verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник кој потсетува на 70-тите години од минатиот век

on 13 - 08 - 2015       
Разгледување, изјава, пак изјава, говор, сечење лента, фрлање лопата и така едно шест и пол минути. Фото: скриншот, колаж: СПФМ
Разгледување, изјава, пак изјава, говор, сечење лента, фрлање лопата и така едно шест и пол минути. Фото: скриншот, колаж: СПФМ

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на телевизија „Канал 5“, 12.08.2015 од 18 часот]

 

Иако има уште осум-девет месеци до изборите, предизборните активности се во полн ек. И тие будно се следат од медиумите. Но, тоа не значи дека известувањето треба да биде како во кампања или, уште полошо, да личи како пред 40 или 50 години во времето на поранешна Југославија.

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кога еден ТВ-дневник во неговото централно издание ќе ве врати во времето од 70-тите години од минатиот век, тогаш навистина е време да се запали црвениот аларм. Иако, можеби, одамна е дојдено време за алармирање, сепак вчерашниот ТВ-дневник на телевизија „Канал 5“ од 18 часот покажа дека нема време за чекање. Нештата мора да се променат веднаш, сега. Инаку ќе сигнеме во „1984“ на Џорџ Орвел.

 

ТИТОВА ЈУГОСЛАВИЈА

Дека се работи за дневник (оние кои се повозрасни веднаш ќе се присетат) како од времето на Титова Југославија, нема дилема. За тоа постојат сè уште документирани докази по социјалните канали, како на пример овој. Сличноста со начинот на известување за водечката политичка фигура во прв план, и тоа со прилог ЕПП, е неверојатна:

Сличноста е иста и со прилозите во Северна Кореја.

Тоа што е најчувствително во првиот прилог на оваа телевизија, кој траеше речи седум минути, е што прилогот беше целосно агитпроповски. Со неверојатна возбуда, тој обработува „дела“ на премиерот Никола Груевски, кој ги направил последниве неколку дена. Тука беа опфатени отворања на чешми, улички, плажи, изјави… Прилогот, пак, беше толку отиден во фалење што во него стои:

„Последниве години посебно се вложуваше и на полето на туризмот. Евтините авио линии и субвенциите за странските гости придонесоа за рекорден број на туристи на брегот на Охридското езеро. Преспанското езеро доби монденска плажа во Стење за пријатен престој на гостите, а плажи наскоро ќе се градат и во Охрид и во Дебарца.“

„Реконструкција на повеќе локални патишта, улици, водоводи и канализациони мрежи е евидентна и во охридскиот регион. Реализацијата на овој вид на проекти ќе продолжи и во наредниот период, како една од главните заложби на владата за подобрување на условите за живот на граѓаните.“

Без други гости во него, само со ликот на Груевски и со изјави од него, прошетки по плажи, отворање прозорци во социјални згради, прошетки низ населени места, почна и заврши овој прилог.

Тоа го направи прилогот несодржаен. Еден вистински новинарски производ во цебе би опфатил и други моменти, иако е неупатно ТВ-прилог, освен по исклучок, да трае повеќе од три минути.

На пример, новинарот на овој прилог можел да даде и критички осврт на бројот на туристи за низ компарација да ја потврди тезата дека е зголемен нивниот број. Наспроти тоа, оваа теза, која ја изнесува прилогот, дека е зголемен бројот на туристи, не е вистинита. Вистината (а таа многу лесно се проверува со едно отворање на веб-страницата на Државниот завод за статистика) е дека бројот на странски туристи, во јуни, во однос на истиот месец минатата година, е зголемен за 7,4 проценти, но бројот на ноќевањата е намален за 0,1 отсто. Што би се рекло – тој е намален. Тоа значи дека туристите тука се претежно во транзит. Сепак, она што е повеќе спорно во овој текст и во овој момент за тој да биде докрај објективен, е податокот (кој во прилогот го нема), а кој вели дека бројот на домашните туристи во мај 2015 година, во однос на мај 2014 година, е намален за 2,8 остсо. Тоа може да значи само дека поради лошата економска состојба Македонците не користат одмори (летувања или зимувања), иако во Стење е изградена плажа која чини околу еден милион евра.

 

ПРОДОЛЖЕНО ЕПП

И, како што почна ТВ-дневникот, така и продолжи – со пофалби за владините политики. Во вториот прилог стои дека Владата донесе и заклучок со кој им се излегува во пресрет на најподогените семејства од невремето и од поплавите во Тетовско, чии домови се уништени или небезбедни за домување, да бидат обезбедени парични средства за кирии за нив сè додека не биде санирана штетата.

Ниту во овој прилог немаше објективност и содржајност затоа што се испуштени некои битни моменти. Не е доволно да се даде само „бекграунд“ дека имало невреме и дека се случила трагедија. Мора барем еднаш да се каже која е причината за трагедијата и каде затаиле општинските или државните власти.

Некои медиуми веднаш по невремето информираа за ваквата состојба, но на овој медиум досега во ниту едно информативно издание гледачите не беа информирани за причините што доведоа до оваа голема трагедија.

Инаку, како што објави новинската агенција „Мета“, на 4 август годинава, во текст со наслов „Жители на Мала Речица: Луѓето настрадаа од градежен шут фрлен на Шар Планина, градежниот шут што со години се складира на Шар Планина е причина за смртта на жителите од подшарпланиските села. Ова за агенцијата го тврдат мештаните на Мала Речица.

„Со години се трупа градежен шут на планината. Поради невремето, тој се лизна надолу, од што и настрадаа децата и луѓето – вели жител од Мала Речица.“

Ако се сакало, за ова можело да се дознае и од медиумите што со години тврдат дека во Тетовско неконтролирано се фрла градежен шут. За тоа прилог имала и телевизија „Сител“ уште во август 2010 година, во кој се вели:

„Продолжува безмилосното уништување на природната околина во Тетовско со истоварање на градежен шут покрај патиштата што водат до излетничко реккреативните месности Бањиче и Кале. Во време кога е градежна сезона, постојано камиони остатоците од градежен материјал ги оставаат врз зелените површини при самиот излез од градот.“

 

ДИЈАСПОРСКИ СПИН

Трет прилог во вестите беше тој за проблемот околу тоа дали дијаспората треба да гласа на предвремените парламентарни избори во април 2016 година или не. Гостин (преку линк) беше претседателот на Обединета македонска дијасора (ОМД), Мето Коловски од САД.

Спинот во овој прилог е тоа што беше најавен од уредничката на ТВ-дневникот со зборовите: „Нема веќе организација на нашинците, која не реагираше најостро на најавите на СДСМ дека е против дијаспората да излезе на изборите.“

Ова е невистина, зашто никаде и никогаш никој од СДСМ не изјавил дека е против за тоа дијаспората да гласа. Напротив, вчера, неколку часа пред почетокот на централното информативно издание на оваа телевизија, лидерот на СДСМ изјави дека се согласува дијаспората да гласа на избори, но да се види начинот на кој тоа ќе се изведе и да се отстранат некои недостатоци на процесот.

Веста вчера ја пренесе и „Мета“, а во неа стои:

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека гласањето на дијаспората треба да се задржи, но со одредени измени, во согласност со укажувањата на меѓународните организации и извештаи, изјави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, при денешната средба со жителите на реканскиот крај.“

Ова на 30 јули 2015 година го потврди и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која се сретна со Александар Митрески, коосновач и заменик-претседател на Обединета македонска дијаспора.

„Ставот на СДСМ е да се задржи гласањето на дијаспората, но да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, според кои, секој глас мора еднакво да вреди, без разлика дали е даден во или надвор од Македонија“, изјави Шекеринска.

Секако дека не би биле вестите тоа што „треба да бидат“ ако немаше барем еден прилог против опозицискиот СДСМ. Така, беше прочитан текстот од порталот „Курир“ со наслов „И опозициските експерти обвинуваат, СДСМ со црна кампања место програма за граѓаните“.

Тезата која нема оправдување беше дека со „бомби“, црна кампања, обвинувања, враќање на стари поминати теми, креирање тензии и вештачки кризи, СДСМ не може да го следи темпото на ВМРО-ДПМНЕ, кое е насочено кон реализација на проекти и кон комуникација со граѓаните.

„Затворени во партијата тие на секој начин гледаат да ги одржат овие теми колку и тоа да е веќе банално и надминато. Занимавањето со овие теми е резултат на немањето на капацитет и одбивањето на СДСМ да се занимава со реални теми, проекти, програми она што е од реална потреба за граѓаните.“

Како и повеќето текстови на овој портал, и овој е направен без аргументи и е целосно невистинит. Преземени се изјави стари неколку месеци, на новинари и на аналитичари, и се извадени од контекст, со што се вметнати во текстот колку да се има прилог во кој се напаѓа опозицијата.

Кога во еден ТВ-дневник има прилози кои траат долго и го пополнуваат речиси целиот термин предвиден за тоа, гледачите остануваат и без други потребни информации, па така во ова информативно издание недостигаше:

Во овој ТВ-дневник имаше и информација за пожарите во Охрид и еден прилог за мигрантите, кои стануваат проблем на Балканот. Овие информации беа коректно стокмени и професионално новинарски обработени.

Како што најави и уредничката на почетокот, „ПР-текстовите“ беа од економскиот блок, па таа рубрика, според неа, беше прва и немаше потреба за дополнителни информации на оваа тема.

Од светот, простор имаше само во помалку од една минута да се протне веста за настраданиот Хрват во Египет.

Спортот беше проретчен со блиц-информации, коректно спакувани во тоа време што програмскиот менаџер им го отстапил.

Тоа беше целото издание на ова телевизиско информативно издание. Би се рекло – ништо ново, ниту неочекувано. Сепак, мора да се заклучи дека пропагандата со засилено темпо оптоварува во овој период. Ако сега имаме вакви вести, какви би можеле да очекуваме во наредниот период, пред парламентарните избори? Вести – копија на Северна Кореја? Или нешто како ЕПП за политика. Од ова приложеново денеска, воопшто не би зачудило вестите да почнуваат и да завршуваат со „успесите“ на владата.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).