Рецензија: Каде е разговорот помеѓу Бобо Дајнерс и Сашо Мијалков
Објавено во Рецензии
on 24 - 03 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
Меѓу личностите од опозицијата, која е почесто на удар на медиумите од провладина провениенција, е и потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шекеринска. Една бајата, па подгреана афера, што потекнува директно од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за наводна злоупотреба од местото на директорската позиција на сопругот на Шекеринска, послужи како вовед и мотив за изработка на овој текст. Неговите карактеристики укажуваат на тоа дека аферата „кирија од 5.000 евра“ е само шлагворт во политичко-пропаганден текст, чија единствена содржина и мотив за објавување е напад врз личноста на Шекеринска, нејзино оцрнување пред јавноста, атак базиран на приватниот живот на политичарката и на нејзиното семејство за да ѝ се наштети на нејзината репутација. Притоа, се игнорираат демантите за веродостојноста на аферата „кирија од 5.000 евра“, кои дојдоа, пред сè, од компанијата „Дајнерс“, чијшто директор на претставништво за Македонија е Божидар Јанковски, сопруг на потпретседателката на СДСМ.
Овој текст, патем, е дел од своевиден серијал текстови во кои главна тема е обработка на „ликот и делото“ на Шекеринска, во истиот манир на етикетирање и на потсмев, со истиот стил на пишување, кои последниве месеци се објавуваат во истиот медиум, а потоа како делумни или целосни копии на текстови се објавуваат во „Вечер“.
Притоа, аргументите и обвинувањата се пласираат како факти и тоа, демек, добро познати факти, за да изгледа поуверливо кога се користат како аргументација на тезата дека Шекеринска и нејзиниот сопруг се луксузираат со пари кои обичниот Македонец не може ни да ги замисли, а притоа, можеби (бидејќи текстот, сепак, не нуди аргументи дека е тоа така), и ѝ затајува на државата огромен данок.
Овој текст е своевидна пропагандна турлитава, бидејќи обвинувањата за киријата од 5.000 евра месечно за нивниот стан, кој им го плаќа компанијата „Дајнерс“, не се единствената содржина. Во неа има место и за врските на Шекеринска со Сорос („во Фондацијата, освен личното влијание таа долго на функција ја имаше и својата сестра, како и нескриена поддршка од директорот на сорос фондацијата, Владимир Милчин“), со странски дипломати („Шеќеринска во врвот на партијата ја одржуваат пари и врски со странските дипломати“), анализа на нејзиниот политички профил (Шеќеринска е јастреб во таа партија), во неа се најде место и за чевлите и за скапата гардероба на Шекеринска, нејзините возила и скапи патувања, иако тие ама баш никаква врска немаат со темата од насловот на текстот, што само по себе доволно зборува дека пред нас имаме текст кој не е новинарство туку дел од кампања за оцрнување, позната во светот како „smear campaign“ или хајка. Една од подобрите дефиниции за „smear campaign“ вели дека се работи за „серија обиди за наштетување на нечија репутација преку кажување лаги за таа личност“.
Линк до оригиналниот напис: Каде е разговорот помеѓу Бобо Дајнерс и Сашо Мијалков?
Датум и време на објавување: 12.03.2015, 23:42
Датум на рецензирање: 20.03.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
„Познато е дека во СДСМ Шеќеринска не е омилена личност.“
Ова е типично тврдење со какви написов е преполн, без можност да му се утврди точноста и веродостојноста, но пласиран како факт, со кој читателите, демек, биле запознаени, ама, сепак, повторно се потсетуваат. Сличен пример на произволно тврдење е следнава реченица:
„За сите 20 години од својата кариера на врвот на СДСМ, Шеќеринска е јастреб во таа партија, особено кога се работи за напади и навреди врз новинари и интелектуалци за кои таа смета дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.“
Не е изненадување ако забележиме дека написот, иако привидно раскошно нуди бројни „факти“, всушност е крајно несеопфатен бидејќи ја дава само едностраната, пристрасна верзија на вистината – онаа за божемните проблематични бизниси поврзани со името на Радмила Шекеринска, која јавноста ја слушна првпат од пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, и потоа со разни „збогатувања“ се дообработуваше во медиумите блиски до власта.
„Шеќеринска во врвот на партијата ја одржуваат пари и врски со странски дипломати.“
Ова тврдење стои во текстот без никаква ограда, симулирајќи општопозната и прифатена вистина, во надеж дека наивниот читател ќе се фати на таа јадица на арогантност и на самоувереност, манир со кој е напишан целиот текст. Сепак, очигледно е потценета интелигенцијата на читателите бидејќи не е потребна голема стручност за да се види дека се работи за празна флоскула, која не се потпира ниту на извор на таквото тврдење ниту, пак, на факт кој ова тврдење ќе го докаже. Целиот текст, меѓутоа, буквално врие од вакви искази „здраво за готово“, поточно обвинувања на сметка на потпретседателката на СДСМ. Потсетувајќи на тоа дека Шекеринска во минатото јавно барала партијата да не ја водат лица со криминални хипотеки, во текстот се вели дека на истото потсетил и Пендаровски во својот говор на митингот на СДСМ во „Универзална сала“:
„по што е јасно дека во идниот врв на СДСМ нема место за Шеќеринска и Заев“
со јасна алузија дека се подразбира оти овие две личности се криминалци. Вакви навредливи тврдења само се нижат во секој нов пасус, без притоа да бидат поткрепени со докази.
Коментаторскиот манир е толку изразен во овој текст, што тој речиси и да нема факти. Етикетирањето се прави со карактеристична леснотија, без видлив обид да се истражи вистината.
Написов е еден од типичните примери на текстови кои се „прелеваат“ во и од неколку медиуми – „оригиналот“ се појави на infomax.mk еден ден пред објавувањето на овој напис, а, пак, текст кој презема речиси 90 проценти од овој напис, се појави четири дена подоцна во „Вечер“. Никаде нема наведен извор ниту автор.
Насловот е базиран на тврдење дадено во текстот, дека сопругот на Шекеринска имал тајни средби и телефонски разговори со директорот на УБК, Сашо Мијалков, наводно за да бара од него да не се истражува случајот и да не биде гонет, што беше демантирано од потпретседателката на СДСМ. Речиси и да не може да се издвои сегмент од текстот кој има елементи на објективен приод и не е чиста кампања за оцрнување на конкретна личност, во случајов потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шекеринска. Дискредитацијата на нејзината личност е лајт-мотив на целиот напис, а покрај неа, како „колатерална штета“, и овојпат е нејзиниот сопруг, директор на македонската филијала на „Дајнерс“, кој е од претходно имплициран во скандал, креиран од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
и солидни и неквалитетни
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови