Невкусен спин за политичка дискредитација
Објавено во Рецензии
on 19 - 11 - 2015 Автор: Александар Пешев
[Рецензија: Среде најголемата терористичка закана за Европа, македонската полиција целосно блокирана]
Од самиот наслов се создава сомнеж за политичката пристрасност на објавата, насочена кон дискредитација на опозициски министер. Додека авторот смета дека полицајци молат бога на Македонија да не ѝ се случи нешто, на читателот му останува да моли бога барем еден елемент во текстот да даде официјална информација наместо партиски инспириран коментар.
Линк до оригиналниот напис: Среде најголемата терористичка закана за Европа, македонската полиција целосно блокирана
Датум и време на објавување: 14.11.2015, 08:52
Датум на рецензирање: 17.11.2015, 12:00
Рецензент: Александар Пешев
Но, молитвите, се чини, ќе останат неодговорени, кога зборуваме за новинарските стандарди. Од првата до последната реченица имаме констатации без ниту еден официјален извор на информации, што го прави текстот коментаторски. Самите коментари создаваат впечаток дека трагедија во која биле убиени стотина луѓе се користи како оружје за напад на политички неистомисленици. Но, да почнеме со ред.
Воведот на текстот отвора простор за издржување на тврдењето со извори на информации или официјални изјави, но констатацијата дека „македонската полиција е целосно парализирана“ останува неиздржана.
„Во голем дел од подрачните единици на министерството началниците и оперативците денеска и вчера расправаат што може, а што не може да се работи без дозвола од министерот.“
Повторно објавата останува покуса за официјална изјава со што остануваат отворени клучните прашања: кој расправа, колкумина расправаат, на која функција се именуваните загрижени лица? Дали за состојбите во министерството расправаат чистачките или високорангирани лица? Но, наместо одговор на овие прашања, авторот продолжува со неатрибуирани констатации, за запрени операции и за збунети оперативци. Се наведува и дека збунети биле и правниците, но повторно нема изјава од ниту еден правник.
Овој комплекс на анонимни тврдења, кои наликуваат на маскирани коментари, прави финиш во кој е евидентна едностраноста на објавата
„Во ваква ситуација полициските оперативци молат бога на Македонија да не и се случи ни приближна ситуација како во Париз.“
Се создава впечаток дека анонимниот автор се обидува да го нападне новоназначениот министер за внатрешни работи, користејќи ја трагедијата во Париз како инструмент за дискредитација. Немаме доказ дека прозваната страна во написот, поточно министерот, бил консултиран за ваквата состојба.
Велат, крајот го краси делото, а во случајов обезбедува доказ за политичката пристрасност на текстот:
„Сега СДСМ со креирање криза го запоседна и блокираше МВР. Партиска цел е да се избегнат изборите, а поучени од досегашните искуства, пак со криза да ја дофатат власта.“
Да потсетиме дека клаузулката „СДСМ бега од избори“ често ја употребува владејачката ВМРО-ДПМНЕ во своите партиски соопштенија, а во овој текст таквото тврдење виси без никаква атрибуција.
Сè на сè, имаме непрофесионална објава која прави обид за известување на јавноста за констатирана состојба без ниту еден официјален извор. Поширок поглед на објавата открива невкусен обид за зацрнување на углед на функционер преку издвојување инцидент што го потресе светот и преку негово спинување.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови