Советот за етика ја поддржа жалбата на соработничката на „Критинк“, Мирослава Бурнс против порталот „ДоказМ“
Објавено во Актуелности
on 15 - 06 - 2020 Автор: АдминКомисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија утврди дека жалбата на нашата соработничка Мирослава Бурнс, поднесена заради два написи објавени на поратлот „ДоказМ“ е основана. Комисијата одлучи дека написите на „ДоказМ“ прекршиле дури 6 членови од Кодексот на новинарите на Македонија.
Станува збор за членот 1 (потребата од објавување точни и проверени информации), членот 3 (обврската за објавување исправка, демант и одговор), членот 7 (почитувањето на приватноста на личноста), членот 10 (новинарите свесно да не создаваат и преработуваат информации што ги загрозуваат човековите права и слободи, да не говорат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат насилство и дискриминација по било која основа), како и членот 15 (потребата од негувањето на културата на говорот и етиката и кој вели дека непримерната комуникација е неспоива со новинарската професија). За прекшувањето на сите овие членови од новинарскиот кодекс, освен за еден, Комисијата донесе едногласна одлука.
Мирослава Бурнс стана мета на порталот „ДоказМ“откако напиша рецензија во порталот Критинк (crithink.mk) на еден од нивните написи со наслов „Кој за што „Доказ“ за секс и швалерки“. Во рецензијата Мирослава утврди дека текстот содржи „озборување, пресметување, колнење и сето тоа дополнето со сексистички квалификации и инсинуации за вработена во МЕПСО“, додавајќи дека текстот, покрај тоа и „навредува, жигосува, напаѓа ад хоминем, нарекувајќи ја личноста чијшто статус го презема „простичка” и „пациентка”, но и дополнувајќи го дискурсот со пцовки, вулгарности и квалификации, кои опасно го загрозуваат нивото на едно пристојно медиумско претставување.“ Со цел да ги објасни и поддржи ваквите ставови, во рецензијата се цитирани членовите од Новинарскиот кодекс кои се прекршени со објавувањето на ваквиот текст и е елаборирано како тие членови се прекршени.
Како реакција на оваа рецензија „ДоказМ“ објави два крајно навредливи написи против колешката Бурнс, преполни со навреди, клевети и изрази кои недвосмислено содржат полова дискриминација, како и изрази преполни со безобразлуци и пцости, како што заклучува и Комисијата за жалби при Советот за етика на Македонија, во чие решение се наведени и образложенијата на сите прекршени членови од Кодексот.
Инаку, со оглед на тешките квалификации изнесени во написите, а особено со оглед на фактот што порталот „ДоказМ“ одби да се извини и да ги повлече, овој случај ќе заврши на суд.
Редакцијата на „Критинк“, како и Фондацијата „Метаморфозис“ веќе искажаа поддршка за нашата соработничка во нејзините напори да ја истера правдата до крај и да го заштити својот личен и професионален интегритет и таквата поддршка ќе продолжи и понатаму.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења