„Ние работиме, ние испорачуваме, ние…“
Објавено во Рецензии
on 22 - 07 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Оптимизмот на Груевски за победа на изборите има сериозна подлога]
Пред нас имаме прилог кој претерал со фалењето на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го прави толку нагласено што изгледа „додворувачки“ и предизвикува чувство на непријатност. Впечаток е дека и аналитичарот е избран за да ја воздигнува владејачката партија и да му предвиди нова изборна победа на Груевски!
Линк до оригиналниот напис: Оптимизмот на Груевски за победа на изборите има сериозна подлога
Датум и време на објавување: 20.07.2015, 17:31:57
Датум на рецензирање: 21.07.2015
Рецензент: Оливера Војновска
Наклонетоста кон премиерот се препознава во секоја реченица од прилогот, а таква интонација има и претенциозниот наслов. Написот уште отсега прогнозира дека Груевски ќе ги добие и парламентарните избори кои треба да се одржат во април наредната година (2016).
Ваквата прогноза ја темели на фрагмент од интервјуто на премиерот дадено за друг медиум и на ставот на директорот на Универзитетот „Евро-Балкан“, Александар Даштевски.
Нивните изјави се точно пренесени. Само, за каква објективност на процената и на прилогот во целина може да се говори, ако материјалот се потпира на мислењето на Даштевски – кој во своите јавни настапи ја брани власта, а ја критикува опозицијата и на изјавата на премиерот во која тој вели:
„Оптимизмот го темелам на довербата во народот дека знае да направи вистински избор. Ние работиме многу. Ние испорачуваме тоа што сме го ветиле. Ние држиме до дадениот збор. Ние имаме програма, којашто ја реализираме…“
ЕКСПЕРТОТ И ПОБЕДАТА НА ПРЕМИЕРОТ!
Исто така, во овој исклучиво пристрасен прилог, ставот на Даштевски се генерализира и се претставува како доминантна перцепција на експертската јавност. Па, притоа се констатира:
„Политичките аналитичари сметаат дека оптимизмот на Груевски за победа и на претстојните парламентарни избори има сериозна подлога. Подобрата стартна позиција ја гледаат во спроведените проекти и новите инвестиции и работни места…“
Наспроти професионалниот пристап кој подразбира да се побара барем уште едно мислење.
Но, материјалот што го рецензираме е многу оддалечен од стандардите во новинарската професија, кои налагаат во темата што се обработува да бидат опфатени сите страни. Во конкретниот случај е видливо дека воопшто се немало таква намера. Идејата, напротив, била да се држи само линијата на власта и, поконкретно, на премиерот!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови