verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Босото“ новинарство и „голата“ учителка

on 19 - 11 - 2015       
Сензационализмот заеднички... Фото: скриншот. Колаж: СПФМ
Сензационализмот заеднички… Фото: скриншот. Колаж: СПФМ

Една вест неодамна ги преплави медиумите во Република Македонија, со главно идентичен наслов и содржина, при што некои јавно објавуваат (признаваат) дека ја презеле од друг медиум, некои не.  „Голата учителка од Куманово си дала отказ – Не сакала да ги повлече објавените провокативни фотографии!” Внимавајте: Објавено во 9.55 часот на 6 ноември 2015 година, а прочитано, заклучно со 12 ноември во 15.03 часот – 30.961, што е показ дека сензационалистичкото новинарство дава „резултати“.

 

Пишува: Гоце Ристовски, магистер по културологија

 

Базмалку секојдневно слушаме напади врз поедини медиуми дека отворено застапуваат некоја политичка (или идеолошка) опција, на пример, на опозицијата, што им се припишува не само како „необјективност“ туку и како „страшен грев“, а почесто тоа се „аргументира“ со „сомнителност“ дека се прави за пари што доаѓаат од симпатизери на некоја политичка опција од земјата, па дури и од странство. И спротивно, дека некои се „слепи послушници на власта“ и тоа напати се „аргументира“ со бенефициите што слeдуваат од тоа, а кои се мерат во нивното величество – парите и слично. За ова не се потребни докази оти ни стана секојдневие. И што е реално за очекување – со приближувањето на најaвените избори за напролет, ваквите напади ќе се зголемуваат и од едните и другите и кон едните и кон другите. Станува збор, значи, за своевидна медиумска „војна“, се напаѓаат („тепаат“) медиумите меѓу себе, а тоа веројатно ќе биде така додека не го лоцираат и дефинираат (и не се здружат против) „заедничкиот непријател“. Или со други зборови, се работи за подвоеност на медиумите, која, пак, е видлива и во постоењето на повеќе новинарски здруженија (еснафи) на кои, исто така, од самите медиуми им се лепат различни „етикети“.

На што укажува ова? На состојбата во нашето новинарство! Што ќе рече:

 

Нема независни медиуми. Или се безначајно малку или безначајно мали или и едното и другото. Едни се за едни, други се за други. Се разликуваат според аголот на гледање. Едни гледаат, демек, преку „портокалови“, а другите преку „сини“ очила.

 

Не ми е намерата да анализирам по што се разликуваат медиумите и на што се должи тоа. Тоа е така очебијно и „провидно“, и во добар дел разбирливо и од меѓусебните препукувања. Намерата ми е да покажам што им е заедничкото. И веднаш, како од топ, испукувам: сензационализмот.

Не дека сега ја открив Америка, топла вода или дупка во саксија, ама е така. Колку за потсетување, сензационализмот во масовните медиуми е вид на пристрасно и контроверзно известување, со кое се претерува во описите на некои случки и теми, а за да се зголеми гледаноста или читаноста. Сензационализмот вклучува и известување за генерално безначајни теми и случувања, кои воопшто не влијаат на поширокото општество на пристрасен, тривијален или таблоидски начин.

 

Во психолошка смисла, сензација  е реакција предизвикана однадвор со дејствување на надворешниот свет. Станува збор за настан или вест кој побудува кај луѓето општо внимание и големо возбудување. Сензационализмот, поинаку кажано, е за да се испровоцира реакција на јавноста со објавување непроверени и нецелосни, но интригантски информации. Би се рекло сензационализмот почнува со битката за насловна страна.

 

И врапчињата на гранка знаат дека информациите што се објавуваат во медиумите треба да се вистинити и објективни и дека при нивното јавно публикување треба да се почитува угледот, честа и приватноста, спротивното, пак, е санкционирано со закон. И, првенствено, информацијата би требало да биде значајна за јавноста на која ѝ се пренесува. Меѓутоа, сензационалистичкото новинарство инсталира сосема спротивни карактеристики, изнесувајќи неважни или приватни детали, не водејќи сметка не само за новинарската етика, туку дури и за законската регулатива.

Една вест неодамна ги преплави медиумите во Република Македонија, со главно идентичен наслов и содржина, при што некои јавно објавуваат (признаваат) дека ја презеле од друг медиум, некои не.

Голата учителка од Куманово си дала отказ – Не сакала да ги повлече објавените провокативни фотографии!“ Внимавајте: Објавено во 9.55 часот на 6 ноември 2015 година, а прочитано, заклучно со 12 ноември во 15.03 часот – 30.961, што е доказ дека сензационалистичкото новинарство дава „резултати“. Веста може да се смета за типична, репрезентативна, а медиумите се тркаа кој побргу да ја пренесе, менувајќи, овдеонде, незначително во насловот или во текстот.

 

Промените се во правец на зголемување на сензационалноста: дека, наводно, тоа ја шокирало јавноста. Притоа не е прецизирано за која и за колкава јавност се мисли и со ништо не се докажува шокантноста. На пример, колкумина поради претрпениот шок побарле медицинска помош, колку од нив биле задржани на лекување, колку пуштени на домашна нега. Или, пак, со истакнување во насловот „нема да ви се верува што направила….“

 

Се отиде дотаму што учителката е прогласена за „партиски војник на партијата на власт“.

Се додава уште троа мирудија во манџата. Сосема е неважно во случајов дали „разголената учителка“ е партиски војник или офицер, па и да е точно оти, според медиумите, таа си даде отказ, што значи ниту нејзината евентуална партиска служба не ѝ помогна. Но, индикативна е констатацијата, наводно изречена од родителите, како што се пренесува тука:

„По нашата претставка не е постапено, единствено е повикана од директорката од училиштето да си даде отказ и целава работа да остане прикриена, бидејќи учителката е партиски војник на партијата на власт.“

И тоа, за жал, новинарите не го појаснија, а имено дека без никаква постапка директорката (со кое право и со каква цел) предложила давање отказ.

Инаку, во веста се кажува дека учителката (не е именувана, што е во ред) од основно училиште (училиштето е именувано, што не е во ред, бидејќи со тој податок може да се придонесе за откривање на идентитетот), во Куманово, пред една недела (што значи се пласира „стара“ вест) дала отказ во училиштето, одбивајќи да ги избрише објавените еротски фотографии на својот фејсбук-профил и покрај реакциите на родителите на учениците. Понатаму, се кажува колку време работела во одделенска настава во училиштето и сосема некоректно се наведува колку години има.

Што е тука сензационално. Многу нешто е сензационално и непрофесионално и се коси со етичките принципи во новинарството, со професонализмот, па и со некои законски одредби.

Во медиумите не се укажува дека учителката (некаде наставничка) не сторила ништо противзаконски и оти со никаков позитивен законски акт во Република Македонија не е забрането на ФБ да се објавуваат лични, па и еротски фотографии, ниту, пак, е ограничено дека тоа не смеат да го прават учителки.

Не се кажува дали и со што учителката прекршила некој закон (на пример, за образование) или некој правен акт на училиштето во кое работела. Според изнесеното, во медиумите таа со ништо не загрозила други, не држела настава незаконито, ниту наведувала некого на противзаконски и на неетички дејства и нејасно е со што ги „повредила“ законите. Тоа што ѝ е ставено „на глава“, што  наводно ја шокирало јавноста и што нема да ни се верува што направила, како што пишуваат медиумите, е нејзина приватна работа.

 

Се појаснува дека учителката си дала отказ одбивајќи да ги избрише објавените разголени фотографии на својот фејсбук-профил и покрај реакциите на родителите на учениците, ама никој не побара изјава од прокудената учителка по нејзината храбра одлука да ја брани приватноста и по цена да си замине од работа.

 

Ниеден новинар не се досети да праша со кое право и зошто родителите (па да утврди и колку се и дали анонимно или јавно се обратиле) барале да се тргнат сликите од ФБ. Потоа, дали родителите имале аргументи со кои се докажува дека еротските фотографии на ФБ-профилот на учителката влијаеле негативно на успехот и на поведението на учениците. Тоа што родителите изјавиле „…учителката очигледно е опседната со фотографирање на нејзиното тело, а не со воспитување на нашите деца. Од дирекцијата за заштита на лични податоци баравме профилот на учителката да биде затворен, бидејќи ние како родители бевме згрозени“, не е никаков доказ против учителката, ами против родителите.

 

Она што ниту еден медиум не се охрабри да појасни е фактот дека со своите барања родителите, всушност, вршеле мобинг на учителката и дека сакале да ѝ го уредуваат приватниот живот што говори за нашето новинарство.

 

Ниту Дирекцијата за заштита на податоци, ниту кој било друг не може да бара (или да затвора) лични профили на ФБ затоа што тоа го сакале родители кои биле „згрозени“ од фотографии, а доколку тоа не се коси со законот. Ако родителите биле згрозени, зошто ги гледале, да не ги тегнел некој за уши, со сила. Самата учителка можеби им пратила покана да ги разгледаат. Тоа не е појаснето. Вистинското прашање што требаше да им го постават новинарите на родителите (а тие не им поставија никакво) и одговорот да го објават е што била нивната причина да го отвораат профилот на учителката и да гледаат „вулгарни, недолични и разголени фотографии“ и уште повеќе како фотографиите биле достапни за сите ученици.

Можни се повеќе одговори: учениците сами да ги гледале, имајќи пристап на профилот на учителката, да им ги покажала учителката или можеби да им ги покажале родителите. Зависно од начинот, може да се говори за постоење вина или не и на чија страна. Ако учениците гледале сами, се поставува прашање колку се возрасни. Тоа новинарите требаше да го утврдат. Според правилата на ФБ, лица помали од 13 години не може да имаат профил. Ако, евентуално, е така, кој и како им отворил профил, дали самите, давајќи лажни податоци (што не е дозволено), дали тоа го сториле нивните родители, давајќи лажни податоци  (што не е дозволено) или тоа, можеби, го сторила учителката, давајќи лажни податоци (што не е дозволено). Под претпоставка тоа да го сториле родителите, оти наши деца, та дури и уште бебиња имаат ФБ-профили и освојуваат „лајкови“, тоа му доаѓа како да им купите на своите малолетни деца билет за стриптиз, а потоа да ја обвинувате стриптизетата затоа што се соблекувала пред очите на вашите деца.

 

Станува збор за загрозување на приватноста, што требаше да ја констатираат медиумите, а тие и сами се вклучија во тоа.

 

Друго е ако учителката еротските фотографии ги направила во училиштетото, пред учениците на час или на мал одмор, а сосема друго ако тоа го правела дома, на пример. Значи, логично би било ако не постои проблем со законот, што медиумите не го констатираат, секако не случајно, тогаш да има проблем од етичка природа (неморалност). Затоа ќе беше добро да се укажеше според кои морални норми (христијански, муслимански, еврејски и т.н. или наставнички) учителка не би било добро да објави свои еротски фотографии на свој приватен профил на ФБ. Или, како што е објавено во медиумите, може да се заклучи дека проблемот е во нејзините години, што не би смеело и што значи дека медиумите шират дискриминација според возраста. (Да беше помлада, никому-ништо.)

 

Друго би било ако таа направила, на пример, изложба на своите приватни („разголени“) фотографии во училиштето, на пример, по повод патрониот или некој друг национален празник, без одобрување на директорот и без согласност од родителите или на некој друг начин ги претставила пред учениците и со тоа влијаела на намалување на степенот на нивното знаење и поведение.

 

Медиумите не појаснија и како тоа родителите „згрозени“ од фотографиите бараат тие да се тргнат од ФБ, а самите тие ги дале за објавување во медиум. Од ова може да се претпостави дека објавените фотографии на ФБ се „опасни“, а во медиумите не. Значи ли тоа дека фотографиите на ФБ-профилот на учителката се достапни на учениците, а во медиумите не, дека ФБ-профилот на учителката е помоќен медиум од медиумите?!

И, за крај, најголемата сензација. Многу медиуми ги објавија фотографиите со што ја загрозија приватноста на учителката, притоа и сосема јасно, откривајќи го нејзиниот идентитет. Но, го прекршија и законот за авторско право. Никаде не е потпишан авторот на фотографиите, ниту е посочено од каде и под кои услови се преземени. Како што веќе имаме објавено во „Сервис за проверка на факти во медиумите“, Фејсбук не е простор за новинарско самопослужување. „Голата“ учителка покажа дека новинарството ни е „босо“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).