„Есеј-турлитава“ полн со сарказми, навреди и со омраза
Објавено во Рецензии
on 17 - 09 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Заевото ново руво]
Политичките мотиви кои се лансирани во овој текст се доволно очигледни. Тековната кампања за демонизација на политичкиот противник во овој случај, СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев, заокружена е во вид на пропагандна стереотипна „теревенка“ преточена во овој, како новинарска форма недефиниран текст. Се случува во сенка на завршницата на изборот на специјалниот обвинител што во корен ќе ја промени политичката клима во државата.
Линк до оригиналниот напис: Заевото ново руво
Датум и време на објавување: 12.09.2015, 09:37
Датум на рецензирање: 15.09.2015
Рецензент: Александар Писарев
ПАРАКНИЖЕВНОСТ
Текстот има амбиции да биде паракнижевност што се гледа и од овој цитат:
„Проѕирната фацијална експресија на самопрогласениот муртински спасител го издава секој негов обид за лага, нешто што тој постојано го практикува, а, според константноста, е чин за кој верува дека е роден. Најверојатно, екипата околу него има една и единствена цела – да го куражи секој пат кога психички ќе падне и ќе ја почувствува вистината дека е „стока“ за една употреба“
Во овој „есеј-турлитава“ полн со сарказми, навреди и со омраза, авторот кој се потпишал со полно име и презиме, не се потпира на факти и не ја пренесува објективно сликата која му е лајт-мотив во приказна, туку прави конструкции, одредува „дијагнози“ и дели лекции.
КОЈ НЕ Е СО НАС – ТОЈ Е ПРОТИВ НАС
Лајт-мотивот е „раскинување на коалцијата“ помеѓу СДСМ и „Граѓаните за Македонија“. Во текстот нема ни обид објективно да се прикажат мотивите за ова „раскинување“. Свесно се прави селекција на информации и преку сопственото толкување полно со сатанизација, дискредитација и со омраза кон политичкиот противник, се обидува директно да влијае на формирање на јавното мислење и на ставот на секој поединец. Притоа, не само што го навредува лично него, граѓаните на Македонија и цела категорија на невладиниот сектор кој не е приклонет кон владеачката партија, туку се пресметува и со довчерашниот коалициски партнер, политичката партија ДОМ, упатувајќи ѝ навреди.
Со тоа оди и збирштина на пораки и на препораки до граѓаните кои неговото мислење треба да го прифатат „здраво за готово“.
„Сепак, колку потсмешливо и да гледате на „раскинувањето“ на Заев со т.н. НВО, кои кога, некогаш во иднина, СДСМ ќе победи ќе мораат да се прекрстат во ВО или во НЛО, факт е дека од овој потег на лидерот народот нешто и научи… Верувале или не, но СДСМ раскина со неверојатни 82 невладини организации?! имало и цели 15 партии во коалицијата?! Ви оди ли умот накај ДОМ? Не, не, тие се „независни“. Настрана, лесно превртливи и многу зелени…“
Убеден дека својата аргуменатција ја презентира во „климатизиран“ простор, смета дека општеството веќе се наоѓа во формиран контекст на толкување и на рефлексија на новиот политички миг што е произлезен од значењето и од интерпретацијата на настаните. Тој е убеден и тоа убедување го пренесува на читателите дека Груевски и во видно изменетиот политички контекст ќе ја извојува изборната победа, односно однаперед го прогнозира поразот на СДСМ на изборите од страна на ВМРО–ДПМНЕ.
Генерално, текстот не може да се дефинира како новинарска форма, бидејќи не пренесува информации, нема извори, не е коментар, не е колумна, во конфузна содржина има трансплантирано дел од некаква си колумна на друг автор и како таков не може да се анализира од апсект на Кодексот на новинарите на Македонија или ИФЈ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови