема
4) Дали новинарот во написот покажува наклонетост кон една страна? наклонетост/балансираност
5) Дали може да се идентификува некаков вид пристрасност во написот? политичка/комерцијална/друга

 

5. Коментирање

  • Присуство на коментаторски елементи
  • Издвоено наспроти интегрирано коментирање

Образложение: Во новинарската практика, во отсуство на доволно факти за вест или извештај, новинарите (особено младите) често посегнуваат по коментарот. Дури и кога би се определил за оваа новинарска форма, новинарот треба да се држи на одредена емотивна дистанца од случувањата и да ги темели своите ставови на аргументи. Но, во практиката ваквата состојба резултира со написи кои ги поставуваат коментаторските елементи во информативните жанрови или уште полошо, ги вградуваат како интегрален дел од фактите. Разликата во новинарските жанрови доаѓа од начинот на кој се претставуваат информациите, оттука само соопштената информација е вест.

Коментирањето треба да биде јасно одвоено од известувањето и да не ја оптоварува веста со субјективниот дискурс на новинарот или медиумот.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали написот содржи коментаторски елементи? има/нема
2) Дали коментаторските елементи се јасно издвоени од фактите? издвоени/интегрирани

 

6. Плагијат

  • Делумно или целосно копирање
  • Нагласување на изворот, односно авторот

Образложение: Под плагијат во рамките на оваа методологија се подразбира дело настанато со повреда  на авторското право на трето физичко или правно лице преку пренесување цели или делови од туѓи медиумски содржини, и тоа: без дозвола на нивните автори, односно носители на авторското право; без наведување на податоци за авторството или со изменети податоци за авторство.

Во новинарството, плагијатот претставува кршење на новинарската етика. Според член 12 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот.“

Рецензентите го проверуваат сомневањето за плагијат на едно дело врз основа на следните критериуми:

  1. Содржината изгледа како целосна или делумна копија
  2. Не е нагласен изворот или авторот или тие елементи се пренесени различно од првобитната форма
  3. Постои директна жалба од оригиналниот автор/издавач искажана јавно или директно до Сервисот во форма што може да се документира
  4. Постои непочитувања на условите зададени во некоја од слободните лиценци Криејтив комонс.

Рецензентот определува кога еден оригинален напис е објавен (датум, час и минута) врз основа на јавно достапните информации на веб-сајтот на медиумот и прави споредба на тоа време со времето на објавување на написот за кој постои сомневање дека е плагијат.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали написот претставува целосна или делумна копија? целосна копија/делумна копија/оригинално дело/целосна копија (агенциска вест)/не може да се одреди
2) Дали е соодветно наведен изворот, односно авторот на написот? наведен автор/ненаведен автор/наведен извор без линк/наведен извор со линк/ненаведен извор/наведен автор и извор со линк/наведен автор и извор без линк

 

7. Квалитет на насловот

  • Информативност
  • Креативност, досетливост
  • Сензационалност
  • Соодветност
  • Јасност

Образложение: Соодветен е наслов што е информативен (кога ја најавува содржината на написот), креативен, досетлив, па и сензационален, но за несоодветен се смета наслов што го дезинформира читателот, го доведува во заблуда и постигнува други цели, неприфатливи од аспект на базичните стандарди на новинарската етика.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали насловот е информативен? информира/не информира/дезинформира
2) Дали насловот е креативен и досетлив? креативен/некреативен
3) Дали насловот е сензационален? сензационален/несензационален
4) Дали насловот го информира читателот за содржината на текстот на кој се однесува? соодветен/несоодветен
5) Дали насловот е јасен или го наведува читателот на погрешно толкување? јасен/нејасен/тенденциозен

 

8. Фотографија

  • Присуство на фотографија
  • Соодветност на фотографијата на написот
  • Употреба на фотографијата за манипулација
  • Авторство на фотографијата

Образложение: Објавувањето фотографии надвор од нивниот оригинален контекст може да биде опасна манипулација, со која може да се загрози приватноста на луѓето или да им се нанесе штета по угледот на компаниите на другите субјекти.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали написот е придружен со фотографија? има/нема
2) Дали фотографијата е соодветна на содржината на написот? соодветна/несоодветна
3) Дали фотографијата се користи за манипулација на фактите? манипулира/информира
4) Дали е наведено авторството (изворот) на фотографијата? да/не

 

9. Говор на омраза

  • Навредлив говор и дискредитација
  • Говор на омраза
  • Поттикнување насилство
  • Дискриминација
  • Видови дискриминација

 Образложение: Новинарските написи треба да ги почитуваат човековите права и слободи, како и културните, религиозните и етничките разлики, да не зборуваат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат насилство и дискриминација по верска, национална расна, полова или кој било друг вид омраза.

Во отсуство на дефиниција во македонскиот правен систем, говорот на омраза треба да се дефинира како говор кој промовира или поттикнува насилни дејствија или кривични дела сторени од омраза и кој креира клима на омраза и предрасуди, која пак, на крајот може да поттикне извршување на такви дела.

Овој аспект се осврнува на неколку основни истражувачки прашања, но доколку рецензентот идентификува поинакви аспекти на прекршување на основните човекови права и слободи, особено во однос на говорот на омразата, листата може да се прошири. Во оваа фаза од рецензирањето, двете методологии се поврзуваат.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали во текстот има навредлив говор, насочен кон дискредитација на личности и други субјекти? има/нема
2) Дали во текстот има говор на омраза?  има/нема
3) Дали во текстот има говор на омраза? има/нема
4) Кои видови дискриминација можат да се идентификуваат во написот? национална/верска/расна/полова/социјална/јазична/сексуална ориентација/политичка/друга

 

10. Уреден за веб

  • Читливост
  • Квалитет на мултимедија
  • Присуство на релевантни контекстуални линкови
  • Уредност
  • Поврзување со тагови

Образложение: Содржините на интернет се одликуваат со низа обележја кои потекнуваат од природата на медиумот преку кои се објавуваат. Како што весниците ги истакнуваат насловите на важните написи, ставаат текст во рамки и ги илустрираат елементите на страницата; телевизијата и радиото ги нагласуваат тонски и визуелно информациите кои ги пренесуваат, така веб-медиумите треба да ги прилагодуваат содржините наменети за објавување на интернет.

Тоа значи дека тие првенствено треба да бидат добро читливи (големина и тип на фонт, контраст помеѓу текстот и позадната, делење во пасуси, делење на големи текстови со меѓунаслови), да користат фотографии и видео материјали со солиден квалитет, кои треба да се добро уредени (соодветни димензии) и подредени во однос на текстот, да користат контекстуални линкови секогаш кога е релевантно, да ги користат стилските можности за уредување (набројување, цитати, различни нивоа на наслови и сл.) и да овозможуваат приказ на поврзани содржини, базирано на користење соодветни тагови.

Истражувачки прашања Параметри (можни одговори)
1) Дали написот е погоден за читање? читлив/средно читлив/нечитлив
2) Дали употребените мултимедијални елементи се квалитетни, соодветно уредени и поставени во написот? квалитетни/солидни/неквалитетни (може на скала 1-3)
3) Дали написот користи линкови за да ги поврзе релевантните содржини? има/нема
4) Дали написот е стилски уреден? уреден/делумно уреден/неуреден (може на скала 1-3)
5) Дали написот е поврзан со други слични написи? да/не

Откако новинарот-рецензент ќе ги одреди параметрите во секој од десетте критериуми, текстуално го образложува таквиот избор за оние параметри кои имаат влијание врз квалитетот на соопштената информација и ја комплетира рецензијата со воведен и заклучен дел.

Критичка анализа на дискурсот

Вториот тим, составен од аналитичари и експерти од областа на човековите права, произведува две анализи седмично, кои обработуваат широк опсег на теми од областа на етичкото новинарство. Изборот на темите се прави врз основа на однапред дефинирани истражувачки прашања, кои покриваат седум тематски подрачја.

Текстовите се пишуваат во аналитички стил и користат алатки и методи на критичката анализа на дискурси применети на македонските медиумски дискурси. За да се утврди од каква перспектива или гледна точка се претставува или конструира социјалната реалност преку медиумите, потребно е да се анализираат техниките со кои медиумските дискурси ги врамуваат деталите во посебна целина (изборот и местото на фотографии и други графички содржини; употреба на наслови, наднаслови, поднаслови, клучни зборови за истакнување; техники на изоставање и маргинализирање; користење селективни гласови за да се испрати посакувана порака…).

Исто така, покрај техниките на врамување, критичката анализа на медиумски дискурси користи други техники за разоткривање на медиумската перспектива, односите на моќ,  дискриминацијата и постоечките стратегии за зајакнување (или доведување под прашање) на постоечките стереотипи и предрасуди, инсинуациите, конотациите, тонот, употреба на прво или трето лице, реторички, аргументативни и интерпретативни стратегии, итн.

Досега, техниките на критичката анализа на дискурси се широко применувани како во анализата на медиумските дискурси, така и во анализата на феномени од областа на човековите права (расизам, ксенофобија, сексизам, хомофобија, говор на омраза, негативно стереотипизирање и профилирање…) што ги прави особено погодни алатки за анализа на медиумските содржини, имајќи ги предвид постоечките стандарди на етичко новинарство.

Во продолжение се објаснети областите на анализа, елементите кои спаѓаат во секоја област, како и истражувачките прашања кои се поставуваат при селекција на медиумските содржини за анализа. Оваа листа на области, елементи и прашања останува отворена и понатаму може да биде надополнета согласно утврдените трендови во македонското онлајн-новинарство.

1. Медиуми, различност и недискриминација

Во рамките на категоријата ќе биде опфатено негативно стереотипизирање и предрасуди, генерализации, сексизам, хомофобија, ксенофобија, расизам, трансфобија, еигизам, негативно профилирање, наметнување културни вредности, поделба на НИЕ – ТИЕ, сензационализам и игнорирање на гласот на маргинализираните.

  • Културни разлики
  • Религиски разлики и разлики во уверување
  • Родов идентитет и родови улоги
  • Сексуални разлики
  • Политички разлики
  • Етнички разлики и расни разлики
  • Припадност на маргинализирана група
  • Медиумски третман на лица со попреченост

Истражувачки прашања:

  1. Дали има негативно стереотипизирање и зајакнување на предрасудите (особено кон припадници на ранливи групи)?
  2. Дали има генерализирање, врз основа на еден случај?
  3. Дали има сексизам, мизогинија, наметнување на хетеропатријархални вредности, или непочитување на полови и родови разлики и родови идентитети?
  4. Дали има хомофобија, трансфобија или непочитување на сексуалните разлики?
  5. Дали има ксенофобија, говор на омраза и нетолеранција кон странците?
  6. Дали има негативно профилирање на припадници на одредени групи?
  7. Дали има еигизам, непочитување на разлики врз основа на возраст?
  8. Дали има непочитување на културните разлики, и наметнување на одредени културни вредности во однос на други културни вредности?
  9. Дали има исклучувачки поделби, како поделбата НИЕ – ТИЕ?
  10. Дали има сензационалистички пристап, кој ја засенува дискиминацијата или непочитувањето на разликите?
  11. Дали има непочитување на припадниците на маргинализираните групи и игнорирање на гласот на маргинализираните?
  12. Дали има непочитување на религиските разлики и разликите во уверување, или обид за наметнување на одредени религиозни вредности?
  13. Дали има непочитување на етничките разлики?
  14. Дали има непочитување на расните и разликите во боја на кожа?
  15. Дали има непочитување на политичките разлики или политичката припадност?
  16. Дали има непочитување на социјалните, образовните или лингвистичките разлики?
  17. Дали има непочитување кон лица со попреченост?

2. Спроведување на право и заштита на човекови права

  • Повреда на пресумција на невиност
  • Откривање на идентитет на осомничен, жртва, малолетно лице, заштитен сведок
  • Виктимизација на жртвата
  • Селективен пристап (неизвестување за сите вклучени страни во спорот, сензационализам, голо и некритичко пренесување на официјалните изјави,
  • Сугерирање пресуда

Истражувачки прашања:

  1. Дали има повреда на правото на пресумпција на невиност, при известување за полициски и судски случаи?
  2. Дали има повреди на приватноста (откривање на идентитет на осомничен/обвинет, жртва, малолетно лице, заштитен сведок…) при известување за полициски и судски случаи?
  3. Дали има селективен пристап (неизвестување за сите вклучени страни во настанот или спорот), при известување за полициски и судски случаи?
  4. Дали има некритичко пренесување на официјални изјави, со кои се фаворизира само официјалната приказна, при известување за полициски и судски случаи?
  5. Дали има неетички сензационалистички пристап при известување за полициски и судски случаи?
  6. Дали има сугерирање на одлука, решение, пресуда или казна, при известување за полициски и судски случаи?
  7. Дали има нечувствителност или непочитување на правото на фер судење (и принципот на еднаквост на оружјата) при известување за судски случаи?

3. Приватност

  • Дом
  • Сексуалност
  • Брак, семејство, родителство, домаќинство, заедници, врски
  • Идентитет
  • Комуникации
  • Неовластено снимање и прикажување

Истражувачки прашања:

  1. Дали има вмешување во приватноста на домот од страна на новинарот или медиумот?
  2. Дали има вмешување во сексуалната приватност, сексуалната ориентација, сексуалниот идентитет, неформална заедница, интимни односи, сексуални односи, сексуални врски?
  3. Дали има вмешување во приватноста во врска со бракот, семејството, родителството, домаќинството?
  4. Дали има повреда на правото на персоналниот идентитет?
  5. Дали има повреда на приватноста со неовластено вмешување во комуникации?
  6. Дали има неовластено снимање со кое се повредува приватноста?
  7. Дали има неовластено прикажување на снимки со кои се повредува приватноста?

4. Слободата на изразување  наспроти говор на омраза

  •  Храброст да се бараат информации
  • Храброст да се пренесуваат информации
  • Храброст да се спротиставиш на уредникот/сопственикот во случај на повреда на Кодексот
  • Непрепознавање на правото на слобода на изразување
  • Типски случаи на говор на омраза во рамките на дефинициите на Советот на Европа
  • Поттикнување на насилство
  • Вознемирување и булинг (малтретирање)

Истражувачки прашања:

  1. Дали има отсуство на храброст да се бараат информации?
  2. Дали има отсуство на храброст да се пренесуваат информации?
  3. Дали има отсуство на храброст за спротиставување од страна на новинар на уредник/сопственик во случај на повреда на Кодексот и професионалните стандарди?
  4. Дали има нечувствителност и непрепознавање на правото на слобода на изразување?
  5. Дали има говор на омраза?
  6. Дали има поттикнување на насилство?
  7. Дали има вознемирување и булинг (малтретирање)?

5. Достоинство, чест, углед

  • Омаловажување и понижување
  • Етикетирање
  • Навреда и клевета
  • Дискредитација и дисквалификација ад хоминем

Истражувачки прашања:

  1. Дали има омаловажувачки и понижувачки однос?
  2. Дали има етикетирање?
  3. Дали има навреди и клевети?
  4. Дали има обиди за дискредитација?
  5. Дали има обиди за дискфалификација ад хоминем?

6. Критичко размислување и дебатирање

  • Преиспитување на авторитетот
  • Критичко поставување прашања
  • Критичко аргументирање
  • Претходна критичка анализа и подготовка
  • Поттикнување на дебата

Истражувачки прашања:

  1. Дали има препознатливи напори за критичко преиспитување на авторитети?
  2. Дали има препознатливо чувство за јавен интерес?
  3. Дали има критички пристап кон контроверзни теми?
  4. Дали се поставени критички прашања до изворите на информации?
  5. Дали има критичко аргументирање?
  6. Дали има претходна критичка анализа и подготовка за темата?
  7. Дали текстот поттикнува на критичка дискусија и дебата за тема од јавен интерес?

7. Манипулации и пропаганда

  • Злоупотреба на медиум за пресметка со личности
  • Отсуство на професионална дистанца од политичките субјекти
  • Прикривање на суштински податоци
  • Еднострано потенцирање на податоци
  • Намерно искривување на факти
  • Презентирање на перцепциите и ставовите како факти
  • Фалсификување и манипулација со документи
  • Фабрикување на податоци и јавно мислење (анкети и сл.)
  • Манипулации во аргументација
  • Пропагандни техники

Истражувачки прашања:

  1. Дали има злоупотреба на медиум за пресметка со личности, при што се повредуваат човековите права?
  2. Дали е забележливо отсуство на професионална дистанца од политичките субјекти?
  3. Дали има прикривање на суштински податоци, со намера да се манипулира јавноста?
  4. Дали има еднострано потенцирање на податоци, со намера да се манипулира јавноста?
  5. Дали има намерно искривување на факти, со намера да се манипулира јавноста?
  6. Дали има манипулативно претставување на перцепциите и ставовите како факти?
  7. Дали има обиди за фалсификување и манипулација со документи?
  8. Дали има фабрикување на податоци и јавно мислење (анкети и сл.)?
  9. Дали се забележливи манипулации во аргументацијата?
  10. Дали се забележливи други пропагандни техники?

Едукативни написи

Т.н. Новинарски лекции се занимаваат со новинарските стандарди од поширок аспект и не се ограничени на анализа на еден поединечен напис од медиумите, туку се фокусираат на обработка на некоја појава, тренд и едукативна разработка на темата во насока на подучување со позитивни примери и давање насоки за подигнување на квалитетот на работа. Овие написи инспирацијата ја црпат од етичките новинарски кодекси, стручната новинарска литература, литературата посветена на онлајн-издаваштвото, како и од праксата во Македонија.

Критериуми за избор на новинари-рецензенти

Новинарите-рецензенти кои се членови на тимот ги имаат следните задачи:

  • идентификуваат важни дневни вести;
  • спроведуваат рецензии на таквите содржини;
  • пишуваат подолги написи за јавна едукација во врска со имплементацијата на новинарските стандарди.

Кандидатите за членови на тимот треба да ги исполнуваат следните услови:

  • да имаат завршено студии од областа на новинарството или некоја сродна област;
  • да имаат минимум 2 години работно искуство во полето на медиумите;
  • да имаат аналитички способности;
  • добро да го владеат пишаниот македонски или албански литературен јазик;
  • како основа на својот професионален ангажман во сферата на медиумите да го прифаќаат Кодексот на новинари на Македонија или друг еквивалентен кодекс на етички и професионални стандарди усвоен од релевантна организација на новинари (оваа заложба за прифаќање на стандардите за саморегулација треба да се објасни во рамките на мотивационото писмо).

Предност при изборот имаат кандидати кои:

  • моментално не се во работен однос во медиум од Македонија;
  • се членови на професионални здруженија на новинари кои се залагаат за унапредување на професионалните стандарди;
  • можат на професионално ниво да ги следат и рецензираат медиумите на македонски или на албански јазик.

Кандидатите се огласуваат на јавен оглас со кратка биографија, писмо за мотивација, како и линкови до 3 лични написи или скенирани објави. Потоа следат интервјуа со најпогодните кандидати, по што се прави селекција на најсоодветните според нивните квалитети, искуства, расположливо време и интереси, а во зависност од моменталната потреба за проширување на тимот.

Критериуми за избор на аналитичари

Аналитичарите кои се членови на тимот ги имаат следните задачи:

  • идентификуваат случаи на непочитување на професионалните новинарски стандарди во медиумите, меѓу кои и прекршување на човековите права или трендови во квалитетот на работата на медиумите во поширок контекст;
  • спроведуваат анализи базирани на критичка анализа на дискурси на таквите случаи.

Кандидатите за членови на тимот треба да ги исполнуваат следните услови:

  • да имаат познавања од областа на човековите права (професионален ангажман, едукација, невладино делување);
  • да учествувале во мониторинг на медиуми;
  • да имаат искуство во пишување истражувачки извештаи, колумни и/или анализи
  • да немаат/немале партиски функции;
  • добро да го владеат пишаниот македонски или албански литературен јазик;
  • како основа на својот професионален ангажман во сферата на медиумите да го прифаќаат Кодексот на новинари на Македонија или друг еквивалентен кодекс на етички и професионални стандарди усвоен од релевантна организација на новинари (оваа заложба за прифаќање на стандардите за саморегулација треба да се објасни во рамките на мотивационото писмо).

Предност при изборот имаат кандидати кои:

  • се припадници на миноризирани групи;
  • се членови на здруженија за човекови права;
  • моментално не се во работен однос во медиум од Македонија;
  • можат на професионално ниво да ги анализираат медиумите на македонски или на албански јазик.

Кандидатите се огласуваат на јавен оглас со кратка биографија, писмо за мотивација, како и линкови до 3 лични написи или скенирани објави. Потоа следат интервјуа со најпогодните кандидати, по што се прави селекција на најсоодветните според нивните квалитети, искуства, расположливо време и интереси, а во зависност од моменталната потреба за проширување на тимот.

Претплатете се за најнови вести