Наменски текст во кој жртвите на пешачките премини на скопските улици се маргинализирани, речиси невидливи
Објавено во Рецензии
on 29 - 09 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Бројот на несреќи со жртви опаѓа, протестите против Трајановски се манипулација]
Овој прилог е правен без никаква новинарска диоптрија. Тој, наместо да го штити јавниот интерес и да пренесе чиста, политички необременета и точна информација, целосно се става во одбрана на градоначалникот на Скопје.
Линк до оригиналниот напис: Бројот на несреќи со жртви опаѓа, протестите против Трајановски се манипулација
Датум и време на објавување: 27.09.2015, 16:47
Датум на рецензирање: 28.09.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ФАЛБИ БЕЗ СРАМ!
Медиумската содржина што ја рецензираме не се потпира на факти, туку во неа наменски се нафрлани паушални податоци, без да се посочи конкретен извор и без да се поткрепат изнесените тврдења. Нејзиниот автор, дури, има амбиции да ја претстави како анализа, што изгледа смешно.
Имено, овој исклучително необјективен напис се повикува на некакви „статистички податоци“, но, не кажува прецизно за какви податоци се работи и од каде се добиени. Ама затоа, уште на самиот почеток од текстот прави спинерска конструкција и тврди дека:
„…вчерашниот протест организиран од опозициските структури не е ништо повеќе туку обид од семејните трагедии на луѓето кои загинале во сообраќајќи, СДСМ да си обезбеди предност во предизборната трка“,
иако беше соопштено дека мирниот протест беше организиран од Граѓанската иницијатива „Коце, врати ни ги улиците“, во знак на револт за големиот број жртви на скопските улици. На булеварот Илинденска, на местото каде пред десетина дена загина 13-годишно момче, граѓаните протестираа со легнати велосипеди, а градоначалникот Коце Трајановски го посочија како „најодговорен за тоа што пешаците и велосипедистите сè почесто страдаат во сообраќајни незгоди“.
Меѓутоа, во овој наменски текст, жртвите на пешачките премини на скопските улици се маргинализирани, речиси невидливи. Во него без трошка срам нагласено се фали градоначалникот за „проширување на клучните сообраќајници и изградба на катни гаражи“, додека одговорноста за трагедиите на пешачките премини се колективизира. И, во таа спасувачка мисија, на помош се повикуваат „виртуелни“ сообраќајни експерти, кои треба да ги убедат гледачите дека поради „подобрената сообраќајна инфраструктура“:
„Бројот на несреќи со жртви опаѓа…!“
„ОПАЃАЛЕ ЖРТВИТЕ“!
Наспроти имагинарната слика што ја креира овој материјал, последните анализи на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) покажуваат дека е зголемен е бројот на загинати пешаци во Скопје во однос на минатата година. Повикувајќи се на податоци од РСБСП, агенцијата „Мета“ деновиве објави дека:
„Во апсолутни бројки, за првите шест месеци во 2015 година имаше 20 загинати, за разлика од лани, кога имало 15. Најголемиот дел од загинатите се пешаци. Во првите осум месеци, пак, земајќи ги и јули и август, од вкупно 27 загинати во Скопје, дури 15 се пешаци.“
Потегот, пак, на еден сервилен начин да се брани нешто што едноставно не може да се одбрани, па уште на крајот да се заклучи дека:
„Во Македонија бројот на жртви во сообраќајни несреќи од минатата година и во текот на оваа бележи тренд на опаѓање што се поклопува со владината кампања за подигање на свеста кај учесниците во сообраќајот.“
е целосно непрофесионален, неетички и изгледа невкусно, недостоинствено, очајно лошо!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
ја извитоперува вистината
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови